Македонскиот музички номад Тони Китановски

Македонскиот музички номад Тони Китановски, кој целиот музички багаж со себе го носи и несебично го распостила како килим пред публиката, љубителите на џезот ќе имаат можност во живо да го проследат на сцената на Националната опера и балет на втората вечер на Скопскиот џез фестивал (15.10.2020) во Скопје. Ќе настапи со Little Big Band. Тој не е непознаница за македонската публика. Поклониците на џез музиката ги паметат неговите настапи кои датираат од крајот на 1970-тите години, кога со неговиот музички гуру Драган Ѓаконовски – Шпато одржал бројни концерти. Од 1990 до 1997 година престојувал во САД, каде што дипломирал композиција на музичкиот колеџ „Беркли“ во Бостон, а паралелно компонирал за оркестарот на Херб Помероу и за биг-бендот на Грег Хопкинс, потврдувајќи ја констатацијата за самиот себе дека е композитор кој свири гитара иако неговата прва љубов отсекогаш бил џезот. Жедно трагајќи по нов инвентивен израз го плете музичкиот килим преку дуо и трио камерните џез-состави до настапи со ромски бендови и симфониски оркестри, од композиции за играни и документарни филмови до музика за танцови и перформанси. Соработувал со голем број реномирани светски музичари, меѓу кои се и Грег Хопкинс, Чарли Мариано и Мет Дариау, Американците Јон Саз (туба) и Дејв Вилсон (саксофон), Перуанецот Пјеро Епифанија Осамбела (кахон) и многу други. Дава целосната поддршка и се посветува на младите генерации музичари, а крунисува и музички соработки со младите музичари од овие простори како Кирил Туфекчиевски (бас), Виктор Филиповски (тапани), Васил Хаџиманов (пијано) и Асан Рашид (труба). Во 1998 година, за продукцијата на „Скопскиот џез фестивал“ го објавил својот прв албум „One For Charlie“, а една година подоцна, со своето трио, го промовирал албумот во рамките на кумановскиот „Летен џез фестивал“. Во рамките на „Скопскиот џез фестивал“, во октомври 2000 година, Тони Китановски настапил во дует со македонскиот музички егзибиционист и вибрафонист Зоран Маџиров. Материјалот од овој настап, насловен како „Дует“, бил објавен во 2001 година, од страна на „Скопскиот џез фестивал“. На 37-то издание на Скопје џез фестивал ја имаше концертната промоција на албумот „Big City Scare“ со квинтетот „Панда 5“, објавено под етикетата на Скопје џез фестивал како 142 издание. Познавајќи го неговиот инвентивен израз и поривот за крезација, од настапот на 39-тиот Скопје џез фестив, публиката не очекува ништо помалку туку емотивен и топол израз, кој ќе го награди со долготрајни аплаузи, како впрочем и многупати до сега.