Во лавиринтот на ова време-невреме, преплавени со прашања на кои нема одговор, протоколи кои истоштуваат а не ветуваат нешто посебно, Скопскиот џез фестивал, односно неговите организатори уште еднаш покажуваат дека ентузијазмот, знаењето, искуството, темелната посветеност, па дури и тврдоглавата упорност, се состојките кои ја чинат формулата која може да помести и граници и светови. Забележете, станува збор за заложба на поединци.

Верни на својата идеја да бидеме во друштво на најпознатите и најпрестижните европски и светски џез фестивали, и оваа година не потсетуваат дека Октомври е месецот светилник на културата, на уметноста, на џезот.

Да, време е за ЏЕЗ

Од 14-ти до 17-ти Октомври ќе имаме можност накратко да избегаме од „новото нормално“ и бројките кои проникнуваа страв и да се препуштиме на уживање во примарната емоција која води кон слобода и спасување.

Осум брилијантни изведувачки имиња од Македонија, Европа и Куба ќе се запишат во концертната историја на Националната опера и балет со што Скопскиот џез фестивал уште еднаш ја потврдува својата интернационалната нота и традицијата да го нуди најдоброто од џезот.

Скратената можност за патување на американските и норвешките музичари ќе биде надополнета со онлајн стриминг на три ексклузивни концерти од Осло и Њујорк, овозможени само за Скопскиот џез фестивал. Бесплатен стриминг пак на сите овдешни концерти ќе го направи фестивалот достапен за светот. Скопскиот џез фестивал несомнено е настан кој културно не влече нагоре, програмски едукатор, кој не само што не потклекнува, туку и инаетливо останува цврсто на нозе и силно се бори квалитетот и вистинските вредности да останат на листата на приоритети.