Се враќа Шибенскиот шансониер да не заштити од лошиот вкус, од неодговорното, неукото и лажното.

Благодарение на музичка посвета на својот татко, со албумот “Матија го свири Арсен”, Матија Дедиќ го враќа духот на својот татко, големиот бард на хрватската музичка сцена Арсен Дедиќ, на џез сцената на овогодинешното 39-то издание на Скопскиот  Џез Фестивал во Националната опера и балет во Скопје.

Албумот “Матија го свири Арсен” е издаден на 20 Октомври 2015 година од страна на Кроација Рекордс, а настанал кога Матија понесен од бурата на емоции поради загубата на татко му, во аранжмани за пијано го отсвирел репертоарот кој веќе неколкупати претходно го свиреле заедно. 

Албумот е снимен во септември минатата година во концертната сала Ватрослав Лисински во Загреб. Музичката критика оценува дека Мирослав и Филип Видовиќ од студиото Морис, како и Шон Меги од лондонското студио Аби Роуд направиле фантастична работа за време на сминањето и постпродукцијата. 

http://www.skopjejazzfest.com.mk/images/artists/dedic/dedic_01.jpg

На албумот се наоѓаат дванаесет композиции на Арсен Дедиќ, од  темите на хрватските филмски класици – почетната “Глембаеви” (насловната тема), “У регистратури (насловната тема и Лаура), потоа песните “Ни ти ни ја”, “Све што знаш о мени”, “Куча поред мора”, “Модерато Кантабиле”, “Залуду ме свитовала мати”, “Твоје њежне године”, “Дида мој”, “Разговор с конобаром” и “Не плачи”.  

Користејќи го емотивниот полнеж, од првата до последната композиција, Матија како да води разговори преку регистратури и импровизации. Музиката жанровски тешко може да се стави во само една рамка, иако акцентот е ставен на џезот. Преку разлеаните ноти фрагментирани во убави пасуси, може да се почувствува духот на новото време и амбиенталната музика, како и современата класика.

Со совршено чувство за мелодија, текст и драма, внимателен аранжман и бравурозна техника на свирење, Матија Дедиќ го претвора албумот во комплетно дело. 

Таквата комбинација создава носталгична атмосфера, засилена во композициите “Куча поред мора” и  “Дида мој”, во кои се чувствува влијанието на пијанистот Кит Џерет, еден од музичките идоли на Матија Дедиќ. 

Одличната интерпетација и вокалот на Масимо Савиќ се исто така во совршена хармонија со пијаното на Матија Дедиќ бранувајќи се во приказната преку песната “Разговор с конобаром”. Умерено, џентлменски испеано и со голема почит кон авторот на текстот.

Албумот завршува со уште едно гостување, во кое гитаристот Мирослав Тадиќ се придружува на Матија Дедиќ на песната “Не плачи” и го заокружува албумот преку речиси филмска музичка тема. 

Матија Дедиќ не создаде само капитална музичка посвета на својот татко со овој албум кој   засекогаш ќе остане едно од најдобрите музички достигнувања на овие простори, туку и се поклони пред него како пред поет, човек и пријател. 

Слушајќи го албумот, ми во мислите ми испливаа стиховите од незаборавната “Не дај се Инес”:

” ја нечу имати с ким остати млад ако сви остарите,  и та че ми младост тешко пасти”

не како загубено време и горчлив вкус, туку како спас и оставнина (родениот син и неговиот талент), која под допирот на прстите на Матија Дедиќ го враќа Арсена како од долго патување, да ни каже дека ова море (публиката) му значи многу, се враќа за да каже дека посакува ова сонце да му сјае, се враќа да каже дека овде е пристаништето од неговите соништа , овде е неговата куќа покрај море- во дамарите на публиката, овие луѓе се неговата младост и негов дом.