Оваа трета фестивалска вечер е вечер на синтези. Вечер на спојување на навидум неспојливото. Ако нешто е навистина заедничко за звуците кои ќе имаме можност да ги чуеме, тогаш тоа е неконвенционалноста, различноста, уникатната експресија.

Почнувајќи од 20 часот ќе треба да ги изострите и подготвите вашите сетила за опивачките звуци на австриската инструментална рок и џез група, Радиан. Тие се вистинска синтеза во синтезата. Овие виенски алхемичари со својот експериментален стил, спојуваат светови, хармонии и времиња.Тие својот стил го опишуваат како зумирање и фокусирање на индивидуалните звуци, како микроскопско следење на секој од звуците. Ова е група која резонира електроника и низ годините се фокусира кон себеоткривање и поглед навнатре. 

И додека сме во фаза на гледање навнатре, веројатно веќе сме се подготвиле за она што следува. Вистински џез фри стајл прикажан низ експресионизмот на нашите, домашни, а бескрајно светски артисти, џез ансамблот, Светлост. Именувани како македонско џез-чудо, овие сензибилни креативци бегаат од догмите етикетирајќи се себеси малку послободно како создатели на креативна импровизирачка музика.За нив џезот е медиум за невербална комуникација. Уживајте во нивните звуци, и верувајте….зборови нема да бидат потребни.

Вечерашното патување, веќе од 23 часот ќе стане една сосема поинаква реалност, таква во која границите и препреките престануваат да постојат, а мостот кој ќе ги поврзе луѓето, времето и настаните е ансамблот на Тригве Сеим. 

И покрај невидливите пранги на корона пандемијата кои ја притиснаа и пробаа да ја укотват музиката, вечерва, благодарение на ексклузивниот стриминг во Скопје преку Осло ќе го донесе големиот ансамбл на норвешкиот саксофонист и композитор Тригве Сеим. 

Нераскинливата врска на саксофонот, виолончелото и хармониката ќе зазвучи илјадници километри од нас, и преку илјадници километри за нас. Подгответе се за бројни мелодични и тонски изненадувања и музика која ќе создаде еден поинаков амбиент околу нас и во нас.