2021 прогласена за година на великанот Блаже Конески

Наредната, 2021 година е прогласена за година на Блаже Конески. На стогодишнината од неговото раѓање, Министерството за култура и Министерството за образование и наука се одлучија да му оддадат почит на великанот на македонскиот јазик и литература и оваа година да помине во негов знак.

Од двете министерства воедно ги повикаа сите културни и општествени дејци, академици да го дадат својот несебичен придонес и да ги вклучат своите креативни сили за да биде оддадена достојна почит на Конески во годината што доаѓа. Воедно, Мистерството за култура и Министерството за образование и наука подготвуваат платформа за усогласување на настаните што ќе се одвиваат на национално и на меѓународно ниво.

Инаку Генералното собрание на Обединетите нации ја прогласи 2021 година за Меѓународна година на мирот и довербата, а воедно, 19-ти декември, денот на раѓањето на Конески е ставен и на списокот на значајни јубилеи на УНЕСКО што ќе се одбележуваат наредната година.

Придонесот на Блаже Конески за македонскиот јазик и култура е исклучителен. Покрај неговиот неверојатен писателски опус, Конески е и творец на македонската граматика и правописот на македонскиот литературен јазик. Добитник е на најпрестижните литературни награди во земјата и прв претседател на Македонската Академија на Науките и Уметностите.