Иван Петровски е гитаристот кој се запиша на списокот добитници на наградата „Златен Орикс“ која годинава по четврт пат ја додели Qatar Airways во соработка со Skopje Jazz Festival.

Тони Китановски, Ален Хаџистефанов и Оливер Белопета се членовите на жири комисијата која донесе одлука дека 27 годишниот Иван е најдобар млад џез музичар.

фото: Сашо Алушевски

Иван почнал самостојно да ја истражува гитарата на своја 12 годишна возраст. Подоцна завршува средно музичко образовани, насока трамбон, и дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Работа, работа, работа и секако стремеж кон нови предизвици се нештата кои го носат на многубројни концерти и интернационални фестивали и меѓу кои: MC Gallery – Њујорк, International Music Festival – Ланжу/Кина, Landaa Giraavaru – Малдиви, Jazz and Blues Festival – Косовска Митровица, Охридско Лето 2017/2018 итн.

Како гитарист се појавува во составот на неколку групи и тоа: D.S.H., 3ject, MusaiQ и HigherGround.

Покрај секојдневните настапи како гитарист, активно се занимава и со аранжирање на поп и класична музика.

Несомнено заслужената награда „Златниот Орикс“ на Петровски му беше врачена на последната вечер на 39. Скопски џез фестивал, на бината на Националната опера и балет.

фото: Сашо Алушевски

автор: бон&бона