Скулптурата по дефиниција е гранка на ликовна уметност, уметнички израз во тродимензионални форми и тела. За разлика од сликата која има само две димензии (висина и ширина), статуата има и трета – длабочина. Скулптурното дело содржи онолку композиции колку што има агли на гледање (секоја промена на гледната точка го менува односот на деловите на скулптурата кон целта). За да го разгледаме и доживееме како целина, треба да го видиме од сите страни.

Денес имаме чест да разговараме со Г-дин Драган Попоски – Дада, доајен на македонската современа скулптура. На неговото значајно творештво кое започнува далечната 1964 година и остави силен и препознатлив белег кој и денес е инспирација за многу нови генерации ликовни автори, можеме само да се поклониме. Преку 150 дела се импозантна творечка бројка, богатство за кое слободно можеме да речеме дека е не само негова, туку и наша гордост.

Точката на кој денес застануваме пред него е онаа од која сакаме да погледнеме подлабоко и надвор од рамката на професиоланото. Преминуваме на другата страна на линијата во потрага по одговори кои ќе ни доловат не само скулптор, туку и човек, татко, учител чија трпеливост и посветеност извајале исклучителни дела, но и деца, студенти и продолжувачи на патот на кој проникнува инспирација за перцепирање на скулптурството како значајна уметност.

Кои беа Вашите родители? Во какво семејство пораснавте?

Потекнувам од сиромашно работничко семејство и се гордеам со моите родители. Се родив и пораснав во Прилеп со брат и сестра во прекрасно семејство. Татко ми беше монополски работник, а мајка ми беше помошничка во богата фамилија. Тешко живеевме, татко ми мораше секоја година да оди во Војводина да работи за да не прехрани. Многу се жртвуваа моите родители. Поготово за мене зошто јас боледував често бидејќи живеевме во лоши услови, за што јас сум благодарен. Се сеќавам дека кога бев мал рано ме будеа за берба на тутунот за да не останам сам дома. И кога ќе се вратевме од нива веднаш седнувавме да го нижиме. Тоа ми пречеше најмногу зошто сите мои врсници играа надвор, а јас мораше да седам и да нижам тутун. Кога наполнив 15 години и почнав да одам во средно училиште бев среќен што се ослободив од работата со тутунот. Оттогаш и моите родители се откажаа од работата со тутунот зошто немаше кој да работи.

Ако се потсетиме на почетоците, каде се? Од каде мотивот, желбата, идејата, наклонетоста? Се работи ли за вроден талент кој почнал да се изразува пред да бидете свесни за тоа или е сепак нечија насока?

Уште како дете на возраст од 7-8 години се вртев околу каменоресците. Во тоа време во Прилеп имаше многу клесари – каменоресци и може од тука јас добив желба да го работам мермерот. Не ме насочи никој. Јас го засакав тој т.н занает. Се сеќавам од тоа време, дома на прозорецот го нацртав портретот на Сталин. И кога наполнив 14-15 години едвај чекав да појдам во средно уметничко училиште каде што најмногу имаше деца од Прилеп. Во Скопје завршив средно 5 години и конкурирав да студирам во Белград. Таму поминав една година, а потоа студиите ги продолжив во Загреб (каде што и дипломирав) затоа што во Скопје немаше академија.

Имавте ли дилема при изборот на животна професија? Размислувавте ли практично, можеби за некоја друга професија која овој талент ќе го остави на ниво на хоби или силната пасија не остави простор за такво нешто?

Немав никаква дилема, само го следев патот.

На кој начин инспирира парчето мермер? Идејата за форма ја добивавте при средбата со одредено парче мермер или пак баравте соодветно парче за веќе замислена форма?

Имав желба и премногу љубов, па инспирацијата доаѓаше сама од себе.

Викторија Васева Димеска вели: “кај Дада нема ништо таинствени и мистично, тоа се облици и симболи коишто доаѓаат од заедничкиот регистар на потсвеста и асоцијацијата предизвикана од нив“. Дали навистина е комплетна Вашата отвореност или сепак постои скриена нишка, емоција или Ваша перцепција на створеното кое можеби сакате да го задржите само за Вас или пак оставате публиката да види, слушне и почувствува од она „меѓу редови“?

Работев сам. Желбата и инспирацијата доаѓаа сами по себе, бев сам со мермерот пред мене и нормално дека имав скриени желби и мотиви. Себично си го држев тоа за себе, а кога некој ќе дојдеше прекинував со работа, ги канев на кафе за да не ме прашуваат што работам.

Имате ли впечаток дека публиката чита/гледа меѓу редови?

Не зависи од мене, зависи од нив. Ако некој се интересираше јас објаснував.

Дали некој осврт на Ваше дело ве разоружал комплетно, па она премолченото сепак се доловило?

Секое завршено дело имаше исто значење за мене. Завршував едно па веднаш преминував на друго. Сопругата Иванка беше таа пред која ништо не може да се премолчи и прикрие. Се сеќавам ќе ми се развика “дојди да јадеш па после продолжиш”. Од неа имав многу голема поддршка бидејќи и таа ја сакаше ликовната уметност, конкретно скулптурата.

Каков е Вашиот коментар на таквото разоружување? Признавате? Велите тоа е тоа или едноставно премолчувате оставајќи ја мистичноста да живее?

Најмногу имав верба во моите колеги Карадаре, со кој и ден денес се гледаме, и во Боро Митричевски. Премолчувам затоа што така другата страна може вистински да го види делото и да се искаже.

Како уметник и професор оставивте силен печат на многу Ваши ученици. Каков учител бевте и сте дома, а каков татко? Какво семејство одгледавте? Што и колку од културата како начин на живот успеавте да пренесете на Вашите деца?

Колку сум им помогнал на студентите тие самите знаат, а јас се трудев колку што можев. Мислам дека бев добар татко и сè уште сум, израснав две деца, Весела и Горазд.

Јас ги тестирав моите деца. Весела нацрта по нејзино мислење одлична девојка, а Горазд нацрта портрет ала Пикасо. И одлучив, Горазд ќе оди уметник а Весе гимназија. Горазд ме заменува во струката и добро му оди. Живее во Њујорк и има свое ателје. И тој работи скулптури и има свои изложби. Ме радува тоа што и тој оди по моите стапки а најмногу ме радува што и ќерката и синот ми дадоа прекрасни внуци и правнуци. Внуци Андреј и Ирина од Весела и Лана-Меглена од Горазд. А од внукот Андреј имам правнук Давор.

Има ли нешто што сакате да го промените кај себе?

Имам идеи и промени кои се во мене.

А во третманот на културата?

Би променил многу нешта, но мислам дека нема кој да ме разбере. Да ми беше жива сопругата само таа ќе ме разбереше но таа рано си замина.

Каде грешиме?

Во самоувереноста – во насока јас можам да го направам тоа, а не може.

Има ли начин за подигнување на нивото на општа културна наобразба?

Зависи од свеста на луѓето. Колку се во можност да ги препознаат дарбите во себе.

Вешто извајани дела (скулптури и наследници) проткаени со воодушевувачки размисли за вредностите на животот, уживањето во сегашноста, но и темелна посвета да се остави зад себе безвремена културна трага. Го завршуваме овој разговор со огромна благодарност до Дада и негов личен поздрав за драгите пријатели Драшко и архитектот Киро Стефановски кои се драг дел од секојдневието и покрај оваа, како што самиот вели “кинеска неправда”.

Автор: Бон&Бона