„Состојби на Флоресценција“ е насловена изложбата на Лида Шерафатманд и Милко Нестороски што вечерва беше отворена во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.

Во делата што ги прикажуваат уметниците, како што посочија, изразуваат состојби во кои допира нашиот потенцијал кон бесконечното. Зборот „флоресценција“ , појаснија, се однесува на цветање и повикува за состојбата на процвет во нас луѓето дури минуваме низ најразлични животни услови и предизвици.

– Во природата секогаш постои состојба на транзиција и цветање, па и додека работите минуваат низ еден видлив процес на распаѓање. Цветањето станува возможно во секоја ситуација, без оглед дали таа е пријатна или тешка. Kога посегнуваме кон креативната интелигенција и неизмерниот простор на срцето и душата, ни се овозможува да се движиме напред и да се спротивставиме на стагнацијата, а флоресценцијата станува возможна како за поединецот, така и за колективот, велат Шерафатманд и Нестороски.

Лида Шерафатманд е призната светска уметница, која две години живее и твори во Струга. Одлуката да живее во градот на мостовите ја донела по учествово на симпозиум во Струга, од каде произлегла љубовта кон езерото и лебедите.

– Струга ја поттикнува мојата креативност, можам да се концентрирам, да читам книги да прошетам кога сакам. Се инспирирам. Прирорадата е преубава, тивко е, воздухот е свеж. Многу сум задоволна, рече Шерафатманд.

Нестороски е млад струшки уметник. Најчест мотив му е прашањето за природата на уметноста и творечкиот нагон. Преку слика ја бара улогата на уметноста во човечката цивилизација, од каде произлегува потребата од уметност и која е нејзината основна намена или зошто уметност.

Шерафатманд и Нестороски се основачи на уметничкото движење „флоресценсизам“, кое е основано во текот на пандемија со коронавирусот. Изложбата „Состојби на Флоресценција“ за јавноста ќе биде достапна до 8 ноември.

превземено од МИА, од Слаѓана Стојкова-Костоски