“Тремоло” e меѓународен фестивал на класична гитара кој годинава ја отвори својата втората деценија постоење. Следејќи ги препораките на МЗ, како и повеќето културни манифестации и овој фестивал се одржа онлајн од 29.10. до 07.11. 2020 година. Во конкуренција од преку 25 учесници, годинешен победник е Давид Штрбац кој задоволно вели: Се радувам на својот прв концерт во Македонија следната година!

Елементал: Какво беше онлајн искуството на фестивалот „Тремоло“, верувам дека беше предизвик за сите учесници на натпреварот, па и за вас?

Давид Ш: Исклучително сум задоволен од организацијата на фестивалот и голема благодарност за тоа до Детскиот културен центар – Карпош. Мислам дека е одлично што организаторите одлучија да го следат годинешниот тренд и поради пандемијата да го одржат фестивалот онлајн – многу е битно дури и сега да најдеме начин музиката и концертите да бидат присутни и овој фестивал тоа одлично го направи. Натпреварот секако беше голем предизвик за мене, а верувам и за останатите кандидати, бидејќи ова е прв пат на натпревар да не свирам во живо, туку да морам да испратам снимка. Иако подготовката, се разбира, за натпреварувањето беше иста, како за жив настап така и за онлајн, но сега имаше дополнителни работи на кои морав да обрнам внимание: камера, говор пред настапот, недостиг на публика, за да направам добра снимка и до крај да успеам да ги покажам своите музички идеи.

Елементал: Меѓународното жири имаше многу тешка работа, но на крајот ја крунисаа со победник. Дали се надевавте дека ќе ја добиете главната награда? Што ви значи ова признание?

Давид Ш: Многу ми е мило што на жирито му се допадна моето изведување на овие композиции. Со оглед на тоа дека немам многу искуство на натпревари каде што нема лимит во возраста, оваа награда многу ми значи како потврда дека мојата работа оди во добар правец. Она што посебно ме радува е можноста идната година да настапам на овој фестивал, се надевам во живо, бидејќи една од нјаголемите причини поради која одам на натпревари е токму да добијам можност да одржувам концерти на меѓународни фестивали.

Елементал: Главната цел на фестивалот „Тремоло“ е едногодишна перцепција на ефектите од работата на музичките школи (ученици и наставници по музика) на инструментот – гитара, дружењето и размената на искуства на учениците и педагозите од нашата земја и странство. Какви искуства стекнавте?

Давид Ш:Секако, тоа секогаш била најважната причина и за мене поради која од мали нозе одев на слични фестивали. Посебен впечаток ми остави фактот што на овој фестивал постои одредена група следбеници, кои според тоа што јас го гледам, се појавуваат одново и одново. Луѓето исклучително убаво го поддржаа и ова издание на фестивалот што беше онлајн, и ги следеа прекрасните концерти што беа одржани на социјалните мрежи. За мене беше интересно да се види и на кој начин уметниците прават снимки за онлајн концерти и како ги поставуваат камерата или микрофоните за да добијат задоволувачки резултат, и мислам дека многу научив.

Елементал: Оценувањето на натпреварувачите се заснова на оцена на следите елементи: техничка вештина (спремност), квалитет на звукот, стилски одлики и музикалност, точност на перформансотШто вам ви е најважно кога свирите?

Давид Ш: Според мене, добар музичар мора да биде одличен во секој од овие елементи. Ако еден недостига, тоа многу лесно се забележува по тоа што интерпретацијата може да биде здодевна, безидејна или неорганизирана. За секој од овие елементи најбитно е да се слушаат различни стилови на музика, и дефинитивно не само класична гитара. Можеме многу да научиме од оркестарските и другите класични музичари, но исто така и слушајќи џез, рок, поп и останати правци, кои кога се работи за образованието, треба да одат заедно со класичната музика.

Елементал: Кажете ни нешто за себе, кога почнавте да свирите гитара, како почна сè?

Давид Ш: Свирам од својата осма година (2007 г.). Учев гитара во Белград кај професорите Борис Дјујиќ и Владимир Радуловиќ, за во 2016 година да се преселам во Австрија, каде што почнав да студирам на Универзитетот за музика и сценски уметности во Виена, во класата на професор Алвар Пиери. Се трудам да настапувам што повеќе бидејќи исклучително многу уживам во патувањата и концертите. Обично имам околу 30 концерти годишно во различни формати: рецитали, камерна музика, хуманитарни концерти … Досега сум одржал солистички концерти во Австрија, Англија, Хрватска, Словенија и Србија, и се радувам на својот прв концерт во Македонија следната година!

Елементал: Кој ви беше пример во гитарските почетоци?

Давид Ш: Секој од моите учители за мене беше голем пример, но ако зборуваме за уметници на кои им се одушевувам и често ги слушам, тоа би биле мојот сегашен професор Алваро Пиери, и гитаристи како Пако де Лусиа, Пепе Ромеро, Џон Вилијамс, Џулијан Бреам …

Елементал: Какви се вашите идни планови? Што е следно на професионален план?

Давид Ш: Моите главни цели во кариерата се редовно да свирам концерти на музички фестивали, како соло така и во камерни состави, и да станам професор на некој универзитет во Европа. Се разбира, ова навистина големи цели и свесен сум за тоа, но тоа е она што сакам да го постигнам. Еден од првите чекори кон тоа се разбира е добрата соработка со организаторите на фестивалите, како што е овој, и би сакал првата награда на „Тремоло“ и концертот што ќе го одржам наредната година да ми го отворат патот кон долгогодишна соработка, можеби дури и некои нови можности за концерти на овој и на други фестивали во регионот.