Приказната за еден проблем поврзан со врсничко насилство е всушност само синоним за силеџиството во сите пори од општеството.

“Театарот за деца и млади” и “Детскиот ликовен центар”, денес, 18 ноември 2020 година, го фрлаат каменот, секој својот, како отпор против насилството и дискриминацијата.

Горјан Милошевски и Хана Миленковска се автори на текстот за театарската претстава со наслов „Што е силеџија“. Преку приказна за врсничкото насолство, поточно силеџиството во едно средно училиште, вешто ги вадат од под тепих длабоко напластените причини за насилството кои произлегуваат од еден долг и сложен синџир на односи, трауми, случки, силеџии од детството, силеџии од сегашноста итн.

Веќе живееме во време кога сме освестени за повеќеслојноста на овој проблем. Мора да се најдат причините, настаните, луѓето кои од едно нормално дете, еден чист човек направиле силеџија. Кои се силеџиите на силеџиите? Кои се факторите за еден човек да манифестира силеџиство? Со режисерката, Хана, овие проблеми и овие прашања ги разгледуваме преку триаголникот: семејство, игралиште и школо. Значи причините мора да се бараат во минатото, во околните причинители, средината: семејството, училиштето и местата каде младите играат со своите другари, се наведува за претставата.

Улогите на ликовите во претставата ги играат: Никола Наковски, Петар Стојанов, Мики Анчевски, Матеа Јанковска и Ангела Димитрова.

Бунт на истата тема, исто денес, 18 ноември 2020 година, ќе биде изразен и во Детскиот ликовен центар во Кинотеката на Македонија.

„Борба против насилството и дискриминацијата меѓу децата во спортот“ е насловот на изложбата која ја организираат Федерацијата на училиштен спорт на Македонија и Детскиот ликовен центар, а на која ќе бидат презнтирани наградените ликовни творби од конкурсот.

На изложбата ќе бидат претставени 242 детски ликовни творби и 23 инфопанели. Поради КОВИД-пандемијата и за заштита на здравјето на децата и наставниците, нејзиното отворање ќе биде онлајн.

На конкурсот за прво место се наградени учениците: Павел Милановски, Герардо Сиљаноски, Ива Затенко, Михаил Ламбевски, Сара Цветкова, Сара Цветановска, Џерен Нуредин, Бојана Цветковска и Мила Величковска.

За второ место се наградени учениците: Ана Марија Трајковска, Кристина Матеева, Анастасија Спасевска, Ана Манчева, Мелани, Нина Зикова, Ива Богдановиќ и Сашка Билбиловска.

Наградени ученици со дипломи за трето место се: Ива Јакимовска, Драгана Златева, Марија Гичевска, Ерика Ива Јаковлевска, Илина Кузмановска, Карма Менко, Марија Бошкоска, Марија Димитровска, Теа Анчовска, Петар Илоски и Влера Чиче.