Никогаш објавената книга фотографии и стихови Созерцанија е составена од два навидум различни медиуми, кои во книгата креативно кореспондираат и меѓусебно се надополнуваат. Секоја фотографија е проследена со еден кус лирски запис која ја доловува атмосферата, ја приближува идејата и приказната во фотографијата, го надополнува естетското дожувување, но функционира и како феномен сам по себе. На ист начин и секоја фотографија комуницира со придружните стихови, ја засилува поетската слика, го визуелизира самиот текст и го доеестетизира реторичкиот ефект, но и живее сама по себе.

“Помислата за Тебе го расипува совршеното созвучје на
НЕБОТО, ВОДАТА и ЗЕМЈАТА!
Оган си, што гори исконски страсти,
го распламнува насушното чуство Љубовта.”

Мавровско езеро, Мај 2009 – Дарко Петровски

„Вешто испреплетувајќи го поиезисот на зборот и светлината, Петровски ни ги открива во себе двата таланта, со кои штедро обдарен, тој на светот му ја приопштува незалезната убавина на мигот што сведочи за присуството на вечноста во времето. Секоја честица од фотографските амбиенти ја исповеда совршената убавина на постоењето. Имено затоа, доминанта на оваа поетска колекција е постојаниот допир на два универзума, коишто надвор од секоја случајност или алеаторика, во заумното траење на вечното “сега”, ја образуваат лирската слика на секое од четериесетте пеења од кои е составена книгата. 

Песните и фотографиите не се дополнуваат. Тие ја немаат функцијата на некакво ортопедско помагало на уметничкиот дискурс. Во својот естетски суверенитет секоја песна и секоја слика образуваат парови од неслеани и истовремено неразделни поетички целини, кои упатуваат на примарната поента дека убавината останува убавина независно од тоа дали нејзините чинители ќе бидат разделувани, мултиплицирани, ќе се појавуваат во својот монолитен образ или ќе се уситнуваат до бесконечност. Со други зборови убавото во себе го содржи холограмскиот принцип според којшто секој  елемент во себе го содржи логосот на целината, или како што вели авторот: Убавината се крие во малите различности, во невидливите другости, во тајните несклади…

– од рецензијата, Митрополит Методиј Златанов