Созревањето е во едноставноста. И личното и уметничкото.

Природата е сила која фасцинира и нуди врвно уживање. Без претерани восхитувања но со длабоки мечтаења по мир. Кога само би дозволил животот сето време да се помине во планина. Во отсуство на таква привилегија, јога и фитнес се чуварите на физичкото и менталното здравје. Од тука се црпи посебна храброст да станеш уште подобар и за себе и за семејството, затоа што само така е лесно справувањето со предизвиците во ова време.

Мали уживања во добра храна и ритуално пристапување кон нејзино спремање, најчесто за рустикални јадења. Од друга страна најголем восхит од децата – љубов која физички можеш да ја почувствуваш и сила која можеш да ја допреш.

На сето тоа, цртање, сликање и пеење ја комплетираат сликата за голем уметник со цврсти ставови.

Јас сум, мој индентитет, мој став, мојот свет! – Одблиску разговори со Софиа Насевска Трифуновска – актер во Македонски народен театар.

Бев многу храбро дете, со голема самодоверба и решителност. Со постојана потреба сценски и ликовно да се изразувам. Карактеристики кои моите наставници уште во основно ги препознаа и ме понесоа по патот кој ме доведе до театарот. Во средно повеќе бев во театар одошто на училиште или на кое било друго место.

Секогаш работевме аматерски, или гледав постојано некоја претстава по 235-ти пат. Бев фасцинирана од слободата на актерите. И сега многу ме радува кога ќе ја видам таа страст кај некои млади деца денес. Бев исклучително бунтовна и постојано се борев, силно горев и секогаш, секогаш без исклучок го правев она што го сакам. Добивав награди и сè искачував нагоре, сиот фокус ми беше напред, накај победите. Не размислував за пораз. А, поразите се потребни за да се осознаеш себе. Кога пораснав, сфатив дека од нив повеќе се учи. Поразите ме созреаја. Сега, наспроти тоа, сум многу мирна личност.

Нема паузи, ако не правиш едно, правиш нешто друго со кое се идентификуваш. Академските денови беа лудо време, со куп турбулентни, драматични периоди на осознавања, растења и падови. Време во кое се бараш себеси и ќошето во светот кај што припаѓаш. Јас се најдов целосно во тој малиот дом на ФДУ, на тој ненаметлив комплекс полн со живот.

„Во целата кариера, ќе имате можеби само неколку бесценети мигови, кои веднаш колективно ќе ги препознаете, и вие и публиката. Ама за тие неколку, колку малку и да се, вреди цело животиште да го минеш во театар“ е суштина која мириса на пролет, свежина која го одржува жив споменот на мојот професор.

– Созревањето сè уште ми се случува, секојдневно. Вистинското разбирање на професијата мислам дека започнува во театар, кога актерот ја напушта факултетската лулка и се соочува со секој предизвик сам. Не е лесно но се бориш. Созревањето се колегите и процесите. Јас уште учам затоа што мојот професор ме научи да истражувам и да не бидам никој друг освен ЈАС.

А кога си ти и само ти …

Да си жена е привилегија и голем предизвик. Да си актерка е гордост и одговорност. Често сме обесправени во однос на улогите кои ги добиваме, многу помалку женски претстави има, одошто ексклузивно машки. 25 машки лика, младата и старата. Ќерката и мајката. Убавата и смотаната. Клишеа. Тоа треба и мора да го промениме. Актерството е игра која значи живот додека ја играш. Ќе ти го збогати, ќе ти го продолжи или ќе ти го скрати. Ништо секојдневно нема во актерството. Повик е и вистинска привилегија. Секако примарен е талентот, но не штети да се има среќа. Себепромоцијата е посебен талент кој игра огромна улога во нашиот свет. Јас повеќе се фокусирам на работа врз себеси и сакам оттаму да ми се роди успехот.

фотографија: Трајче Галевски

Јас повеќе се фокусирам на работата врз себе си и сакам оттаму да ми се роди успехот.

Вечноста се создава со распостилање на искреност, пред сè кон себе си. И само тој е начинот кој те прави достоинствен за сцената која камењата ги претвора во уметност која исцелува.

– отсекогаш ме восхитувал фактот дека во кој било антички локалитет, единствено нешто кое сè уште активно ја задржало својата функција, е амфитеатарската сцена. Денес играме претстави на сцената на Хераклеа, со неповторливо чувство на минливост и вечност. Таков бил театарот отсекогаш, таков е и денес. Минлив, а вечен. Времето ништо не му може. – секогаш кога работам претстава, во глава ја визуелизирам сцената и костимот. Општиот мирис и атмосфера, сценографски и костимски. Сакав и сè уште сакам да се обучам на тоа поле. – немам посебни механизми за справување, освен да не бидам ништо друго и никој друг освен себе. Не сакам друг идентитет и не поднесувам лажги и инфантилни манифестации на его. Си ги сакам колегите, дисциплинирана сум и го барам својот максимум. – секако дека постои конкурентност, тоа го носи професијата. И повторно мислам дека до сите најлесно се стига со искреност кон себеси. Фокус кон себе, а не кон другите и така само себе треба да се победиш, што не е секогаш лесно. – секој бира колку ќе е гласен општествено и на кои теми. Јас сум приватна личност и бирам разговори со вистински луѓе. Не се колебам да кажам мислење на човек кој стои пред мене и лично не чувствувам потреба поинаку да се експонирам. Уметноста има сила да го изрази бесот, фрустрациите, тагата, да зборува за сè што нè боцка и боли, микро и макро. Затоа ја бирам како мое борбено поле.

– се обидувам да го разберам секој лик, ја анализирам неговата психологија и пориви, оттаму трга мојот однос со улогата. Се радувам на процесот на осознавање, кој трае сè додека ликот постои. Од текст, станува крв и месо со пориви и желби и за мене тоа е магијата на актерството. Можноста да освестиш толку различни состојби, работи како психотерапија.-би сакала да го работам она што јас сакам, зашто како актери не секогаш ја имаме таа привилегија. Сакам мали ненаметливи претстави, со помалку актери, добар текст и многу суштина.

Што би им кажале на режисерите?

На режисерите би им рекла да бидат искрени и да си ги почитуваат актерите. Со таков однос се создава успех. И да не се претенциозни. Ич не сакам претенциозност.

Три книги:

  • “Патот“ – Кормак Мек Карти
  • „Соларис“ – Станислав Лем
  • „Серотонин“ – Мишел Уелбек

Три серии:

  • „The leftovers“
  • „The Office“
  • „The Affair“

Три филма:

  • „Eternal sunchine of the spotless mind“
  • „Eye origins“
  • „Dunkirk“

Видео материјал со Софиа Насевска Трифуновска

камера и монтажа: фотографија: Трајче Галевски