Зошто некои луѓе успеваат, а други не?

Сите трагаме по тајната на успехот. Се огледуваме на успешните луѓе и ги имитираме нивните постапки, а голем број мотивациски автори имаат напишано безброј книги во кои тврдат дека го имаат вистинскиот рецепт за постигнување успех. Книгата на Анџела Дакворт, „Моќта на цврстиот карактер“, исто така го истражува успехот, но тоа го прави од еден поинаков агол. Ни го претставува – како што вели и самиот наслов – цврстиот карактер (англ. grit).

Според Дакворт, авторка и научничка, цврстиот карактер е посебен спој во кој се вплеткани страста и долготрајната упорност. Дакворт се спротивставува на митот дека талентот е сè и ја потенцира важноста на истрајноста служејќи се со различни успешни приказни – од оние на професионални фудбалери до келнери.

Преку своите студии, таа развива скала преку која секој може да си ја пресмета истрајноста. Одговарајќи на десет едноставни прашања, читателите можат да ја оценат својата истрајност на скала од 1 до 5.

Но што ако резултатот што ќе го добиете е понизок од тој што сте го очекувале? Без грижа, книгата на Дакворт содржи и голем број техники и тактики со кои секој може да ја подобри својата истрајност и да стане она што народски се нарекува „цврст карактер“.

Самата Анџела целото детство го слушала својот татко научник како ѝ вели: „Не, дефинитивно не си гениј“. Сепак, мошне млада ја добила стипендијата „Мекaртур“, која се нарекува „стипендија за гении“ и е симбол на официјалното признавање на исклучителноста. Потпирајќи се на својата лична исповед и професионално истражување, Дакворт го опишува патот на учење, дообразување и советување – до постигнување ненадминливи резултати.

Прониклива, остроумна, победнички настроена, ова е книга што го менува животот – задолжително четиво за секој што сака да успее!