Бев многу среќно и задоволно дете и отсекогаш знаев дека сакам да бидам актерка. Кога ме примија на ФДУ, се пронајдов себеси. Мојата класа е моето второ семејство. И ја имав таа голема среќа Владимир Милчин да биде мојот професор. Тој човек ме научи на сè.

Нејзиното детство е почеток на сето она што е денес. За себе вели дека сето она што не знаела да го каже, умеела да го покаже, да го испее, да го одигра.

Вљубена во несебичните, вредните, храбрите, во оние луѓе што не му се плашат на системот и оние што умеат да мислат и да се грижат за другите луѓе.

Созреала со соништа што повеќето ги остварила и вели дека сега е време за нови соништа и цели. И само созревањето како актер за неа е процес што вечно трае.

Вели дека целиот нејзин живот е составен од епизоди на луѓе што заминале, луѓе од кои таа заминала и луѓе што останале. И од сите епизоди е задоволна. За мојот став, за мојот свет! – разговори одблизу со Емилија Мицевска Трајковиќ – актерка во Драмскиот театар.

фото: Трајче Галевски

Што значи да се биде жена актер?

Тоа значи паметна жена. Комплицирана за светот, а во суштина наједноставна. Често осамена, бидејќи сме несфатени, а толку полни со живот. Борбени, а истрајни, чекајќи ги шансите за свои креации. Но нашиот пат воопшто не е мед и млеко. Воопшто не е лесно да се биде актер. Има периоди кога чекаш. И ништо не се случува. Нема улога за тебе, тоа знае да убие. Женските ликови се помалобројни во однос на машките. Има толку многу актерки, а толку малку ликови. Значи, постојано сме во некоја борба за да дојдеме до мир.

Актерството за вас е: игра, професија или живот?

Актерството ми е сè. Преку овој свет се имам оформено како личност, јас сум сè што сум одиграла, сè што не сум одиграла, сè што сум прочитала, сè што сум доживеала. Кога сум на сцена, јас сум жива, давам и добивам. Секогаш сум нетрпелива за следниот проект и го работам со огромна посветеност и љубов. Значи, актерството за мене е сè. И игра и професија и живот. Сè.

Талент или среќа?

Талентот мора прво да се открие. Потоа треба многу да се работи и на крајот со талентот доаѓа и среќата.

Каде е театарот денес?

Театарот денес е меѓу два света. Едниот спие во утроба, а другиот се обидува да заземе нови форми за да преживее. Се бори, се обидува да се прероди. Не му се спие, не му се одмора, не смее да одмора. Ова време е голем предизвик за театарот и верувам дека ќе нè однесе до убави резултати. Долго време театарот се бори со сите медиуми што нè гушат и што ни се на дофат и затоа ние ја обожаваме публиката што одлучила да дојде на претстава. За време на пандемијава играв една претстава. Публиката беше жедна за театар. Ние бевме жедни за игра. И покрај дистанците и покрај маските. Театарот живее.

Во која театарска форма се гледате?

Јас живеам за сцената, формата не ја избирам. Не избирам ништо, само дајте сцена.

Кое е вашето оружје да се изборите за својот свет и идентитет како актер?

Си ги ценам шансите. Добро ги искористувам. И вложувам многу страст, многу љубов. Без љубов, ништо. Љубов, страст и разбирање. Тоа сум јас.

Дали постои конкурентност на театарската сцена?

Постои конкурентност во политичката моќ. Тие цели ни го задушија театарот. Погледнете кои се ѕвезди во државава. На црвен тепих се пречекуваат политичари, а не уметници. Затоа сметам дека нема конкуренција. Има само борба за проекти, па за следен, па за следен. Секако дека добрите некако ќе се издвојат. Но, вака како што стојат нештата е мноооогу тешко. Конкуренцијата ја разбирам како нешто убаво, здраво и потребно, а во ова општество очигледно ништо не е здраво.

Гласноста на актерот кон општеството за вас е? 

Треба да биде погласен. Да не биде придушен, да не биде исполитизиран, треба да биде критика за општеството, треба да биде чувар на доброто. 

Како ѝ пристапувате на секоја нова улога?

Како мајка. Тоа е моја креација. Многу сум посветена, прецизна. Долг е процесот на создавање и разбирање на ликот. Секој лик е различен, комплексен, моја обврска е да разберам. А тоа е најтешкото, но и многу возбудливо. Без оглед на тоа за каков лик станува збор, одговорноста е голема и секогаш мора да биде изиграно како првпат.

Што би им порачале на режисерите?

Би им порачала да им даваат шанси и на актерите со кои никогаш не работеле. Би им рекла браво што им даваат шанси на млади и невработени актери. Почесто избирајте ги! Но, да не ги забораваат постарите колеги. Работете женски претстави.

Книги:

„Хамлет“ – Вилијам Шекспир

„Јустина“ – Маркиз де Сад

„Мистеријата на пасијансот“ – Јустејн Гордер

Филмови:

„Endless poetry“ – Alejandro Jodorowski

„You the living“ – Roy Andersson

„La grande bellezza“ – Paolo Sorrentino

За музика би зборувала многу, но сега нека е она што го слушам периодов:

„Fleetwood Mac“ – Rumors

И мојата омилена серија:

„Fleabag, Fleabag, Fleabag“

камера и монтажа: Трајче Галевски