Оваа недела актерите од Театар Куманово работеа на еден мал видео проект наменет за децата.

Се работи за драмски читање на четири приказни од изданието ,,Бајки од Македонија“ на Арс Ламина.

Актерите: Нина Максимова, Александра Михајловска, Сања Русеска, Владо Дојчиноски, Давид Илиќ, Владанка Димковска и Жарко Јовановиќ ги прочитаа приказните ,,Девојчето и дванаесетте месеци“, ,,Момчето и златното јаболко“, ,,Вејко Северко“ и ,,Двата Цара“.

Целиот проект беше поддржан од локалната телевизија ТВ Плус и Фото Студио Стил во чии што простории се наоѓа новогодишниот сет.

Целта на видеата е да се создаде продукт за децата во зимска, новогодишна атмосфера. Една сериозна театарска институција треба одговорно да учествува во градењето на нова театарска публика и во едукативните процеси на најмладите.

Театар Куманово по последниве шест години оддржува постојан детски репертоар и секоја сезона има барем по една премиера за деца на особена радост на целата екипа.

Контактот со детската публика е нешто што ансамблот не го прекина дури и во време на пандемијата. За време на карантинот актерите од овој театар работеа на онлајн видео проект ,,Читаме по дома“ во соработка со Издавачки центар ТРИ.

 Подоцна, со регулирање на настаните од отворен и затворен тип, на репертоарот се појавија дури две нови детски претсави работени и изведени според здравствените протоколи. Летово на отворено се изигра дуодрамата ,,Приказна за една шума“, проект на младите актери Никица Јанковски и Матеј Стојковски, а веднаш потоа ја имавме премиерата на ,,Трнорушка“ во режија на Бојана Краљевска.

,,Новогодишни приказни“ е подарок од актерите за децата од Куманово со мала новогодишна желба наредната година да се гледаат многу повеќе, во живо, во полниот салон на Театар Куманово.