Промовирана е книга „Сеќавања за иднината“, автобиографски рефлексии на Цветко Смилевски, издание на Бизнис академија Смилевски-Скопје и БАС Институт за менаџмент-Битола.

Според универзитетскиот професор и македонски дипломат Ѓорги Филипов, рецензент и промотор, книгата на професорот Смилевски е прекрасна за читање и се одликува со специфичен пристап кон еден автобиографски поглед врз себеси и своето дело.

– Книгата „Сеќавања за иднината“ претставува извонредно четиво од областа на менаџирањето на себеразвојот прикажан во вид на невообичаен инвентивен пристап, избегнувајќи ја вообичаената хронолошка структура кај овој вид авторски дела. Делото дава насоки како да се постави основната задача на човека, да остави трага на своето постоење за генерациите по него, некаде во иднината да се сеќаваат на него, како што тој, авторот Смилевски раскажува за минатото, за да иницира следбениците да ги користат неговите искуства и да успеат во иднината. Книгата обилува со фотографии кои ја прават уште поубава и затоа визуелните рефлексии ги надополнуваат вербалните. Професорот Цветко Смилевски преку наставата за кадровски менаџмент на постдипломските студии на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје, е прв којшто го воведе поимот менаџмент на Универзитетот УКИМ, нагласи промоторот Филипов и додаде дека како рецензент и промотор сакам да кажам дека сè што направил професорот Смилевски можам да го опишам со еден збор – импозантно.

Во книгата „Сеќавања за иднината“ автобиографски рефлексии на Цветко Смилевски публициран е животниот и професионалниот пат на авторот од неговото родно Сливово преку образовниот процес во Битола и Риека, основањето на Бизнис академија Смилевски-БАС, неговиот менторски и друг придонес во заедницата.

– Книгата е посветена на децата на моите деца, но и на учениците на моите ученици како моја посветеност за идните генерации. Користејќи ја оваа книга можете на вашите ученици, на вашите идни генерации да им покажете дека можат да најдат нешто корисно и употребливо. Секое дело вреди онолку колку што ќе биде читано. Јас се надевам дека тоа ќе се случи, порача професор д-р Цветко Смилевски, автор на книгата.

На онлајн промотивниот настан пригодни обраќања имаа универзитетските професори Живан Живковиќ, Слободан Ќамиловиќ, Даниела Андоновска Трајковска и Гордана Тасевска, како и поранешниот македонски министер Ѓунер Исмаил.

превземено од МИА, Марјан Танушевски, Битола