ПОЛИВУД – Патепис до корените на Холивуд

Современата полска филмска индустрија е предводена од импресивни маестра како Кшиштоф Кижловски, Анджеј Вајда, Анджеј Жулавски, Анджеј Мунк и Валеријан Боровчик, кои на поклониците на седмата уметност им овозможија врвни естетски и епикурејски искуства, но полскиот режисер Павел Фердек се одлучува на еден поинаков пат, пат кон корените на кинематографијата и тоа не на националната-полската кинематографија, туку на пра-мајката на седмата уметност – “државата Холивуд”.

Долгометражниот документарен филм Поливуд на полскиот режисер Павел Фердек, кој е снимен според  истоимената книга од Анджеј Краковски оди по стапките на основачите на Холивуд, луѓето како Сем Голдвин, Луис Б. Маер и браќата Ворнер, кои пред повеќе од еден век ја напуштиле Полска и поминале фасцинантен пат за да станат божествени покровители на кинематографијата. Поливуд е универзална приказна за големите соништа, како и за храброста и одлучноста истите да се остварат – како што полските емигранти го исполниле својот „американски сон“ создавајќи ја “фабрката за соништа”.

Тие како да пркосат на крилатицата на германскиот драматург Брехт: „На хероите им требаат многу мали луѓе за своите подвизи, а за малиот човек најважно му е да го избегне учеството во овие подвизи”. Бенџамин Врона, сиромашен еврејски чевлар од мало село во Полска, мигрирал во Америка со своето семејство во 1886 година. Го сменил своето презиме од Врона во Ворнер, а неговите синови ќе ја формираат познатата филмска компанија Ворнер Брос.

Сличен е и примерот со малиот човек Сеумл Гелбфис, кој во 1885 година патувал пеш речиси 1.500 километри до пристаништето Кале во Франција за да се качи на еден од бродовите кои го однеле во Њујорк. Дваесет и седум години подоцна, како Самуел Голдвин, тој го снима својот прв филм Indian husband, кој воедно е и првиот игран филм во историјата на кинематографијата, кој е снимен во Холивуд.

– “Точно е она што го велат: сите холивудски гиганти доаѓаат од областа на 500 километри околу Варшава. Зошто? Тоа е прашањето!” – вели Грегори Ор, внук на еден од браќата Ворнер. 

Режисерот Павел Фердек се обидува да ја открие тајната на успехот на полските емигранти и да дознае за најдлабоките тајни на Холивуд. Допира и до современите  филмаџии – вклучително и современи емигранти, кои откриваат како самите постигнале успех во Холивуд.  Во тој контекст можат да се слушнат ставовите и приказните на Брет Ратнер- режисер и продуцент, Санди Лиеберсон- продуцент, Стив Бинген – историчар, Мона Меј – костимограф и многу други. 

Фердек сака да ги разбере методите на работа на пионерите на киното и во исто време да открие дали постои универзален рецепт за успех. Тој не сака само да ја раскаже нивната приказна, туку и да ја доживее преку ова филмско патување, за кое Фердек вели: “Дојдов до заклучок дека не сакам да снимам строго историски филм. Ме привлекуваше енергијата на луѓето за кои зборував. Сакав да направам авантуристички филм во духот на патното кино. Имав сè на располагање. Отпрвин, помислив дека гледачот ќе го водам само во светот на Америка и одеднаш, на мое изненадување, открив дека морам да станам херој. Никогаш порано не сум играл таква улога. И во овој случај улогата беше двојна, бидејќи морав да ја режирам целата работа. Тоа беше опасна задача: да се биде и пред камерата и да се биде компетентен режисер.”

Авторот не претендира да суди и морализира за методите на работа во “најкомпетитивното општество” во светот, во кое е речиси незамисливо да се биде постојано успешен, поради конкуренцијата која е незамисливо жестока и каде можностите за неуспех (оксиморонска синтагма) се статистички поголеми отколку можностите за успех. Не секој кој што дошол во “најосаменото место на светот”, го реализирал својот сон. Многумина останале да сонуваат нечии туѓи соништа. Итро користејќи го талентот на имитаторот на Стивен Спилберг, Фердек во неколку секвенци ги руши кулисите, го згаснува блесокот на рефлекторите и ја покажува другата страна на Холивуд: разочарани, осамени и празни души, кои како што реков, следејќи ги сопствените соништа – станале бледи копии на божествените привиди на “фабриката за соништа”. Впечатлива е сцената во која Фердек, откако го заврши интервјуто со имитаторот-двојник на Спилберг, му подава банкноти (го наплаќа договорениот настап), а “великиот” Спилберг ги зема и тогаш се случува откровението – паѓа маската и гледачот како да се буди од сон : виденото не било тоа, слушнатото било нешто друго.

Кај гледачот останува мачното чувство од доброволно прифатената измама, но и убавината од боите и собитијата на стварноста, кои понекогаш, иако иронично, изгледаат реално само кога ги гледаме на големото платно.

Филмот е добитник на престижната награда на Филмскиот фестивал во Краков.

автор: МАНА