Педесет години од смртта на Игор Стравински – Композитор кој го смени звучниот пејзаж на 20-тиот век

Рускиот композитор Игор Стравински почина на 6 април 1971 година на 88 години во својот апартман на Петтата авенија во Њујорк. Композиторот, кој со својата музика засекогаш го измени звучниот пејзаж во 20 век, како ретко кој творец, за време на својот живот уживаше во благодатите на својата уметност. Стравински е клучна фигура во музиката на 20 век, еден од најоригиналните творци во историјата на музиката, најмодерниот модернист како што го нарекуваат историчарите. Оваа година се одбележуваат пет децении од неговата смрт,

Музиката на Стравински е автентична и возбудлива и беше избрана од Волт Дизни за илустрација на создавањето на светот. Соработуваше со Пикасо, беше инспирација за низа композитори од Булез до Тавенер. Игор Стравински (1882-1971) е еден од најзначајните автори кои на почетокот на 20 век го носат модернизмот во музиката. Дури и во својата музика, тој двапати ќе го смени стилот и насоката, толку радикално што делата напишани во двете фази, звучат толку различно, како да се напишани од двајца композитори. Без него, музиката во 20 век ќе заземеше сосема различен курс …

За пошироката публика, најчеста прва средба со неговата музика е преку познатата анимација „Фантазија“ на Волт Дизни, во која неговото најпознато дело „Посветување на пролетта“ е составен дел од илустрацијата на најдолгата секвенца во филмот – создавањето на земјата и ерата на диносаурусите. Многу познати музичари ја зедоа оваа композиција како мотив и инспирација – Орнет Колман, Чарли Паркер, Џони Мичел, „Пет шоп бојс“ … Музиката од ова ремек-дело беше инспирација и за филмската музика на Бернард Херман за „Психо“, на Џери Голсмит за „Планетата на мајмуните“, на Џон Вилијамс за серијалот „Војна на ѕвездите“.

Стравински израснал во Санкт Петербург, Русија, каде неговиот татко работел како пејач во Империјалната опера. Неговите родители го обесхрабрувале во неговата идеја да гради музичка кариера, и инсистирале да студира Правен факултет на Универзитетот во Санкт Петербург. Таму се спријателил со Владимир, најмладиот син на композиторот Николај Римски-Корсаков, кај кого ќе започне да зема часови по композиција. Со Корсаков работел се до неговата смрт во 1908 година. Во тој период јa напишал „Погребна песна“ која му ја посветил на својот професор Римски-Корсаков, Симфонијата во Ес-дур, како и две други брилијантни дела „Фантастичното скрецо“ и „Огномет“ кои го привлекле вниманието на познатиот импресарио Сергеј Дјагиљев. Тој бил во потрага по руски композитор кој требало да напиша музика за балет според легендата за „Жар птица“ која требало премиерно да се изведе во рамки на „Руски балетски сесии“ во Париз. „Жар птица“ се извела во 1910 година и доживеала голем успех. До тогаш Стравински, неговата жена и двете деца живееле на релација меѓу Франција и Швајцарија, каде што ја напишал и музиката за балетот „Петрушка“. Оваа музика премиерно била изведна во 1911, но не доживеала толку голем успех како „Жар птица“. Затоа пак, премиерата на „Посветување на пролетта“ во Париз во мај 1913 година поминала најсензационално. Во ова дело примитивизмот на сценариото, во кое една млада девојка е избрана да биде жртва, и да танцува до смрт е во силна врска со драматичната партитура на Стравински во која доминира дисонантноста и неправилните ритми.

За време на животот на Стравински се случиле три важни настани кои го промениле светот – Двете светски војни и Руската револуција, и сите извршиле длабоко влијание врз неговата кариера, неговиот живот. Го детерминирале неговиот музички стил, и избрале местото кое ќе биде негов дом. По премиерата на „Посветување на пролетта“ тој накратко се вратил во Русија каде започнал да ја пишува својата прв опера „Славејот“, но по уште една кратка посета во 1914 година, таму нема да се врати таму цели 48 години. Семејството на Стравински ќе ги помине првите години од Првата светска војна во Швајцарија, каде имало лимитиран простор за изведба на неговите дела, посебно на големите, оркестарски композиции. Се свртел кон создавање на помали музичко-сценски дела како „Ренард“ и „Приказна за војникот“, композиции кои го антиципираат развојот на музичкиот театар во доцниот 20 век. По војната, Симфонија за дрвени дувачи, посветена на Дебиси е едно од најзначајните негови достигнувања со мозаична структура, додека балетот „Венчавка“ напишан за солист, четири пијана и перкусии заедно со комичната опера во еден чин „Мавра“ претставуваат конечно збогување со руската култура и фолклор кои дотогаш беа стожер во неговото музичко творештво. „Мавра“ всушност го најавува новиот стил кој доминира во неговиот опус создаден во 1920-тите. Дјагиљев уште еднаш му прави нарачка за балет – бара од него да создаде дело во стилот на „комедија дел арте“, инспирирано од музиката на Џовани Перголези. Резултатот е „Пулчинела“ во која Стравински употребува барокни форми и теми, преку кои како што самиот изјавува го открива минатото, суштината врз која почиваат неговите дела. Меѓу двете светски војни, Стравински е стациониран во Франција. Освен што компонира, тој работи и како диригент, водејќи ги изведбите на своите дела со кои продолжува да ја развива структурата и јасноста на неокласичниот стил кој го открива со „Пулчинела“. Во Париз соработувал и со врвни уметници во тоа време како Пабло Пикасо, Жан Кокто, Андре Гиде …

Во 1939 година се преселува со САД. Неговата прва жената Катја, умира таа година, а тој се жени со танчарката и актерка Вера де Босе, со која бил во љубовна врска уште од 1921 година. Парот се сели во Лос Анџелес, каде се дружат со музичари и писатели како Ото Клемперер, Артур Рубинштајн, Томас Ман, Алдоус Хаксли, Дилан Томас …

Најзначајни дела од раните години во САД се неговите две симфонии – во Це-дур и Симфонијата во три става.

Културната перцепција на опусот на Стравински се менува кога американскиот диригент и писател Роберт Крафт ќе стане негов музички асистент, а подоцна ќе ги напише и неговите мемоари.

Педесет години по неговата смрт историчарите сè уште дебатираат кој е вистинскиот Стравински? Неонационалист, примитивист, ултамодернист, неокласичар, серијалист? Сите овие етикети се закачени за одреден сегмент од неговиот опус напишан во различен период. Навистина е тешко да се сфати дека композиторот кој ја напиша бруталната музика за балетот „Посветување на пролетта“, седум години подоцна ја напиша игривата и неокласична „Пулчинела“. Многумина го споредуваат со Пикасо, уметникот кој за време на својот живот смени повеќе правци-од фовизам, преку кубизам до неокласицизам. Во една прилика, Стравински се опиша себеси како клептоман кој зема музички идеи од каде што ќе стигне – руските песни, од џезот, од целокупната музичка историја. Што и да го инспирираше, тој секогаш создаваше дела кои ја рефлектираа неговата индивидуалност и исклучително чувство за форма, боја, ритам и драма. Неговата музика звучи моќно и таа и денес е референца за тоа како се создава совршено музичко дело.

автор: Ангелина Димоска