Театарот треба да се занимава со животот

Мој идентитет – Јас

За детството, младоста, соништата (желбите) за победите, за промените…

Имав безгрижно детство. Во земјата на братството и единството се растеше во игра, благосостојба, исполнетост и во хармонија. Последна генерација пионери. Родителите на нашите родители ни беа оставиле поубава и посредена држава за живеење од онаа што, за жал, ние ќе им ја оставиме на идните генерации. Иако единец, не бев ни малку разгален. Напротив, бев воспитан да имам став. Право на одлука и избор, но и преземена одговорност за тоа. Растев со целосна слобода во желбите, афинитетите и предиспозициите, но и со почитување на правилата, редот и дисциплината. Светото тројство на тоа воспитување беа чесноста, одговорноста и работливоста, а главната максима „сакам, значи можам!“ Систем на вредности што денес е целосно неадекватен на светот во кој живееме. Младоста, пак, ми беше отворена, храбра, луда и непредвидлива, но со правилни избори и соодветни можности низ кои сè повеќе се откривав себеси. Немав идоли. И никогаш не сум сонувал за победи. Никогаш не сум се натпреварувал со никого. Освен со себе. Но, не за да се победам, туку за да се запознам подобро. Најважна е вербата во себе. И желбата за учење, за откривање нови светови, поинакви искуства. А потоа и размена на тие искуства со другите и споделување на доживувањата врзани за нив. Животот секогаш нè подготвува за промените, иако доаѓаат навидум ненајавено. Најчесто се случуваат како последица на настани и луѓе, некои добри, некои лоши, но и едните и другите со иста цел. Да нè променат. И да нè поттикнат на лично растење. На развој.

Кажи ни за твојот раст во академските денови, што научи од твојот професор ментор и кога се случи твоето созревање како актер?

Среќа е што имав привилегија да имам професионални актерски ангажмани во театар уште за време на студиите. Одлична можност за практична елаборација, проверка на наученото. Од мојот ментор, проф. Кирил Ристоски, кој и самиот беше голем актер, го научив занаетот на актерското мајсторство. Неговата есенција. Основните постапки, но и тајните на актерството како професија. Без нив не се станува добар и успешен актер. Несомнено, на факултетот не може да се научи сè. Но, убаво е да се откријат и оние аспекти од професијата во кои го препознавате својот талент и уметничката предиспозиција и кон кои ќе се стремите во натамошната професионална надградба, во остварувањето на творечките предизвици како драмски уметник. Созревањето кај актерот, пак, доаѓа како резултат на активната работа, а актерската зрелост, освен од личните знаења и уметнички провокации, зависи и од развојот на актерските вештини и постапки, степенот на сложеност на улогите, но и од автентичноста на актерските решенија.

Публиката секогаш е партнер. Но не за игра, туку за размена.

Повеќе уживаш во процесот на создавање или во репризите?

Пробата е љубов моја.

Актерството за тебе е: игра, професија или живот?

Начин на живот.

Талент или среќа?

Талент. И работа на него.

Дали ја чувствуваш публиката како твој партнер кога ги играш своите монолози?

Публиката секогаш е партнер. Но не за игра, туку за размена. На енергии. На слики. Размена на мисли и чувства од животот.

За Онегин…

Улога што превртува цел еден живот.

Гласноста на актерот кон општеството за тебе е…

Обврска за човекот. Одговорност за уметникот.

Дали досега си се сретнал со некој непредвидлив момент на сцената и што потоа?

Од непредвидливоста доаѓа и живоста на театарот. Секоја изведба е своја. Никогаш иста. Не како претходната. Особено непредвидлива е добра претстава. Таа прска од енергија. И таа енергија создава неочекувани ситуации. А за добар актер, и тие треба да бидат предизвик.

Освен академијата за глума, имаш завршено и танцов театар. Колку имаш простор да ја креираш и да ја создаваш таа театарска форма на сцената?

Уште за време на студиите, освен актерската игра, низ различни работилници и мастер-класови изучував повеќе современи и традиционални танцови техники. А танц-театарот практично го истражувам. Неговите принципи, а особено неговата естетика биле инспирација за повеќе мои авторски проекти, кои на театарската сцена кај нас ги промовирале и ги афирмирале токму неговите методолошки начела и естетички вредности.

Театарот е контакт и уметност на мигот, сè спротивно од социјалните дистанци и изолацијата. Што претставува за тебе театарот и со кои теми треба да се занимава?

Театарот за мене е живот. И театарот треба да се занимава со животот. Со неговата уметничка промисла на сцената.

Кое е твоето оружје да се избориш за својот свет и својот идентитет како актер?

Покрај вербата во себе, трудот и посветената работа. Но, и храброста во прифаќањето и носењето со предизвиците.

Дали постои некоја улога што си сакал да ја одиграш во младоста?

Не улоги, повеќе сум посакувал проекти со автентични концепти, соработки со авторски уметнички прочити.

Како е Васил денес?

Како на студии. Креативно исполнет. Творечки активен и ангажиран. Лично, задоволен и во мир со себе.

Што би им порачал на режисерите?

Режирајте, не аранжирајте!

Предлози

Три книги:

  1. „Беснило“ – Борислав Пекиќ
  2. „Да се почне одново“ – Драган Клаиќ
  3. „8/4“ – Сашо Димоски

Три претстави:

  1. „Херои 04:33“, режија: Деан Дамјановски, Театар „Јордан Х.К.-Џинот“, Велес
  2. „Илијада“, режија: Јернеј Лоренци, СНГ – Љубљана
  3. „Ана Каренина“, современ балет, кореографија: Лео Мујиќ, НОБ

Еден албум:

„Kalthoum“ – Ibrahim Maalouf

видео и монтажа: Дејан Сајковски