Чик Корија форевер!

За Чик Корија дознав во средно училиште  – учев во МБУЦ, со генерација музичари кои и денеска се водечки во креирањето на свежата музичка мисла во земјава – меѓу нив, е и Симон Киселички, џез пијанист, кој на паузата меѓу часови ја свиреше „Спеин“ и во училницата, но и во нашето омилено кафуле „Виктор и Викторија“…

На 19 години, во 1994 година, кога бев штотуку запишана на одделот по музикологија на ФМУ за првпат во живо го чув Чик Корија – на соло концерт во рамки на „Скопскиот џез фестивал“… Можете да замислите, какво беше чувството – тотален делириум. Следната година во Прага си го купив албумот „Експресии“, издаден 1994 година, кој всушност премиерно го претстави и на концертот во Скопје. Го слушав на рипит, на мојот прв це-де плеер… И додека го пишувам текстот свири во позадина.  Мислев дека ќе изгубам неколку часа барајќи го меѓу моите дискови, ама го најдов речиси од прва. Искрено, се плашев дека нема да го најдам – си позајмувавме дискови на времето, исто како и книги, и голем дел од моите омилени албуми се изгубија во преносот од рака на рака…  Исто како што се изгуби и годината на неговиот прв настап во мојата глава… Барав во архивата на Џез фестивал, таму има настани само од 1995 година… Му пишав на другар ми од „Нова Македонија“, Мишко Грбевски. Ми вели: Каква коинциденција! Баш сега, барам некои податоци за Би Би Кинг, и еве отворена ми е монографијата на Џез фестивал…“… И веднаш ми прати скриншот. 1994 година! (на скриншотот читам и „Кронос квартет“ и со бокс уште ме удира уште флеш, какви концерти имаше таа година на Џез фестивал)… Попатно со Мишко праиме муабетот за концертот на Корија, се смее и ми вели: „Шеснаесет години сум имал тогаш, ништо не сум разбирал“… И навистина беше така, учевме музика на концертите на „Џез фестивал“…

Значи, Чик Корија ми е љубов од средно школо. Ептен емотивно сум врзана со неговата музика… Во последно време избегнувам да слушам музики кои ме враќаат во минатото. Криза на средните години, претпоставувам 😊

Токму затоа веста за неговата смрт ме погоди силно, зошто ме врати во средно школо, на факултет… Други времиња беа тоа… Постојано зборувавме за музика, купувавме дискови, разменувавме мислења…

„Експресии“ е соло албум на Чик Корија во кој најблиску допира до класичната музика, нејзините постулати, секако во мирна и спокојна фузија со џезот. Во него до израз доаѓаат неговиот лирски и ненападен пијанистички сензибилитет, исклучителната способност да креира соло композиција во која има се… Едноставен, чист израз, музика која може да ја слушате до недоглед – таков е овој албум.

Бев и на неговиот последен концерт во Скопје, пред четири години – на Саем, во „Метрополис арена“ кога дојде со неговиот „Електрик бенд“, меѓу кои беа и двајца легендарни музичари од првата постава – Дејв Векл на тапани и Џон Патитучи на бас.

Го слушавме со моите пријателки, и коментиравме каква генијалност излегува од  „старците“ кои свиреа на сцена. Пресметувавме колку години имаат, и се шокиравме од бројките… Чик Корија тогаш имаше 75 години. На сцена изгледаше исто, како и првиот пат кога го слушав во живо…

Овој концерт донесе друга енергија, ретро електричен звук, типичен за 1970-тите и 1980 –тите години… Звукот на Чик Корија од друга фаза – исто толку феноментален и автентичен како и во сите останатите етапи од творештвото. 

Чик Корија во Скопје имаше три концерти – вториот беше во 2009 година, на „Џез фестивал“ кога дојде со Џон Патитучи и Лени Вајт. И тоа беше свирка за паметење…И таа сосема различна од претходите два концерти. Три концерти – три различни естетики, три различни лица на Корија…

Додека го пишувам текстов, цело време се обидувам вербално да срочам со што всушност ме привлече Чик Корија, уште во средношколските денови, зошто го обожавам како пијанист, како композитор, како уметник кој повеќе од половина век ја збогатуваше музичката ризница со својот препознатлив авторски сензибилитет…

Веројатно, затоа што ни понуди различни музички концепти – беспрекорно посветувајќи се во секоја фаза од својот творечки опус… Зошто одлично правеше фузија меѓу повеќе жанрови… Зошто на совршен начин ја врзуваше класиката со џезот… Имаше уникатен и препознатлив пијанистички израз.

Сурфајќи по интернет во потрага по некој интересен податок кој не го знам, за да го збогатам текстов со такви информации (на крајот спонтано, отпадна оваа идеја) наидов на една изјава која ептен ми се допадна. Токму така ја доживувам и јас неговата музика и изведба…

Изјавата е на Херби Хенкок, пијанистот кој можеше, но никогаш не му стана музички ривал на Корија. Иако постоеше иницијална предиспозиција да се случи тоа. И двајцата се појавија на њујоршката сцена во раните 1960-ти, и двајцата беа најголеми пијанисти во историјата на џезот. И покрај тоа што Корија го замени Хенкок во бендот на Мајлс Дејвис во 1968 година, тоа не беше причина да не останат пријатели до крај.   

„Само што ќе ги ставеше рацете на клавијатурата, светлина влегуваше во моето тело… Неговата музика е како перница, како душек кој те повикува да легнеш на него, а во исто време те стимулира…“. Ова е таа изјава на Херби.

Е па тоа е тоа, дечки. Што повеќе да се каже, освен Чик Корија форевер!

автор: Ангелина Димоска