Бедија Беговска во улога на Славната Флоренс, премиера во Турски театар – Скопје

Храброст, посветеност и желба се основните двигатели за да се одржи жив пулсот на театарот во овие вонредни услови на живеење.

Турскиот театар – Скопје е еден од ретките театри што креира, создава и ја држи будна уметноста, а со тоа и сцената. 

2020 година во јануари, ансамблот на овој театар ја започна со премиера на детската претстава „Девојчето со ќибритчиња“, а веднаш потоа, во февруари се случи премиера на претставата „Оркестар Титаник“ во соработка со „Ада Театар“. За жал, во март пандемијата ја спречи креативноста на актерите на Турски театар – Скопје. Како и целиот свет, и тие прекинаа со веќе започнатите процеси. Но, во септември, кога се овозможија протоколи за работа, покрај тешките и несекојдневните услови за работа, се случија уште две премиери. На 8 октомври, премиера на „Човек перница“ во копродукција со „Машина Продакшн“ и на 21 ноември, „Црни девици“ – премиера од проект-програмата за 2020 година од Министерство за култура.

Вечерва ја имаат првата премиера во новата 2021 година.

За љубовта кон театарот, неговата значајност, но и патот да се пронајде една креативна смелост и да се совладаат предизвиците, разговараме со директорката на Турски театар – Скопје, Несрин Таир. 

Поради пандемијата што нè засегна сите нас, одговорноста сега да се менаџира театар е уште поголема. Која е вашата силна водилка што ве мотивира во вакви услови сепак храбро да креирате и да создавате театар?

Пандемијата го запре светот, го зеде здивот на целото човештво, но иако сум познат хипохондрик, мојот порив беше да се покаже и да се докаже пред општествениот систем неопходноста од театар и неговото постоење. Театарот е жива материја и освен што забавува и едуцира, има важна улога во будењето на свеста и совеста на гледачот. А такво будење е неопходно во вакви тешки времиња за човештвото.

„In the dark times will there also be singing? Yes, there will also be singing. About the dark times.“ – Bertolt Brecht

Можеби грешам со желбата, страста и поривот за создавање театар во вакви услови, но во септември, кога од Министерството за култура ни дадоа протоколи за работа, решив да продолжиме од таму каде што застанавме во март. Пак ќе кажам, хипохондрик сум, се плашам од пандемијата за своите блиски и за целото човештво, но и за себе, и да се создава театар со ваков вид товар е тешко, мачно е, но сепак неверојатно волшебно.

Велат дека за актерот нема „пензија“, тој твори и игра сè додека се чувствува добро, за него годините се само бројка. Она што е ново, а и истовремено оддава една голема почит е тоа што по подолго време на вашата сцена стапнува доајенот Бедија Беговска. 

Кажете ни како се случи оваа повторна соработка? И како заплови Бедија во еден ваков необичен процес? 

Одговорот лежи во вашето прашење, чест ни е што имаме можност повторно да ја делиме сцената со нашиот доајен. Истовремено ни претставува огромно задоволство што новата, млада енергија во Турски театар – Скопје, Ебру Мусли и Јеткин Сезаир, заедно со веќе докажаните и искусни Селпин Керим и Џенап Самет блеснаа со неодоливиот шарм и харизма што Бедија Беговска ги носела со години на сцената во нашиот театар. 

Во која форма е ставен театарот денес и што е она што им недостига на театарските сцени? 

Тоа што општеството постојано и тенденциозно се обидува да го стави театарот во форма е нешто со кое ние театарџиите сме во постојана борба. На театарската сцена ѝ недостига слобода. Слобода на мисла, слобода на изразување, слобода на чувствување, слобода на креирање за да се развие културната самосвест, одговорност на секој поединец, уметник.

Дали сметате дека сме доволно гласни? 

Гласни сме само во кафани и на социјалните мрежи (Фејсбук и Твитер).

Од оваа виртуелна ука-бука, јас би рекла од ваквата гласна тишина не се слуша аплаузот од театарски сцени, кој е своевиден крик на уметноста.

Нема да ве прашувам дали размислувате за нови театарски форми, бидејќи веќе добро пловите во нив. Кажете ми каков ќе биде вашиот концепт за 2021 година? Што е она што ќе се случува на сцената на Турскиот театар? 

Чекаме резултати од предлог проект-програмата за 2021 година. Ако сè биде во ред, ќе ги работиме „Вишнова градина“ од Чехов, во режија на Владимир Милчин, „Кројач за дами“ од Фејдо, во режија на Синиша Ефтимов, „Рапунзел“ од Браќата Грим, во режија на Џабир Доко.

СЛАВНАТА ФЛОРЕНС

Според П.Квилтер, Н.Мартин, Џ.Коган, Б.Крајчевска, Д.Милошевска – Попова 

Режија: Драгана Милошевска – Попова

Автор и драматург: Билјана Крајчевска

Превод : Билге Емин

Сценографија: Татјана Блажевска -Христоска

Костимографија: Розе Трајческа – Ристевска

Композитор : Ирена Поповиќ – Драговиќ

Кореограф: Игор Киров

Вокоал- коуч: Гонца Богоромова Краповски

Корепетитор: Зоран Станишиќ

Играат:

Бедија Беговска – Флоренс Фостер Џенкинс

Џенап Самет – нараторот Ерл Вилсон, новинар и музички критичар,  Артуро Тосканини, Карло Едвардс и Доктор Херман

Селпин Керим- Сент Клер Бејфилд (сопругот на Флоренс, нејзин менаџер и актер)

Јеткин Сезаир – Козме Мекмун (пијанист и корепетитор на Флоренс)

Ебру Мусли – Кетрин Ведерли ( актерка  – девојка на Бејфилд, Лили Понс -оперска пејачка  и Девојката од публиката)