Три концерти во МКЦ, во организација на „ПМГЏЕЗ“

Дискографската куќа „ПМГЏЕЗ“ во Младинскиот културен центар ќе реализира серија од три концерти во живо на македонска џез музика и современа класика, со почитување на мерките за заштита од КОВИД-19. Првиот концерт е посветен на изданието на Јордан Костов Квинтет со наслов „Come Back“, кое публиката ќе има можност да го проследи в петок, на 26 февруари во кино „Фросина“, Младински културен центар – Скопје. 

Како што соопшти дискографската куќа „ПМГЏЕЗ“, Јордан Костов е композитор, хармоникаш и инспиративна фигура со веќе четири изданија за „PMGJAZZ“. „Come Back“ е насловот на најновото издание, кои деновиве се појави на pmgjazz.bandcamp.com и на сите добри интернет музички платформи.

Во формацијата Јордан Костов Квинтет, освен авторот на хармоника, членови се и Андреа Мирческа (контрабас), Филип Букршлиев (гитара), Дамјан Грујо (перкусии) и Драган Теодосиев (тапани).

На 5 март концерт ќе има нашиот еминентен пијанист и композитор Дино Имери. Тој за „ПМГЏЕЗ“ неодамна го издаде соло пијано албумот „Reflections“. 

Последниот концерт е планиран за 12 март, а својот албум првенец, ќе го претстави триото на Филип Букршлиев. 

„ПМГЏЕЗ“ е дискографска куќа која постои речиси три години и е фокусирана на издавање на современа македонска џез, класична и етно музика. Зад себе има 22 изданија, еден реализиран фестивал (Крај Вардарот Џез, лето 2020) и богата концертна активност.