Ѓорѓе Балашевиќ – хроничар на едно минато време

Поезија распослана низ југословенски хармонии, призвуци на едно минато време, носталгија, сеќавања. Многу е тешко да се прифати дека малкумина се ваквите како него, оние чија аура резонира со екстравагантен минимализам. Оксиморон нели?

Раката во џеб, сцена и микрофон и оние кои се вљубени и повторно се вљубуваат, не само во љубовите на својот живот туку и во животот онаков каков што стои во песните на овој бесмртен поет.

Секвенци од текстови не ќе ја заробат мистериозната магија на новосадскиот хроничар Ѓорѓе Балашевиќ. Ќе патуваме во паралелни светови, минатото во кое сме со него но без нас, и сегашноста во која сме без него и веројатно сè уште без нас. Без нас, бидејќи безвременоста на неговите стихови веројатно никогаш нема да биде во целост разбрана, но мора да се обидеме, сега, и додека е тоа возможно. Бесмртни се поетите во нивната потрага по бесмртноста. Балашевиќ несомнено ја достигнува.

Човек кој остава 14 албуми зад себе кои дисекцирани, песна по песна, стих по стих, пеат за се од љубови, до боемски вечери, до таги и разделби, до бомби и ровови, до солзи и смеа.

Прогресијата низ темите на Балашевиќ се случува како едноставна рефлексија на состојбите во Југославија низ целата негова кариера.

Пуб е неговиот прв албум објавен во 1982-та година, шаренолик со мноштво од теми, налик на збирка раскази кои говорат за едни поинакви времиња, од класично балканско додворување, до приказни од стари војници штотуку вратени од војна, до доживувањата на стариот коцкар Божа викан Пуб. Или што би се рекло Југославија во мало. Сето тоа испреплетено со реалистичното портретирање на социјалните неправди низ текстот „За тречу смену“.

Има нешто пророчко во текстовите на Балашевиќ кој стих по стих ги слика стравовите на сите Југословени во времето пред војната. Од длабокиот патриотски порив низ стихот даден како заклетва кон Тито, многу суптилно го отскликува стравот и трепетот од нејасната иднина:

„Ne spominjem proslost i bitke daleke,

jer rodjen sam tek posle njih.

Al‘ zivot pred nama

jos bitaka skriva

i preti nam,

preti o duboki vir.

Ja znam da nas ceka

jos sto ofanziva

jer moramo cuvati mir.

Racunajte na nas.

Полн со метафори и низ раскази прикриени пораки, Балашевиќ праќа јасни пораки како поет, како југословен, како револуционер. Од носталгиите на југословенската класична љубовна приказна па се до експлицитните отворени политички коментари кои отворени ги критикуваат политиките пред и особено после војната во Југославија во деведесеттите.

Анти-воените теми продираат низ секој стих и повеќе од јасно е дека Балашевиќ е повеќе од поет, повеќе од музичар и писател, тој е гласот на народот, истиот оној народ чиј живот ќе гасне низ улиците додека лажните патриоти продаваат национализам на другарите од маало.

„Ne možes prebrojati mrtve

jer su se carevi igrali rata.“

И плачот … плачот, јасен и гласен во кои солзите дури и не се потребни бидејќи срцата плачат. Не тера сите да плачеме додека тој плаче со нас над трагедиите на стара Југославија, трагедиите и бомбите и смртта така пластично раскажана низ ужасите во Вуковар:

„Zverko ludila, što si se probudila?

Crni ti je princ poljubac dao.

Al‘ neću se stideti što Boga neću videti,

jer to i nije Bog kojeg sam znao.

Ne znaš ti, nema oslobođenih,

svaku tišinu mi granata prošara.

Spasen je taj prvi pogođeni,

a svi su drugi večni taoci košmara.

Или: „Ne znaš ti šta znači ubiti grad,

ne znaš ti bauke kaljavih rovova.“

А кој не ја знае „Не ломите ми багрење“, она што многумина го доживуваат како слатка носталгична поема за едно минато време додека таа во себе скриена ја носи пораката за омразата брат за брат со која се ранат во тоа време југословенските синови и ќерки:

„… полако комшије

не може само да се уђе

и да се руши туђе

лепо сам им рекао.

Не ломите ми багрење

без њих ће ме ветрови одувати

пустите их, моирају ми чувати

једну тајну златну као дукати.“

И додека времињата минуваат, а луѓето остануваат исти, Балашевиќ ќе нè занесе кон една друга страна, страна на љубовта низ албумот „Дневник старог момка“ во кој тој пее исклучиво љубовни песни кои носат женски имиња, албум кој е целосно посветен на неговата сопруга Оливера, а првите букви од секоја песна велат „Олја је најболја“.

Јас најблиску се чувствувам до Балашевиќ низ стиховите на „Свирајте ми јесен стиже“, таа апсурдна тамбурашка балада како што самиот вели „… парада пијанства и кича, и позната цура у бело.“. Таа несомнена носталгија кон старите добри времиња, поедноставни, посреќни … Можеби „Јесен стиже“ не е поетски најмаестралното негово дело, но знам дека кога и да ја слушнам, душата се смирува и исполнува со меланхолија, тага или можеби копнеж по некои поедноставни нешта.

Балашевиќ ја изгуби својата физичка форма, можеби … но останува бесмртен како неговите стихови, тој живее во секој копнеж, во секоја надеж дека можеби повторно ќе ја стигнеме радоста од заедничкиот живот. Бесмртен е додека ги пееме неговите стихови.

автор: Мишел Наумоски