Facing the sun – нов албум на Бобан Мирковски

Додека музиката доживува прогрес на неизбежна дигитализација, Бобан Мирковски е македонскиот музички примариус, еден од малкумината, кој се посветуваат на коренот, на рачно и виртуозно создавање. Мирковски со својата страсна изведба го овековечува митот дека во класичната музика  се крие генот на интелектот.

Негувајќи звуци на небесно смирение, младиот пијанист Мирковски, како едно видување низ слухот, го носи слушателот во бунило на сетилна аберација.

Современик на музичката генијалност на својот ментор Симон Трпчевски, на филхармониско блаженство, распостила музика чија акустика отсвирена во сала не може да ја замени ниту еден компјутерски софтвер.

Неговиот најнов албум „Facing the sun„ крие вешто смислен симболизам на сончоглед свртен кон сонцето, неслучајно одбран, зашто симфониите отсвирени од клавишите и нотните тетратки на Мирковски се како зраковно помазание, заживуваат и на изгревот, па дури и на залезот сончев.

Албум кој се слуша во темница, , во оној ист амбиент во кој и Шопен творел, крај запалени свеќи, со отворена душа и провев помеѓу мислите.  Сонатите отсвирени од неговите прсти имаат различен одек кој се чини како да извира од срцето, од коморите, се шири низ периферијата на секое ткиво. Звуците на Шопен и Хачатуријан со својата пасторалност, техничка изведба, амортизирана до најмала милисекунда, до метрономско пулсирање, се опојни и набрзо стануваат приоритетни композиции, кои во комбинација со неоспорната музичка дарба на Мирковски се една симултана експресивност.

Својство на катарза, на прочистување, на прочепкување по внатрешноста на ушната школка, внимателно, би се рекло математички, одбрани композиции да се постигне една аудитивна нирвана, тактилни преобразби од звук во емоција, од емоција во физички допир.

Албумот „Facing the sun“:

-поттикнува: тивки мисли и инспирација

– е погоден за : релаксирана прошетка во природа

e идеално комбиниран со: чаша вино и добра книга

Преслушај:  https://bobanmirkovski.com/en/music/new-album/?fbclid=IwAR1skH_r3ughvjezIc_ecbBtI5irOPTRz4cO-y13I7z9-xiOwIBwBCJ6yps

Бобан Мирковски(1991 год.) е македонски пијанист, професор по пијано при ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј“ Скопје. Дипломирал на ФМУ , во класата на професор Симон Трпчевски. Две години подоцна магистрира во класата на професор Александар Сердар.

Има освоено повеќе меѓународни награди , од кои позначајни се: Двете први места и еден Лауреат на „Арс Косова“, три последователни години (2006-2008 год.); Лауреат на меѓународен натпревар „Македониум М“ во Скопје (2007год.); Прва награда на меѓународен натпревар „Даворин Јенко“ во Србија…

Има настапувано во светски рамки низ музичките хали ширум светот.

автор: Јована Матевска Атанасова