Датум за паметење

23.03.1984

На овој ден во фабриката на „PGP RTB” во Белград е изработена мастер плочата и започнало печатењето на деби-албумот на скопскиот синт-поп-состав Bastion. За несреќа на бендот и на македонската дискографија, па би рекол и на големата југословенска музичка индустрија, заради нејасни причини до ден денешен, албумот ќе биде чуван во магацините на „PGP RTB” безмалку цела година. Ако се има предвид дека и самите траки се снимени уште во август 1983 може да се добие вистинска претстава колку многу се оддолжило објавувањето на овие материјали на Bastion. Прашањето кое со години се наметнува е, што би било кога нештата би се одвивале по нормален тек. Кое би било местото на бендот во големата слика на југословенската сцена? Што би се случувало потоа? Дали Кирил Џајковски, Ана Костовска и Љубомир Стојсављевиќ-Кучкар можеби би продолжиле со работа и снимиле уште неколку албуми?

извор: Македонски рок времеплов