The Killers – од песоците на Невада до ѕвездите

Паметам кога за прв пат ја слушнав „Mr. Brightside“, и тогаш, како и сега ми звучеше подеднакво поетски сложена како песна, но веројатно во исто време значеше дека овој американски бенд, не само мене, туку ќе освои милиони европски срца.

Уште не ми се верува дека се американски бенд. Звукот којшто The Killers го негуваат има апсолутно европски шмек на алтернативен рок и како такви остануваат до ден денес. Бендот е формиран во 2001-та година, тоа е воедно и годината кога го снимаат својот прв сингл „Mr. Brightside“. Иако се чини дека работите одат во нагорна траекторија за новоформираниот бенд, сепак тоа во реалноста не е така. Бендот првите неколку години од своето постоење ги поминува правејќи мали интимни забави, свирејќи по казината и хотелите во Лас Вегас. Во САД нема апсолутно никаков слух за нивниот звук, иако алтернативната сцена ги прифаќа со отворени раце, нивниот комерцијален успех скоро и да е осуден на пропаст. За среќа, британскиот застапник за нови артисти, Алекс Гилберт доаѓа до демо составено од пет синглови од бендот и го носи на својот пријател Бен Дурлинг во Лондон во независната продукциска куќа Lizard King Records. The Killers потпишуваат договор со куќата во јули 2003-та.

По премиерата на синглот „Mr. Brightside“ во Велика Британија, бендот започнува со повеќе настапи во Лондон со што го фаќаат окото на европската публика. Се враќаат во САД каде го завршуваат снимањето на нивниот деби албум „Hot Fuss“. Во 2004-та година пак го снимаат своето прво видео за нумерата „Somebody Told Me“ со која дебитираат во САД, додека во Велика Британија ова им е втор сингл. Истата таа година ја започнуваат и својата прва турнеја во Велика Британија, за подоцна таа да се прошири во Северна Америка и цела Европа. Нивниот прв албум, „Hot Fuss“ го објавуваат официјално во Велика Британија во јуни 2004-та година, а недела подоцна и во САД. Албумот е огромен комерцијален успех, поминува повеќе недели на британската топ-листа со албуми отколку кој било албум целата таа декада. Станува повеќе платинест албум и во САД и во Велика Британија. Во 2005-та година The Killers ја освојуваат наградата на МТВ за Најдобри нови артисти, номинирани се за 3 Греми награди, а албумот „Hot Fuss“ е номиниран за најдобар рок албум.

Нивниот втор албум, „Sam’s Town and Sawdust“ е објавен во 2006-та година, но во САД не наидува на добри критики, дури и станува тема на потсмев, но за среќа на бендот, во Велика Британија успехот е дијаметрално спротивен. Ова е нивниот втор објавен албум и втор пат со ред се наоѓа на првото место на британската топ-листа на албуми. Носени на овој успех, бендот во 2007-та година ќе освои две награди на BRIT Awards, една за Најдобар интернационален бенд и една за Најдобар интернационален албум. Подоцна, за видеото на песната „Bones“ тие ќе ја добијат и наградата за најдобро видео на NME Awards.

Следниот албум „Day & Age“ го објавуваат во 2008-та година, но претходно бендот поминува 6 месеци одвоено. Прават пауза од долгите турнеи и напорната работа и се посветуваат на свои лични проекти. Времето поминато разделени го произведува синглот „Human“ во октомври 2008-та година, сингл кој до ден-денес е препознаван по сега веќе култниот стих „… are we human, or are we dancer …“ стих кој подоцна ќе биде означен како најзбунувачки стих на сите времиња поради нејаснотијата што тоа всушност значи со оглед на тоа дека е граматички апсолутно неточна реченица. Овој нивни трет албум е поразличен од претходните, не само по стилот туку и поради фактот што бендот сега веќе има огромна публика насекаде низ светот, па настапуваат на скоро сите најпознати фестивали, Loopalooza, Coachella, настапуваат во Royal Albert Hall, но остатокот од нивната „Day & Age“ турнеја ја откажуваат откако мајката на фронтменот Брендон Флауерс е дијагностицирана со терминална фаза на рак.

Нивниот четврти албум, „Return & Battle born“ станува четврти последователен нивни албум кој го зазема првото место на британската топ-листа на албуми, а со него, бендот започнува и турнеи во досега непосетени места, како Русија и Кина.

Со албумот„Direct Hits“ бендот се соочува со повеќе приватни проблеми. Во 2013-та година тие имаат само една мала промо турнеја за овој албум кој е всушност компилација од нивните 4 претходни албуми, за веќе во 2016-та да објават дека еден од нивните членови зема пауза од настапите и работата со бендот поради лични причини. После ова, бендот редовно најмува хонорарни музичари да го заземаат местото на Марк Стоемер, а подоцна истото се случува со уште еден од членовите, Дејв Кеунинг. Во тие моменти бендот се подготвува за турнејата за нивниот 6 албум, „Wonderful Wonderful“ кој станува првиот нивни албум кој стигнува на првото место на US Bilboard 200 листата, во исто време станувајќи првиот бенд кој 5 последователни албуми им се искачуваат на првото место на британската топ-листа на албуми.

Во 2019-тата година, бендот го најавува својот седми албум „Imploding the Mirage“, албум кој го објавуваат на крајот на август 2020-тата година, сè уште во отсуство на двајцата нивни членови Стоемер и Кеунинг. Турнејата со овој албум сè уште е неизвесно кога ќе се случи со оглед на пандемијата, но во секој случај, дотогаш барем може да уживаме во она што несомнено претставува стилска преобразба на бендот кој тоа успешно го прави со секој нареден сингл.

автор: Мишел Наумоски