„Црно небо“-изложба на Ѓорги Динев

-празвукот на вселенската геометрија

Денес, на 25-ти Март, со почеток во 19 часот, во галерискиот простор на Музејот во Струмица, ќе се одржи втората самостојна изложба на уметникот Ѓорги Динев, насловена „Црно небо“.

Црното небо на Динев постои во празвукот на времето, изнесено од пештерските цртежи во Леско до компјутерски обработените графики.

Црното небо го носи и човекот во себе, во зениците, тоа се проширува и стеснува кога светлината ќе си поигра со анатомијата, ова црно небо е огледалото на светската симетралност.

Ликовниот темперамент на младиот Ѓорѓи Динев зазема димензија на хаотично распорена геометрија со вселенски примеси.

Евидентна е склоноста кон уметноста на несовршеното, која Јапонците ја препознаваат како кинтсуги, а претставува репарирање на скршени парчиња керамика или грнчарија со помош на златен лак, како начин да се прикаже убавината на оштетеното, наместо да се прикрива.

Во изложбата „Црно небо“ на која Динев напорно работел, бездруго, една година, уметникот му претставува на светот начин на согледба кон хаосот, така што и самиот набљудувач, уметнички егзибиционист, да стане златниот лак што ќе ги потенцира кривините. Публиката во ова отцепено парче од уметноста, приложено на виделото на светот, станува лепилото преку кое Динев маневрира низ просторот на своите поставки.

Неговиот неокласичен одек, автономен крик, дваесетте поставени дела сочинуваат еден апстракт, лимес натежнат кон бесконечност, овековечена преку унија на архитектонски замисли изградени да пленат преку дамарите. Преку делата заговорно зборува за апстрахираните вистини кои се едноставни, а математички прецизни, како видливата хармонија во пајаковата мрежа, дамката кафе над дневен весник или неслучајните кружници на напукнато стакло.

Симбиотично делата од „Црно небо“ функционираат како жив организам, а Динев пак, во својство на Биг Бен, експлозивно ги доближува честичките кон центарот на својата вселена, она црно небо што живее во и зад неговите уметнички вжарени леќи.

Ѓорги Динев е роден 1994 година во Струмица. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, на отсекот графика, под менторство на проф. М-р. Мирко Вујисиќ. Добитник е на наградата за студентска графика „Драгутин Аврамовски-Гуте“.

Фасцинирани од она што на окото му е мило, несопирлива беше љубопитноста да продреме подлабоко низ уметничките, но и карактерните напукнатини чиј спој очигледно раѓа вонвременски дела. На наше огромно задоволство, пред самиот старт на изложбата, го пренесуваме разговорот со Ѓорги:

Како се роди уметникот во Ѓорги? Како овие двајца се сложуваат?

Не може лесно да се каже. Тоа е процес кој континуирано и сложено се градел низ текот на годините. Не би рекол дека се двајца, но ако веќе се, тие одлично се сложуваат, константно надополнувајќи се еден со друг.

Понекогаш уметниците својата инспирација ја наоѓаат на необични места. Со оглед на оригиналноста на твоите поставки, која е инспирацијата, идејата, концептот?

Сметам дека во вообичаените и сосема секојдневни ситуации кои уметникот преку својот сопствен ликовен јазик и сензибилитет ја има моќта да направи да тие изгледаат необично. Во мојот случај идејата или концептот пред започнување на делото не можат целосно да се опишат. Најпрво се појавува потребата за творење, почнува да се одвива процесот и постепено се оформува „идејата“. Со други зборови делото го откривам во моментот на неговото творење.

Како твори Ѓорги? Кои услови и предуслови се потребни за да постигнеш максимална концентрираност и продуктивност?

Било каква состојба која ќе ми овозможи целосна удобност. Понекогаш тоа е апсолутна тишина, понекогаш ако ми студи-да ми биде топло и слично. Комфорот е примарниот процес при творењето.

Што ти е помило, конвенционалното или новооткриените засеци на уметноста?

Би рекол дека веројатно е компромисен сплет помеѓу двете.

Се огледуваш ли на некого, дали твоето творештво се темели на нешто друго, туѓ поттик можеби, или сè е плод на автономна естетска генијалност?

Со сигурност би погрешил ако кажам дека се немам огледано на никого. Секако дека имам влијание од многу уметници и уметности, но и во случај моите дела да наликуваат на одреден правец, или конкретен уметник, сепак станува збор за свој личен ликовен израз.

автор: Јована Матевска Атанасова