По стапките на Вирџинија

-80 години од смртта на дамата со неверојатно моќна нарација-

Осумдесет години по смртта, Вирџинија Вулф, сè уште важи за една од најталентираните, но и загадочни женски ликови на писателската сцена. Нејзините дела без прекин низ децениите се читаат и преведуваат, мета се на критичарите кои макотрпно се обидуваат да го разберат карактерот на интелектуалката. Таа била и борец за женските права, ветер на гордоста од кој не побегнала ни при пишувањето.

Водењето на дневник-причина за нова наративна струја?

Вирџинија започнала да води дневник во 1897 година, којшто го чувала следните 12 години, нагласувајќи ја 1897 како првата вистински одживеана година. Дали водењето на дневник отворило можност таа подобро да ги разбере емоциите и мислите, увидувајќи го интроспективното, како суштински важно при создавањето на издржани ликови?

Набрзо нејзиниот холистички пристап кон новелата, во викторијанскиот стил на пишаниот збор, да се вметнат животните аспекти кои толку интенциозно нејзините претходници ги избегнувале, прави еден литературен пресврт, обезбедувајќи ѝ место на Вулф меѓу најпознатите модернисти на XX век. Многу нешта имале влијание врз нејзиниот метод на пишување, можеби Вирџинија го „освестува“ пост-импресионизмот, благодарение на своето нарушено ментално здравје, преку кое се обидува да стави разрешница, да допре до длабочините на површно предадените ликови.

Сексуален диверзитет-плод на нејзината несигурност?

Во 1924 година, после дванаесетгодишен брак, Вулфови се преселуваат од нивната пригратска резиденција назад во Блумсбури, каде би биле помалку изолирани од лондонското високо друштво. Наскоро, аристократката Вита Саквил-Вест, и самата писателка, започнува емоционална бура, исполнета со романтични искри кон Вирџинија, која на крај ќе расцвета во афера.

Критичарите сметаат дека овој вонбрачен излет, е тлото на кој се создава и новелата „Орландо: биографија“ низ која нарацијата пребегува во биографија, со суптилно бришење на половите разлики, на вештачкиот терен на полови предиспозиции, како тие дека жената е врзана за домот, a мажот ги носи финансиските добра и потешкотии.

„Вирџинија ја сакаше Вита и беше среќна во Вита да ја препознае љубовта која ги слави жените.“, потенцира Викторија Л. Смит, професорка по англиски јазик на Тексашкиот Државен Универзитет.

Кршливото ментално здравје-кроење на маргините вон книжевниот круг

Историчарите тврдат дека менталните проблеми на Вирџинија Вулф, денес окарактеризирани под дијагнозата на биполарно растројство, со манично-депресивни епизоди, се последица на сексуалното злоупотребување кое го претрпела во детството и адолесценцијата. Овој инцидент ќе произведе во егото на Вулф еден силен репресор кон машкиот авторитет и патријахално обликувана социјала.

Во животот рано се соочила со големи загуби, по што била институционализирана повеќе пати. Но нејзиното познавање на меката, еластична граница на индивидуалното и побараното од страна на општеството, на генијалноста и лудилото, е тоа што прави недостижен епитет од писателка, ја зајакнува нејзината положба како еманципиран глас во светот насочен и построен од мажите.

На крај, не можејќи да се избори со демоните, се самоубива, давејќи се во реката Оус.

Страст кон музиката

Додека некој би кажал дека нејзината одмерена проза е музика, нејзините пасуси се често создавани под опојното дејство на музиката. Во расказот „Жичаниот квартет“, инспирирана од цитат на Оскар Вајлд, го создава, безмалку, како своевиден концерт за читателите, со отворање, увертира на концертот, додека публиката и нараторот се во исчекување на почетокот (нараторот слуша што другите околу него зборуваат); почетокот при кој нараторот ги слуша и впива реакциите на луѓето наоколу; и интроспективните мисли кои музиката ги буди во начело на фантазијата, кај самиот наратор, додека ја восприма, трансформацијата на расположението и воскликот.

Накратко за значајните дела:

  1. Госпоѓа Даловеј (1925)-главниот лик Клариса, госпоѓа од високата општествена класа, треба да направи забава, во која таа ќе биде домаќинка. Забележителна е интроспективната бленда, која токму во ова дело се отвора, а со која Вулф започнува да си поигрува при творечкиот процес. Делото се смета за една одлично врамена пост-импресионистичка слика.
  2. До светилникот (1927)-ја следи фамилијата Ремсеј, на нивната посета на Isle of Skye, во Шкотска. Во ова дело, речиси и не постои директен говор, се одликува бавно дејство, свртено кон когницијата на главните ликови, со есктремно филозофски изведен финиш.
  3. Орландо (1928)-Вулф ги прекршува браниците на вообичаеното, навлегувајќи на територија која англиското општество ја осудува за криминален прекршок, хомосексуалноста. Најконтроверзното дело на Вулф, всушност, е еден потсмев на крутото општество, раскажува за поет кој го менува полот во женски, можеби на таков буквален начин обидувајќи се да им докаже на елитистите дека доаѓа ерата на разорниот женски глас.
  4. Собата за сопствени потреби (1929) во фамозниот есеј, Вулф ја подига свеста за статусот на жените, конкретно жените артисти, жената мора да биде финансиски самостојна, да има пари и простор, соба за сопствени потреби каде би можела непрекинато да твори.
  5. Брановите (1931)-содржи монолози, познати во литературата како солилоквиум воспоставени од страна на Шекспировите драми. Овие монолози адресирани до себеси, на секој од ликовите се памфлети на нејзината интимност, а седмиот лик, е оној што иако постои, никогаш не зема збор, односно читателите не го слушаат во негов, сопствен глас. „Брановите“ се смета за најекстремно создадената писателска работа на Вулф, која со својата комплексност сè уште ги вжарува критичарските кругови.

Што да прочитате: „Вирџинија Вулф“-Харолд Блум, „Дневникот на писателот“-Вирџинија Вулф, „Портрет на бракот“-Најџел Николсон

Што да погледнете: The hours (2002), Vita and Virginia (2018), Who’s afraid of Virginia Woolf (1966)

автор: Јована Матевска Атанасова