„Музак“-аудио-проект на Илија Талев

-доктрината на живеењето преточена во звук

Илија Талев е име кое заслужува почесно место во постмодернистичките правци на музиката, особено зашто е македонски пионер кој го предводи андерграунд движењето на електронската сцена во земјава.

Годинава слави јубилејни три децении од компонирањето на својата прва песна. Скромен, а фасцинантен, овој музички гениј е сестран: создава графики, пишува романи, но пред сè допира до публиката со своите звуци како извадени од саундтрак на наградувана европска кинематографија.
Како артист и основач, на името Xavier Acid, на кое подоцна се приклучува и Сашо Ралевски, се впишува и во првиот том на „Македонската рок енциклопедија “ впрочем, единствен електронски музичар помеѓу рок мнозинството. Овој исклучок е атрибут од исклучителна важност за едно име кое плови спроти вообичаената струја. За ваквата отстапка, легендарното име зад Македонската рок енциклопедија,Тошо Филиповски, ќе каже:„ Eлектронската сцена е, секако, дел од едно пошироко сфаќање за рок музиката, нејзините жанрови и поджанрови. Во ниту еден момент не бев во дилема дали Xavier Acid треба да бидат дел од енциклопедијата само затоа што се електронски артисти. Впрочем тие функционираа како бенд, со авторска музика, со настапи во живо, самостојни или групни-со други македонски бендови, со сопствени албумски изданија… Покрај ваквата музичка посветеност беше сосема логично да бидат дел од таа заедничка приказна. Патем, но и за жал, Xavier Acid квалитативно беа еден од најквалитетните и најинтригантни македонски електронски производи по однос на создадениот опус на теми.“

Албумот на Xavier Acid бил избран како единствен македонски албум меѓу триесетте најдобри за 1995 година, според Канал 103. Но она што од богатото и необично создаваштво на Талев фрапира е токму концептуалноста на екстремно оригиналниот албум “Метрополис”од проектот Музак, кој своето деби на сцената го имаше во 2017 година.

Од каде доаѓа името ?

Музак била популарна музика во 60-те и 70-те години на минатиот век, особено во САД, асоцијација за повеќе форми на музика која била наменета за места каде што се движат големи маси на луѓе и притоа не се задржуваат долго како маркети, аеродроми, чекалници…

Талент сокриен во приземноста

Амбиенталните примеси на кои се таложи албумот се магични како шепот на школка. Создадени се од прогресивниот звук на секојдневието, допираат до секое сетило, го галат увото до возвишение. Она што е печат на Музак е „Секое правило има исклучок кој го потврдува тоа правило“, мантра на која креаторот е особено посветен, безусловно ја имплементира и предава на слушателите.

Како настанал концептот за Музак?

„ Во еден дневен весник, во средината на 90-те се појавува статија во која се објаснува како некој хирург во Источна Македонија при обична рутинска операција, наместо еден внатрешен орган извадил друг. На прашањето на новинарите како може доктор со такво реноме како неговото да направи почетничка грешка, одговорил „Погрешив бидејќи органот емитираше знаци дека е друг орган.“ Размислувајќи околу ваквиот изговор помислив, добро, ако може некаков орган да се преправа дека е друг орган, тогаш јас ќе направам музика, која првично ја направил некој друг и ќе ја сместам во мојата, при што сите тие семплови ќе се преправаат дека се мои.“, раскажува креаторот за своето искуство со создавањето на Музак.

Транседенталност искусена од земјен меридијан

Патување, астрална проекција на разумот, подвојување на душата, така се опишува времепловното искуство со Музак. Попат ќе го сретнете и Петре Прличко со својот познат “Благослов”, изведен од култниот македонски филм “Мис Стоун”, колаборацијата со етно групата Љубојна на “Девојче”. Впечатливо возење и маневрирање со слушниот апарат, овозможува почетната нумера која експоненцијално го отвора албумот насловена “Insomnia”.

Циклични повторувања за погодно метео

Овој медиумски микс е тахикардија на социолошко ниво, кованица на алтернативно и наутичко, прецизна градба од семплови, албум моделиран како урбанистички план. Музак е неслучаен аудио запис, есенција на когницијата, еднаш преслушан бара повторна изолација само со слушалки.
„Ниту една од песните нема ритам како основа, а таму каде што се појавува, е во функција на пропратен звук или инструмент.“

Творештвото-креативен нацрп за излез од општествената омалаксаност

Еволуцијата на Илија Талев од Xavier Acid до Музак е еминентна и воочлива. Овој безвременски талент го забележал и музичкиот критичар Петар Поповиќ, кој уште на самиот почеток од неговата кариера ќе каже:
“Слична тема, но на поинаков начин, обработува и македонската техно група Xavier Acid, која на својата деби касета “И после Тито техно” нуди свој поглед на овој модерен звук. Вметнувајќи точно и одредено семплувани делови од Титовите говори, создадоа динамична музика наменета за дискотеките, проткаена со пораки за иднината.”

Албумот „Музак “

-поттикнува: креативност и прогресија
-е погоден за: откривање на себеси
-e идеално комбиниран со: амбиентална тишина и слушалки

За сите заинтересирани слушатели, креаторот на „Музак“ Илија Талев, ќе им овозможи бесплатен примерок од албумот. Може да го исконтактирате лично на следниов линк: https://www.facebook.com/Muzak-1566320106968951/

За останатите, албумот може да го преслушате и онлајн.
Преслушај: https://muzakmacedonia.bandcamp.com/album/metropolis?fbclid=IwAR02PEyfYP5LgPbZbKVoHxAR5yS-cPZ_4qA76-8XgZvzezhqcwK0eafM_K4

автор: Јована Матевска Атанасова