„Стела“-кадри на обновеното детство

„Стела“ е првиот македонски семеен филм, кој ги имплементира строгите општествени патологии, сериозноста на булингот, како и неговото опсежно влијание на оној период, што во психолошки и социолошки рамки, се дефинира и одликува со безгрижност, детството.

Секој човек има една ѕвезда (лат. stella) која се јавува во точно одредено време, на веќе зацртани координати, за да го покажува патот, тогаш кога некој од него ќе застрани. По неуспешниот обид за самоубиство, Никола изгледа безнадежно. Неслога во семејството, училницата е негова мачилница, сè се сведува на негативни чувства кои во еден момент ќе го разорат, па тој посегнува по најсветото. Неговата ѕвезда, неговата Стела, се јавува во форма на овчарско куче. И тука, за него зазорува блаженството на природата, ја надминува кризата благодарение на нивните заеднички сеанси исполнети со љубов и разбирање, отелотворувајќи ја максимата дека кучето е најдобриот пријател на човекот. Дали животот се менува поттикнат од нашите мисли, или хемиската формула постои таму, од нашето раѓање, но бара посебен процес на душевна ферментација, на перипетија и разбирање, пред да се обелодени и да го преплави човекот со среќа?

Ова се кадри за искупувањето, за детето скриено зад невините очи, соочено со браздите на немилосрдниот свет што предвреме се обидува да го порасне. „Стела“ е летно небо чиј свод се спрема за олуја, небо на спротивности: емотивно корумпираниот свет на возрасните и детската лековерност што се одгледува без пристрасност.

Родителската неспособност како еден синдром за уривање на наивноста, на вербата, која неосетно се јази во детските соништа, ги инфицира со својот неблагороден акт на незаинтересираност за справување, допира до Никола, кој создава свое мутистичко поле на удобност преку кое се оградува од взаемнодејствителните сили коишто го тиштат и потиснуваат однадвор.

Одлична актерска екипа, врвен наративен квалитет што потсетува на високобуџетските кинематографски сценарија, професионална пост-продукција, беспрекорни пејзажи, емоции фатени од вистинските агли, се само дел од причините поради кои неизбежна е дружбата со милата Стела.

Филмот премиерата ја имаше на 18 септември, во рамките на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ 2020 година. За продукција, првпат во Македонија под назнаката „еко“, беа задолжени Дрим Фектори, сценаристка е Ева Камчевска, режисер Стојан Вујичиќ, кинематографер е Ѓорѓи Клинчаров, за костимографијата беше задолжена Милена Миленковиќ, монтажата ја изработи Данчо Стефков, снимател на звукот е Срѓан Бајски.

Главните улоги се резервирани за младата шарпланинка Стела, тринаесетгодишниот Петар Маниќ во улога на десетгодишниот Никола, Дејан Лилиќ, Христина Поповиќ, Тони Михајловски и Симеон Мони Дамевски.

Плод е на македонско-германско-српска ко-продукција, потпомогнат од германскиот филмски фонд „МФГ Баден-Виртемберг“, а финансиран од македонската Агенција за филм и Филмскиот центар на Србија.

Ако сакате да се свратите до детството, влезете во него преку очите на Стела.

IMdb оцена: 6.4/10

автор: Јована Матевска Атанасова