Светски ден на литературата за деца

На роденденот на најпознатиот писател на бајки во светот, Ханс Кристијан Андерсен, 2-ри Април, од  1967 година се слави Светскиот ден на литература за деца.

И додека генерално, литературата зазема различни правци, носена од нови, модерни, експериментални и екстремни струи, литературата за деца маѓепсува со својот кроток стил и е згрутчена во еднолична форма, приморана да запази одредени критериуми согледана врз целната група за која е наменета.

Детските книги секогаш биле извор на наравоученија и мудри мисли, зашто светот низ детските очи има поинаква, подлабока димензија од таа што ја гледаат возрасните. Тој изобилува со љубов кон природата, кон вредностите потиснати под вжештениот асфалт на урбаната џунгла, заборавени манири и принципи кои најчистите, неизвалканите од суровоста на општеството ги практикуваат како вродени особености.

Ја запрашавме д-р. Вангелица Гаврилова, доктор по психолошки науки, за тоа зошто е важна литературата за деца и како читањето влијае врз детскиот развој.

„Познатата максима „Книгата е најдобриот другар“ како сè помалку да се применува кај детската популација. Иако декларативно сите ја прифаќаме реалноста кажува нешто друго. Од моето искуство и досегашната пракса можам да констатирам дека сè помалку и помалку се користи читањето книги. Во денешницата децата уште од мали се бомбардирани со информации преку интернет. Факт е дека во современи услови на живеење, особено во услови на пандемија, информатичката технологија е неопходна.

                Во детскиот развој модел на идентификација во почетокот се родителите. Многу од нив во слободното време го користат телефонот, а децата го гледаат тоа. Детето не го прифаќа тоа што му го кажуваме, туку тоа што го правиме.

Мора да се потрудиме со заеднички сили преку примери во семејството, преку едукација и мотивација да се стави поголем акцент на оваа проблематика во образовниот систем заради елиминирање на ваквите слабости во реалноста.

Книгата треба да ја читаат со љубов, со уживање, а не со притисок. Таа не само што го збогатува речникот и начинот на изразување, туку влијае и на психичката урамнотеженост,  делува релаксирачки и го намалува стресот. Секако дека литературата треба да биде внимателно одбрана по квалитет, но и прилагодена за детската возраст.

Најдобро е првиот приод кон книгата да биде заедно со родителот, во неговата прегратка читајќи му убави бајки. Кај детето ќе се развие топлина, љубов, емпатија, фантазија од кои ќе произлезат пријатни емоции, а сето тоа во кохерентна врска ќе придонесе за формирање на една психофизички здрава и креативна личност.  “

Денес се освртуваме на пет прекрасни дела, кои секое дете, па и возрасен кој пропуштил да ги прочита, вреди да ги посети (уште еднаш) со поглед и мисла.

Малиот принц-Антоан де Сент-Егзипери

Оваа книга, која е една од најпреведуваните во светот, Егзипери ја напишал една година пред неговата смрт. Таа сѐ уште ја црпи суштината од човекот, отвора некои прозорци, го проветрува духот со искрено болните цитати. Таа е книга за растењето и задржувањето на детето во себе, како во срцето на возрасниот да има посадено едно стебленце, кое наводнувано со точна количина на амбиција, сентименталност и самодоверба, ќе расте и ќе ги воодушевува луѓето наоколу со своето прекрасно здание. Кога цврсто веруваш во добрината на светот нема потреба да ги стегаш силно очите, очекувајќи дека замисленото, таму во мракот на спуштените капаци, ќе се оствари.

Мери Попинс-Панела Линдолн Траверс

Мери Попинс, волшебната гувернанта, е модерен ангел чувар. Траверс во своето дело се обидува да сподели универзална порака преку чадорот на Мери, кој не би се вивнувал до небото ако таа никогаш не го отворела. Одлуките,балансирањето и разбирањето, последицата од стореното, сите тие навидум ситни делчиња од големата сложувалка, наречена хармонија, се нацрт-шема за спокоен живот. Колку порано детето научи да верува на сопствениот инстинкт, толку побрзо ќе воспостави конекција со своето колективно минато.

Петар Пан-Џ.М.Бери

Колку децата брзаат да пораснат? Мислат дека високите потпетици и уредно потстрижаните мустаќи се единствената грижа која ќе ја имаат како возрасни. Бери преку еден бајковит приказ на оваа детска желба да го одрастат малечкото тело, ја превртува реалноста преку работ на фантазијата. Петар Пан е дете кое одбива да порасне, за разлика од неговите врсници. Дали ваквата парадоксална желба е едната страна од човечкиот вештачки сателит, кој постојано тежнее да скита по спомените од раното детство, да ги восприема мирисите и пејсажите на мирното, недоволно истраженото, од љубопитност, детство ?

Пипи долгиот чорап-Астрид  Линдгрен

Пипи е плод на симултаната фантазија на Линдгрен, како приказни за побрзо оздравување кои ги раскажувала на својата ќерка Карен. Но Пипи почнала епидемично да се прераскажува наоколу и наскоро Пипи се нашла нацртана на насловна страница. Пипи низ своите авантури ги учи децата на силна имагинација, на непокорливост, на упорност и решителност, на едне силен детски темперамент, кој не згаснува по драснато колено или караница со најдоброто другарче. Да се биде достоен на себеси е најголемата грижа укажана од и за себе.

Алиса во земјата на чудата-Луис Карол

Нема да навлегуваме во спорноста на делото, кое заговарачки се појави помеѓу литературните критичките маси , но Луис Карол со своето безвременски загадочно и шарено дело, е еден од најфилмуваните автори низ кинематографската историја. Алиса е девојче кое мислејќи дека сонува се наоѓа во магичен, транседентален свет, каде е препуштена сама на себе. Одлуките и ризиците кои ги презема се составен дел од растењето. Без храброст и решителност човек не би направил ниту еден чекор.  Ова езотерично четиво досегнува до детските центри на љубопитност, на восприемање на идентитетот и сликата за себеси, „да“ и „не“ како две честички со спротивно значење, колебањето кое го успорува прогресот.

Соништата се остваруваат тогаш кога широко ќе се отворат очите.

автор: Јована Матевска Атанасова