Брендот „Luna Aditeya“- aлтернативна напредна мода 

Катерина Димитровска е родена 1998 година во Битола. Дипломирала на Технолошко-металуршки факултет, на насоката „Дизајн и инженеринг на облека“ во 2020 година. Идејата за „Luna Aditeya“ настанала во 2015 година. Катерина со својот суреален опус на секојдневието, остава впечаток дека е име и бренд за кое допрва ќе слуша модната и уметничка сцена. Нејзиното вредно творештво го обележуваат лежерниот спој на уметноста и науката, познавањето на хемиските својства кои одреден материјал под контролирани услови ги произведува, силната врска на дизајнот и технологијата. Но очигледно, најсилниот адут на „Luna Aditeya“ e цврстиот темел, изграден од гласната порака која вообичаено парче облека, не може да ја емитува на толку емотивен и импресионистички начин, но и квалитетот на изработката кој  е мошне интегриран од самиот старт на создавањето, при што за поседувањето на ваква, епохална изработка се задржува нераскинливиот момент на, подоцнежно, генерациско наследство. За Катерина вметнувањето на уметноста во модата не е случајност, туку цврста одлука на бунтовност и неконвенционалност. Но што ја издвојува „Luna Aditeya“ од технички зададените маргини на уметничкото?

Eлементал: Секогаш изненадува кога млад уметник својата креативност ја исползува онаму каде што и треба, без фидбекот, денес познат и под неологизмот лајк, да му претставува репер за успех и достигнување. Како се создаде идејата за брендот „Luna Aditeya“? Што се крие зад оваа неконвенционална концептуалност?

Катерина: Првенствено, псевдонимот Luna Aditeya означува месечина и сонце, како спој на два екстреми, кои не би можеле да ги сретнеме во исто време и на исто место, а прават една целина. Со текот на работата, на креативно и на лично ниво, сфатив дека тоа сум јас.

Како дизајнер и инженер, најмногу се пронаоѓам во деталите и во истражувањето и тие две полиња се за мене неразделиви, бидејќи самиот модел директно зависи од механичките, хемиските и естетските својства на материјалот.

Социјалните мрежи се меч со две острици и никако не се замена за директна комуникација дизајнер-клиент, со тоа што од една страна реакциите (позитивни реакции и конструктивни критики) на луѓето кои те следат и ги следиш, служат како една продуктивно поттикнувачка насока за како да се развиваш понатаму, што ним им се допаѓа, што не им се допаѓа, низ што поминуваат во моментот, што е тоа што им треба. Од друга страна мотивираат и вршат притисок за да се направи нешто поново и подобро.

Секако сум инволвирана во таа трка, но сепак автентичноста и бавната етичка работа (#slowfashion) ми е на прво место.

Елементал: Кои и какви материјали користиш при изработката?

Катерина: Најпрво, многу ретко ми се случува да изработам парче облека со материјалот онаков каков што бил. Поголем дел од моите дизајни имаат некаква трансформација, доработка на материјалите.

Потоа, се стремам и мило ми е што веќе и успевам да работам со еколошки материјали, а во тоа спаѓа текстилен отпад, трансформација на веќе постоечка облека, текстилни материјали од органски памук, рециклирани суровини. Освен со еколошки, експериментирам и со технички неконвенционални материјали (гума, PVC, филц, пластика, итн.) .

Еден од моите поомилени проекти досега, беше мојата дипломска работа, во која го истражував 3D печатењето (адитивно производство). Соработував со индивидуалци и компании кои поседуваат 3D печатари, и направивме 4 категории на производи: авангардна облека, 3D печатени структури со карактеристики на текстил, машински делови за конфекциската индустрија и помошен материјал.

Елементал: Твојот уникатен приказ на уметноста импонира една длабока замисла, колку талентот е забележан во рамките на нашето општество и дали уметноста се потценува на сметка на останатите професионални одредби?

Катерина: Најпрво, многу ме радува и мило ми е доколку оставам впечаток дека мојот пристап кон дизајнот буди кај луѓето длабока замисла и ги инспирира.

Според мене, моите дизајни сѐ уште не се распространети онолку колку што сметам дека треба да бидат, бидејќи сѐ уште го креирам правиот момент.

Не би можела да кажам генерално, но од мој аспект, за целото време откако започнав да се  занимавам со дизајн, добивам доста повратни реакции и поддршка. Секоја професија има своја улога и тежина во општеството и само со правилно вреднување на истите, можеме да функционираме. Уметноста, според мене, денес најчесто има улога на медиум за сите други професии. Опкружени сме со уметност и доколку ја одземеме од светот, апсолутно ништо нема да функционира исто.

Елементал: Што или кој е твој темел на творештвото? Очигледна е цврстината и решителноста во она што го создаваш. Густав Климт, еднаш кажал: “Уметноста е линија што ги обликува твоите мисли”, па аналогно на ова, како би ги класифицирала своите мисли? Линијата околу нив е дебела или тенка? Постојат ли, компромиси или стереотипи кои те оградуваат и те држат резервирано, назад?

Катерина: Темели на моето творештво се автентичност и екстремност. Не знам дали постои начин мислите да се класифицираат. За мене, тие само постојат. Како облаци. Така што или исчезнуваат сами од себе, ќе се претворат во дожд што освежува или ќе донесат бура што ќе уништи сѐ, па тоа ќе биде како почеток на друго време.

автор: Јована Матевска Атанасова