Кога уметноста се пресликува на филмското платно

Визуелните уметности, сликата и нејзиниот современик, видеото, при својот спој даваат посебно артикулирана естетика, која плени и оплеменува. За љубителите на седмата уметност, ваквиот пресек претставува оживување на сопствените фантазии во кои уметничкото платно се пресликува на филмското.

Сигурно нашиот прв предвесник на уметност во филм е култната комедија од 1997 година, прва екранизација на „Mr. Bean“ на големото платно. Сите сме се смееле кога смотаниот господин Бин , инаку чувар во Националната Галерија во Лондон, успева да го уништи експонатот кој патува за Америка, а е насликан од Џејмс Мек Нил Вистлер, познат меѓу уметничката фела како „Аранжман во сиво и црно бр. 1“, или „Вистлеровата мајка“.

Но да преминеме кон посериозни филмски остварувања, од кои дел се документарни, a речиси сите имале значителен успех на филмските фестивали и манифестации.

  • Surviving Picaso(1996)- Ентони Хопкинс го доловува немирниот дух на Пикасо, неговата лакома љубов кон жените, промискуитетноста, но и уметноста која му го овозможила раскошот да ги заведува жените без пардон. Франсоа Гиљо, негова долгогодишна љубовница, која кај Пикасо меѓу другото ја всадува љубовта кон ќерамичката обработка, па во нивната децениска емотивна бура, познати се скулптурите на кои Пикасо се посветил. Покрај страста, заедно имаат и две деца. IMDb: 6.4/10
  • Basquiat(1996)- краткиот живот на уличниот уметник Жан Мајкл Баскијат, портретиран низ неговата борба со идентитетот и порокот, заслужен за развој на графити уметноста која и ден денес краси некои места низ Њујорк. IMDb: 6.9/10
  • Pollock(2000)- врвна актерска екипа го оживува животописот на Џексон Полок на платното. Ед Харис добива и номинација за Оскар за забележителното воскреснување на незгодниот темперамент на Полок, проследен со манична депресија, последица на неконтролираната алкохолна пасија, неговото мизерување со кое ги инфицирал сите наоколу. Новинар од Лајф магазинот го прашал: „Како знаете дека една слика е завршена?“, одговорот на Полок, полн со цинизам, станува легендарен аперкат „А како знаете кога сте завршиле со водењето љубов?“ IMDb: 7/10
  • Frida(2002)- Фрида Кало е веројатно најпребаруваното име на уметник од понежниот пол. Нејзиниот живот бил нанижан со тага и приватни неуспеси, иако Фрида остава длабок печат со изгледот кој ја акцентира слободата и ја издвојува од уметничкото стебло, кое девојчињата се обидуваат да го имитираат. Филмот добива шест номинации за Оскар, меѓу кои и Селма Хаек за главна женска улога. IMDb: 7.4/10

авотор: Јована Матевска Атанасова