„Сонот на Ѕуница“ – креативна детска радосница

„Сонот на секое девојче има скриен котелец во имагинацијата предизвикан од јавето.“

Ова е моја прва рецензија на издание за деца. И не можам да се одлучам дали за мене претставува задоволство или поттик, зашто честопати знам да се изгубам во виорот на фантазијата, на детството што навраќа изненадно, на прсти, и замелушува со присуството на носталгија.

Ѕуница е детски развигор, разговорно посебна, радосница и споменар на шаренила, експлозија на бои и убави емоции, внимателно одбрани зборови како цветни латици, кои ги повикуваат креативноста и сонот кај големите и малите љубители на добра естетика, без оглед дали е спакувана во зборови, или зборови и илустрации. Илустрираната книга е поучна од аспект на изведен силогизам, балансирањето меѓу црното и белото, сонот и јавето, животот и смртта.

Филиз Оздем внимателно го моделира, го крои и прекројува, сонот на Ѕуница како царство на желби и мечтаења, конструирано од магичните светови и неограничената моќ на имагинацијата. Таа го знае, низ дејството го калкулира ковот на втемелување на книгите, како едно средство, долговечен процес за исползување на внатрешната енергија кај децата. Низ „Сонот на Ѕуница“ со голем сензибилитет се вметнати градацијата, градирањето на предметите во поголема слика (езерото се претвора во море, цветот во куќа), асоцијациите и компарациите (жолто како жолчка). Иако критиката би ја поврзала Ѕуница со современа верзија на Алиса во земјата на чудата, Ѕуница е прибрана уметност и непосредна сликовница, која на децата им овозможува оживување на прекрасен микрокосмос штоби го повикувале тогаш кога ќе го затворат патентот од клепки и ќе се предадат на ходниците на умот, уморот и непознатото. Во сонот детето е творецот, димензиите немаат граници, тоа им го нуди и Ѕуница, да го отфрлат стравот од сонување, стравот од погрешното, ги охрабрува да ги користат својот говор и глас, зашто ништо на светот не потекнало од стагнација пред дуализмот на погрешно и точно. Никој не би можел да ја претпостави вистинитоста на исказот и на изборот сè додека тие не се материјализираат во збор, во мисла.

Зошто „Сонот на Ѕуница“ е одлично четиво за деца?

Најпрво, психолошкото градиво е приспособено на детската зрелост, нема непотребно и извештачено искористени зборови што и самите родители би биле во искушение да ги пребаруваат низ речникот. Го нема ни неконтролираното истекување на нецензурирана нарација, со која се соочуваме низ многубројни дела од литературата за деца, а повикува на агресивни сензации, со призвук на негативни манири како вредности.

Сонот на Ѕуница е безбедно издание за детската когниција.

Илустрациите на Ајше Инан се уметничко чудо, кое ќе ви пројави слатка компулзија, да ги прелистувате страниците по повеќепати , да барате сличности и микроскопско скриени богатства, кои претходниот пат му избегале на видот.

Сликовницата е една отворена палета, совршена подлога за децата да ги осознаат боите благодарение на пактот со мнемониката. „А сега кажи ми, во која боја беа обоени зумбулите? Која боја беше фустанчето на Ѕуница? Каква боја имаа рибите? “ Но оваа сликовница е одлична и за поттикнување на задоцнетиот говор кај децата, затоа што нарацијата изобилува со специфично и внимателно одбрана лексика (острига, седеф, пупунец, ладало, грне, желади), која не само што не промовира нестандаризирани неологизми туку и го зајакнува влијанието на изворноста на мајчиниот јазик, љубов каква што е потребна да се шири и да се всадува кај децата од школска и претшколска возраст.

По прочитот, „Сонот на Ѕуница“ отвора повеќе можности за детска игра, како читанка, таа е упатство за развој на помнењето и квалитативен призвук на говорот. Во продолжение, ќе издвојам само две игри, а секако модификациите се безбројни варијанти, кои родителите со својата креативност, посветеност и слободоумност можат да ги претворат во дваесет и две.

  1. Игра на асоцијации

Родителот одбира еден збор (на пр. зумбул), детето се обидува да асоцира што повеќе својства што ќе му паднат на памет, а се однесуваат на сликовницата. -*Зумбул: куќа, син, голем, цвет. *Плочки: бели, црни, врата, скалила, пукнатина, ходник.

  • Игра на алитерација

Играта на алитерација исто така добро се вклопува за да се развиваат асоцијациите и говорот под заеднички повлечена дијагонала. Родителот го дава првиот пример, „Пупунче пупка“, па му се објаснува на детето дека понатаму треба сам да избере еден збор од сликовницата и на тој збор да надоврзе друг што ќе го носи почетокот (ѕвонче ѕвони, клуч клука, школка школо, бисер бистра). За да тече полесно надоврзувањето на синоними, може да ја практикувате играта заедно, како возрасна припомош.

  • ●                    Брзозборки

Создадете своја брзозборка од неколку стиха, која ќе биде џингл за најавување на сликовницата. Јас и малата рецензентка Ива ја осмисливме следната:

Низ градот ѕун ѕуни, Ѕуница сон сони,

сонет низ струни и струи.

Сликовниците се забавни кога се читаат во пар, нели?

автор: Јована Матевска Атанасова