Кон „Чуварницата“ од Берни Мекгил

Уште еднаш роман со тешка и потресна, сепак волшебна приказна. Прекрасни ликови, од оние со чиста емпатија до оние полни зло. Оваа книга е една од многуте што ни ги прикажуваат минатите генерации, какви биле и колку им било тешко. Иако низ целиот роман провејува љубовна приказна, централна тема е комуникацијата, радиокутиите на Маркони, кои им овозможуваат на луѓето да ги пренесат зборовите до другата страна, преку морето до копното. Заплетот започнува флуидно, приказната е добро срочена, но расплетот ќе ве расплаче. Наративната промена на крајот ни дава нова перспектива, иако со тоа се нарушува приказната на главната протагонистка во романот.

Приказната е сместена на ирскиот остров Ратлин на крајот на XIX век. Романот започнува со раѓање дете и потоа авторката нѐ враќа една година наназад. Се ткае приказна за модернизирање на островот, но главен фокус е Нуала Брн. Нејзиното семејство емигрирало во Њуфаундленд, Америка, кога таа била дете. Оставена на островот да се грижи за своите баба и дедо, таа има мудрост невообичаена за нејзините години. По нивната смрт, без приходи, таа се соочува со тешка одлука. Бидејќи ѝ е потребен покрив над глава, Нуала прифаќа да се омажи за стариот кројач на островот, кој е двојно постар од неа. Но тој не е сам, во пакет со него доаѓа и неговата постара сестра Џини.

Во меѓувреме, на островот пристигнуваат странци, вооружени со мистериозна опрема што може да ги украде зборовите на една личност и да ги пренесе преку воздух, па дури и преку океанот. Италијанскиот пронаоѓач Маркони (денес познат по трансмисијата на радиобранови) испраќа тим на островот, чии членови треба да спроведуваат експерименти за безжична телеграфија. Џини, сестрата на „Кројачот“, жедна за пари, ѝ наложува на Нуала да им биде готвачка во „Чуварницата“, каде што тие се сместени. Тогаш на Нуала ѝ се отвораат нови хоризонти, вештини и знаења. Го запознава Габриел, кој е со тимот на Маркони, и од нивното секојдневно дружење почнува да се развива пријателство. Тој сфаќа дека таа разива способност и интерес за технологијата и ѝ пренесува дел од своето знаење. И така, почнува да се развива и една романса. Во место што е опустошено од бури, Нуала се обидува да најде среќа и сфаќа дека цената што ја платила за сигурен дом била превисока.

Ова е една горчливо-слатка приказна, со оригинален опис на ликовите во тој век, преубав опис на детали и на островот, приказна што е делумно лесна за читање. Авторката се потрудила со истражување да ни ги претстави овие вистинити факти за тоа како Маркони го користел островот за да ги тестира безжичните врски. Ќе се информирате за сѐ во врска со радиобрановите и безжичната технологија. А Нуала ќе ви направи обиколка на островот и ќе ви ги покаже сите пештери и скриени места. Таа е жена што не може да се помири со судбината дека го изгубила бебето, единствената надеж за живот. И од тој момент нејзиниот живот е како една безвредна „нула“, како што ѝ звучи и името, без да дознае што ќе се случи понатаму.

Ана Ѓурова