Кога уметноста се пресликува на филмското платно (4)

Визуелните уметности, сликата и нејзиниот современик, видеото, при својот спој даваат посебно артикулирана естетика, која плени и оплеменува. За љубителите на седмата уметност, ваквиот пресек претставува оживување на сопствените фантазии во кои уметничкото платно се пресликува на филмското.

Сигурно нашиот прв предвесник на уметност во филм е култната комедија од 1997 година, прва екранизација на „Mr. Bean“ на големото платно. Сите сме се смееле кога смотаниот господин Бин , инаку чувар во Националната Галерија во Лондон, успева да го уништи експонатот кој патува за Америка, а е насликан од Џејмс Мек Нил Вистлер, познат меѓу уметничката фела како „Аранжман во сиво и црно бр. 1“, или „Вистлеровата мајка“.

Но да преминеме кон посериозни филмски остварувања, од кои дел се документарни, a речиси сите имале значителен успех на филмските фестивали и манифестации.

Big eyes(2014)- Режисерската палка е во рацете на ексцентричниот Тим Бартон, а главната улога е резервирана за Ејми Адамс. Сценариото ја следи уметницата Маргарет Кин, која покренува тужба против својот сопруг Валтер, плагијатор, кој ја зема заслугата за нејзините дела, во кои карактеристични се анфас портретите со потенцирани, големи очи. IMDb: 7/10

Woman in gold(2015)- низ сценариото се разработува судскиот спор на Марија Алтман, Еврејка, чиешто  бесправно одземено наследство во уметнички рамки, односно портретот на нејзината тетка   Адел Блонш-Бајер насликан од Густав Климт, е конфискуван од австриските власти. По долга битка Алтман го докажува своето право на поседување. Овој скандалозен настап на Еврејка против моќната австриска демократија е портретиран од оскаровката Хелен Мирен и Рајан Рејнолдс, во главните улоги. Инспириран од вистински настани. IMDb: 7.3/10

Loving Vincent(2017)- експериментална утопија на анимација, провидна граница помеѓу лудило и генијалност. 125 уметници ги насликале сите 65 000 рамки затсапени низ филмот,  со мрсна боја. Номиниран за Оскар. Дејството се случува по смртта на Ван Гог, кога и пристигнува неговото последно адресирано писмо до брат му Тео. Прикажани низ неверојатно моќна анимација, се последните денови од енигматичниот живот на уметникот кој сѐ уште нѐ држи заробени во својата фатаморгана. IMDb:7.8/10

Velvet Buzzsaw(2019)- уметничкиот критичар Морф Вандервалт, одигран од Џејк Гиленхал, својата хомосексуалност ја отвора кон бисексуалност и набрзо започнува врска со Џозефина, неговата соработничка. Сатирична претстава на уметничките кругови низ хорор и црн хумор секвенци. Дали високата цена се плаќа само при купувањето на уметнички дела? IMDb: 5.7/10

За љубителите на класични снимки, би било неблагодарно да го изоставиме „Lust for life“, уште едно остварување за Ван Гог, одигран од холивудскиот ветеран, сега веќе покојниот Кирк Даглас. Филмот премиерата ја имал во далечната 1956 година, а е адаптација на истоимената новела напишана од писателот Ирвинг Стоун.

автор: Јована Матевска Атанасова