Никогаш не се откажувам од вистината во која верувам – одблиску со Ебру Мусли

Мој идентитет – јас

Претставување, желби… за академските денови…

Сè започна, всушност, на 23 април, празникот на Националната сувереност и денот на децата, кога имав само тринаесет години со театарската претстава „Пинокио“. Турскиот театар беше местото каде што првпат стапнав на сцена, која ми оддаваше студено чувство и во тој момент ми претставуваше само место покриено со дрвени штици.
Првите возбудувања што почнав позитивно да ги доживувам со театарот беа подготовките зад сцената и бесконечните (гледајќи од аголот на мало дете) простории за костимски проби. Секоја врата зад сцената ме воведуваше само за момент и ми дозволуваше да искусам само еден мал дел од магичниот свет на професионалните актери. Во тој момент одлучив дека сакам да станам дел од тој „прогонет замок“. Денес го живеам тој сон на сцената на Турскиот театар.

Мојот пат до завршувањето на Факултетот за драмски уметности беше долг и трнлив. Трнлив бидејќи по завршувањето на средното училиште, драмскиот факултет истата година немаше приемен за турската класа. Чекањето траеше две години, но, во секој случај, продуктивни затоа што не сакајќи да се оддалечам од уметноста и да го потрошам залудно времето, се запишав на Филозофскиот факултет на отсекот Историја на уметност. Оваа одлука ми промени повеќе работи во животот во позитивна насока. Денес, паралелно со театарот, сум и магистер по Историја на уметност на Истанбулскиот универзитет.

Годините поминати на Факултетот за драмски уметности беа значајни и драгоцени особено затоа што бевме сплотени еден со друг заедно со професорот Елјеса Касо и, секако, со моите драги колеги од истата класа и пошироко.

Но, сепак, реалниот живот е многу „побрз“ од тоа да се биде студент.
Театарот е слобода што ти овозможува да го поставиш и да го искреираш тоа што дури ни на сон не може да го сониш. Сцена со неколку дрвени штици што живот значат.

Театарската публика за првпат имаше можност да те види во претставата „Кралот Лир“ во улогата на Корделија, за која зеде и награда за млад актер на фестивалот „Војдан Чернодрински“ и, секако, не остана незабележана од страна на публиката.

Овој месец разговараме за театар со младата актерка Ебру Мусли, веќе вработена во Турскиот театар Скопје. 

Ебру, здраво, како си сега? Што има ново? 

Здраво, најпрвин би сакала да ви се заблагодарам на поканата за интервју.
Колку што е подобар секој изминат ден во овој пандемски период, толку повеќе се обидувам да бидам подобро и јас.
Последната претстава во Турскиот театар ја имавме во февруари. Оттогаш некако се повлеков во четирите ѕида на мојот интимен свет и работам на неколку проекти што допрва треба да ја почувствуваат светлината на денот. Но, за нив во некоја друга пригода.

Театарската публика имаше можност да те гледа во новата претстава „Славната Флоренс“ во режија на Драгана Милошевска, и тоа рамо до рамо со веќе искусни и големи актери, а ти одлично ја искреира твојата улога. Раскажи ни малку за тој процес, за твоето искуство и, секако, за работата во време на пандемија? 

„Славната Флоренс“ беше еден од оние процеси што никогаш нема да ги заборавам. Ме научи многу. Ние, како тим, многу си верувавме во овој мрачен период и почитувајќи ги сите мерки и протоколи, успеавме да реализираме уште една успешна претстава. Во тие денови, театарот и сцената ни беа посигурни од животот надвор.
Една од позначајните улоги во претставата, главната протагонистка и ѕвездата на приказната, ја толкува Бедија Беговска, која претставуваше мост помеѓу младите актери (јас и Јеткин Сезаир) и искусните актери (Селпин Керим и Џенап Самет).
Целиот процес успешно го доведовме до крај, рамо до рамо со режисерката на претставата Драгана Милошевска, како и со беспрекорната работа и ангажманот на секој вработен во Турскиот театар.

Кое е твоето главно оружје да се избориш за својот свет како млад актер?
Моето најмоќно оружје е сцената. Тој свет и борбата за него ми почнува и ми завршува таму.

Дали како млад актер имаш храброст да се потпреш на својата интуиција и гласно да го кажеш својот став или незадоволство? 
Никогаш не се откажувам од вистината во која верувам. Во тој контекст, би сакала да ја цитирам поезијата од Назим Хикмет:

„Но, мала е нашава работа,
најлошо е всушност кога,
знаејќи или не знаејќи,
човек во себе го затворот носи“

Во која театарска форма би сакала да се видиш во иднина? 

Апсурд.

Дали им се дава доволно простор на младите актери? 
Проблематиката на ова прашање е многу широка. Треба да се дискутира како посебна тема во посебна област. Но, мојот одговор на ова е и „да“ и „не“. Постојат илјадници гледишта и илјадници вистини, и секој изговорен збор ќе биде политички. Сепак, она што е важно тука е храброста на неискусните и стравот на искусните.

Што е она што сакаш да го гледаш и да го играш на театарската сцена? 
Разбивање на сите предрасуди и секогаш да ми ја дава апсолутната слобода, без никакви ограничувања и стеги во изведбата.

За алтернативните сцени… 
Алтернативната сцена ја „брише прашината“ што многу често се создава на останатите театарски сцени. Алтернативните и експерименталните претстави ти даваат поголема можност за целосно инволвирање во процесот на претставата и во темите што обично се одминати и заобиколени од другите сцени, а со тоа и самиот плод на крајот е повкусен или погорчлив.

Повеќе уживаш во процесот на создавање или во репризите? 
Повеќе уживам во процесот. Во оживувањето на ликовите и во запознавањето во различни димензии во однос со нашите сопствени животи, а уживам најмногу во моментот и секогаш ми е магичен и вонземски крајот на патот на процесот, кога мојата и рефлексијата на ликот се среќаваат и се соединуваат. Но, уживањето завршува со спуштањето на завесата и почетокот на тешкиот психолошки и емоционален процес на разидување на патиштата на нашите рефлексии.

Како се справуваш со тремата?
Мислам дека тремата има повеќе лица, некоја со вкус на страв или со мала доза хумор или со боја на есен…

Тремата е добра ако е во контекст на одговорност спрема тие луѓе што се потпираат и веруваат во тебе. Секако, елементарната трема што секое живо битие ја носи повеќе или помалку, доколку не ги прескокнува човечките граници и не се претвора во страв и пречка за работење, е добредојдена.

Во втората година од твоите академски денови ја добиваш првата професионална улога и со тоа доаѓа и твојата прва театарска награда во претставата „Кралот Лир“. Што значи тоа за тебе и дали интуитивно знаеше дека тој проект ќе ти даде простор за да се истакне твојот театарски раскош?

Наградата е само рефлексија на целиот труд и целата љубов вложени во процесот на креирањето и создавањето на претставата. Диего Де Бреа, според моето мислење, е репер за тоа како треба еден режисер да врши избор на актерите и за начинот на извршување на соработката со нив. Како млада и идна актерка, соработката со него беше апсолутна пресвртна точка за текот на мојата кариера. Диего ми ги отвори вратите на многу тајни на театарот, но во истиот момент сокри и многу клучеви што допрва самата треба да ги пронајдам.

Што би им рекла на режисерите?

ebrumuslii@gmail.com 🙂 🙂

Три книги:

„Deer Curses,the Mesopotamian trilogy III“ – Murathan Mungan

„Malina“ – Ingeborg Bachmann

„Kuvâyi Milliye“ – Nazım Hikmet

Три филма: 

„The lighthouse“ – Robert Eggers

„Double life of Veronique“ – Krzysztof Kieslowski

„The wild pear tree“ – Nuri Bilge Ceylan

Три претстави:

„Галеб“ во режија на Томас Остермаер

„Под замокот“ во режија на Ѓурај Динчол

„Куќа на граница“ во режија на Јуџел Ертен