Низ објективот на Стефан Рајхл

Кога ќе свртиме поглед наназад, и тоа во не толку далечно минато, се присетуваме на фестивалите и концертите, настапите и манифестациите на кои, сега гледаме низ призмата на три атрибути: грешно, казниво и забрането. Ваквите масовни собири создаваа еуфорија и емотивен занес, пренесени низ вибрации и овации, враќање на бис и блицеви кои ја сецкаа атмосферата како молњи. Тоа чувство на полетност кое сега се чини дека се отуѓува е сѐ уште присутно, овековечено и складирано во долгите и исцрпни архиви на најдобриот фотограф во Македонија, Стефан Рајхл.

 Елементал оствари контакт со Стефан Рајхл, на кој со оглед на богатото резиме, може да му позавидат реномираните светски имиња. Рајхл е маестро на концертната фотографија, неговото име стои потпишано зад културни и урбани фестивали како „Оhrid Calling“, „Земјотрес“, „Таксират“, тој е официјален фотограф и на Авалон Продукција. Фотографирал недоброј познати ѕвезди . Но и покрај исцрпната кариера, младиот Стефан е срдечен и ведар, приземен, зрачи со топлина и oтворена непосредност, неговиот питом карактер Елементал успеа да го долови во вистинското светло, изворно да ви го пренесе спакувано во прекрасно интервју и галерија, во кои се надеваме ќе уживате. Тука секако е присутен и факторот на неоспорен талент, кој е плод на брилијантна уметност помеѓу имагинативната замисла и фактичката реалност:  фокус и љубов, тајминг и естетски извежбано око.

 Стефан за вас избра 6 фотографии, како најдрагоцени од фестивалите и концертите кои имал прилика и чест да ги фотографира, на таков начин обидувајќи се да ни ја наврати сатисфакцијата и носталгијата на времето кога Короната била само виролошки поим во медицинскиот лексикон.

Елементал: Секој има пресвртна точка кога се трансформира во она што го смета за своја животна определба. Како и кога се случи да го пуштиш фотографот да протече низ твојот зенит?

Стефан Рајхл: Фотографијата не е ништо ново во мојот живот како што некои други мислат, но 2015 е онаа  пресвртната година кога решив  да се почестам себе и да ја задоволам мојата огромна желба за фотографирање, така го купив  мојот прв полупрофесионален апарат. Да бидам искрен во тој момент немав никакви посебни намери што и како ќе правам, ниту пак дека ќе бидам она што денеска  го работам, едноставно сакав да фотографирам, првенствено за себе, како што отсекогаш и било. Тоа е сѐ, сѐ останато е историја.  

Елементал: Неблагодарно е да се фаворизира одредено дело, но бидејќи ја начнавме темата за да го вратиме сјајот под рефлекторите и силните озвучувања, интензивната еуфорија и вербата дека за брзо ќе бидеме дел од вакви настани без маски и социјална дистанца, би сакала да ми кажеш:

Кој е концертот кој те натера да ја споиш музиката со фотографијата?

Стефан Рајхл: Тоа е една многу голема и долга приказна на која ни самиот не знам каде е почетокот искрено, тие две работи  во мојот живот секогаш оделе рака под рака, но концертот кој сериозно ме вовлече во цела оваа приказна и ми ги отвори вратите на она што денеска го правам како фотограф е концертот на Born From Pain во Хавана 2015 година, кој воедно беше и мојот прв концерт што го фотографирав со посериозна опрема, односно со тазе купениот апарат.  Веднаш по тој концерт добив понуда да бидам дел од тогашната редакција на  Nocturne Magazine (подоцна  Hardwired Magazine) од Србија  и да ги покривам сите музички настани, бендови  и концерти  во Македонија од областа на Rock n Roll-от.

Елементал: Концерт на кој тотално си уживал?

Стефан Рајхл: Ги има многу,  но концертите на Балашевиќ се дефинитивно оние на кои најмногу сум уживал и со душа сум ги чекал.  На моја огромна чест и задоволство имав шанса да бидам официјален фотограф на неговиот последен концерт во Скопје. 

Елементал: Концерт од кој си очекувал многу, а те разочарал?

Стефан Рајхл: Можеби концертот на Tom Odell во МКЦ.

Елементал: Настап за паметење?

Стефан Рајхл:  Би набројал неколку: концертите на Sting,  Lennz Kravitz,  Joe Cocker,  Iggy  Pop , Prodigy во Скопје,  AC/DC во Софија,  Robbie Williams и  Iron Maiden во Белград. 

Елементал: Фотографите имаат мало богатство од додатоци, објективи. Според тебе кој е најдобриот, но и најуниверзалниот објектив, зашто претпоставувам секој си има прецизно определена намена?

Стефан Рајхл: Во принцип да, секој објектив има некоја определена намена но  доколку доволно ја познавате опремата со која работите можете со само еден објектив да направите чуда. Објективи кои јас често ги користам се 24-70мм 2.8 и  70-200мм 2.8, но и 85мм 1.8 во последно време. Сепак сѐ зависи со каков тип на фотографија се занимавате. Во мојот случај за концертна фотографија веќе споменатите објективи се задолжителни ако може така да се каже.

Eлементал: Фотошоп е новата прирачна алатка на секоја девојка, жена, домаќинка, па дури и на момците. Но колку е реалноста соодветсвтвена со Инстаграм фотографиите, со оглед на тоа, дека стручно и нестручно се користат филтри кои полека се закануваат да ја нападнат фотографската дејност, да ја уништат? Дали наскоро благодарение на гаџетите и мобилните софтвери, секој од нас ќе може да стане свој личен фотограф?

Стефан Рајхл: Па да, секој од нас е веќе свој личен фотограф на некаков начин, благодарение на новите технологии и паметните телефони и мислам дека не е тоа толку лошо, тоа е дел од еволуцијата која ја преживуваме во моментов.  Не би рекол дека користењето на филтри може да ја уништи фотографската дејност напротив,  она што за мене е „пострашно“ кај денешните помлади фотографи и самите фотографии по социјалните мрежи е следењето  мода  по секоја цена само да се допаднеме на другите и создавањето на погрешна слика за животот што го живееме и  тоа што во суштина сме. Секако дека има исклучоци но во глобала мислам дека следењето на модните трендови и незаинтересираноста за создавање свој личен печат во она што го креираме е најголемиот проблем. На крајот од денот секој има право да прави што сака со своите фотографии, а она што е квалитетно и добро ќе исплива од темнината, порано или подоцна.

Eлементал: За крај, што ја прави фотографијата екслузивна и задоволителна? Вистинското осветлување, сценографијата, соработката помеѓу фотографот и клиентот, дополнителната обработка? Или една квалитетна фотографија е производ на љубовта која се вложува да се изнесе спомен за идните генерации?

Стефан Рајхл: Од сѐ по малку,  фотографијата  според мене е индивидуална работа  и сите различно ја гледаат и доживуваат, на некого му се допаѓа некому не, некој ја разбира некој  не ја разбира и тоа е сосема ОК,  сите ние имаме различна перцепција  на нештата. Jас  креирам и фотографирам  првенствено за себе  и притоа сакам да уживам во тоа што го правам.  Но осветлувањето  и композицијата се можеби клучни за добра фотографија, сепак тоа е основата и суштината на фотографијата,  друго што јас лично преферирам во мојот стил се спонтаните моменти и емоцијата. Но што би била една фотографија без добра приказна?

Ристо Вртев – Златна бубамара 2020
Божо Вречо – МОБ, 2020
Стинг – Арена Борис Трајковски, Скопје, 2017
Џибони – Арена Борис Трајковски, Скопје, 2018
Лени Кравитз – Арена Борис Трајковски, Скопје, 2019
Ема Попивода – Музеј на современа уметност, Скопје, 2017

автор: Јована Матевска Атанасова