Премиера на краткиот филм „Прашливи цвеќиња“ во МКЦ

Во кино Фросина, вечерва со почеток во 19 : 30 и 20: 30 часот се закажани двата термини за премиера на краткометражниот филм “Прашливи цвеќиња”. Филмот со времетраење од 17 минути, во режија на Мирослав Илиќ, раскажува приказна со комплексна тежина, неостварениот биолошки динамизам во жената.

Жена која по неколку неуспешни обиди за свое биолошко дете ќе биде принудена да се откаже од медикаментацијата со антидепресиви, знаејќи дека тие ја десеткуваат фертилноста. Нејзината сентименталност е очигледна, толку интензивна и живописна, што не може да предизвика сочувство кај гледачот.

Овој дебитантски и самофинансиран филмски проект досега добил две награди за најдобар краткометражен филм. Во главните улоги ќе ги гледате Сара Анастасовска, Стефан Вујисиќ, Арна Шијак и Христина Цветановска.

Влезот за проекциите е бесплатен, но претходно треба да ги набавите билетите преку bileti.mkc.mk или на следниов директен линк:

https://bileti.mkc.mk/index