Привилегија е да се биде жена режисер – одблиску со Нина Николиќ – режисер во Македонскиот народен театар

Фотограф – Ирина Крстевска

Мој идентитет – јас

За детството, младоста, соништата (желбите), за победите, за промените…

Најубавите моменти од детството ги поврзувам со деновите поминати во училиште – во последните три клупи до прозорецот што беа резервирани за моето друштво. Бевме група од 5 девојчиња, кои се раздвојувавме само кога спиевме. Заедно бевме пред часовите, по часовите, за време на часовите. Нашето основно училиште „Гоце Делчев“, стуткано помеѓу зградите на Градскиот ѕид, веднаш до слаткарницата „Ескимо“ и парковите помеѓу зградите сигурно паметат различни смешни настани. Бевме исклучително специфична група, која според начинот на однесување не беше како другите деца – веројатно зашто секоја од нас имаше свој свет, табиет, афинитети… Бевме формирале дури и банда – женската банда „Бандитос“, а нејзини членови беа Ивана Каранфиловска-Угуровска (костимографка со кој континуирано работам), Дарја Ризова (дел од поделата на речиси сите мои претстави), Маја Трајаноска (преведувач на текстовите за многу од моите претстави) и други. Кога за формирањето на бандата дознаа професорите, со помош на нашите родители и педагогот таа беше формално расформирана, но суштински и очигледно таа „постои“ до ден-денес. Мислам дека врските што се прават во детството е она што понатаму нè определува како луѓе, а оние со кои сме делеле клупа стануваат наше семејство. Моја среќа е што јас немам само спомени и пријатели, туку и тим со кој делиме исти размислувања во врска со театарот и тоа го претвораме во наши заеднички дела – претстави.

Соништа немам – имам планови што ги остварувам, а секој остварен план за мене е победа што ме прави сè посигурна во себе и во она што го работам. Промените ги прифаќам како дел од животот – има промени кон подобро на кои им се радуваме, но и промени кон полошо на кои мора да се навикнеме и да ги прифатиме за да можеме да продолжиме нормално да живееме. Изминатиот период ни покажа дека работите се менуваат лесно, брзо и неочекувано и дека треба да го користиме секој момент за да му се радуваме на животот и на убавото што нè опкружува.

Твојот раст во академските денови… што научи од твојот професор ментор и кога се случи твоето созревање како режисер?

Од мојот професор научив дека секој од учесниците во проектот мора да има простор на слобода да го истражува и да го артикулира она што го чувствува како важно за ликот/претставата, зашто само така може да се формира целина што функционира како жив организам и во која сите учесници се чувствуваат комотно.

Тешко е да се каже кога некој созреал како режисер, зашто веројатно таков момент воопшто и не постои. Мислам дека секоја нова претстава носи нови искуства што го надополнуваат веќе постоечкото количество зрелост со што човек континуирано созрева.

Фотограф – Ирина Крстевска

По цели 12 години, како гледаш денес на „Неверство“, која истовремено и е твојата прва професионална претстава. Кои режисерски кодови се променети кај тебе за овие години?

Можеби звучи чудно, но ретко се навраќам на она што било порано. Мислам дека најважно за развојот на еден човек, приватно и професионално, е да гледа напред, а не зад себе. Едно е сигурно, „Неверство“ беше проект во кој главен мотив на сите учесници беше искрената желба да создава театар и тоа да го изведува пред публика. Најголема инспирација и наш пример тогаш беше Русе Арсов, кој нè научи дека театарот се создава со љубов и професионалност, а не со многу пари. Во рамките на тој процес за првпат ја почувствувавме убавината на создавањето театар. Со здружени сили и со многу верба – од ништо и без ништо – направивме претстава што публиката ја препозна, ја гледаше и ја сакаше. Токму тоа ни даде ветер во грбот бескомпромисно да веруваме во нашите идеи и упорно да работиме на нивна реализација. За да се создава театар, мора да постои апсолутна хармонија во екипата. Ние тогаш Културниот центар ЦК го доживувавме како НАШ простор каде што не само што работевме, туку и каде што го поминувавме нашето слободно време. Убавината на „Неверство“ беше во тоа што нејзината екипа беше неразделна целото тоа време на нејзиното постоење.

„Неверство“ е приказна во која луѓето се пронаоѓаа и тоа беше нејзиниот најголем квалитет.

Театарот е твојот свет во кој ти…

Театарот е посебен, изолиран, на некој начин свет на бајките во кој јас лично се чувствувам безбедно и среќно. Театарот е место каде што можам да ги раскажувам моите приказни, но каде што можам да ги раскажувам и приказните на оние што не можат да бидат слушнати. Театарот е единственото место каде што можете да градите светови, кои ако не ви се допаѓаат, имате право да ги срамните со земја. Театарот е, всушност, посебно место, чија душа тешко може да се објасни со зборови. Него, всушност, го прават луѓето, оние на сцената и оние зад/околу неа. Мојот театар, мојот свет и моето безбедно место е МНТ, зашто таму споделувам, градам и рушам заедно со оние со кои делам слични размислувања.

Кои се предностите и маните да се биде жена режисер во ова општество?

Од моето досегашно искуство, можам да кажам дека не само што не е мана, туку е и привилегија да се биде жена режисер. Ми се чини дека жената и уметностите некако природно си припаѓаат, па дури и си прилегаат, а околината тоа потсвесно го препознава и го вреднува. Не ми се случило да се почувствувам инфериорно во ниту една професионална средина во која сум се нашла само затоа што сум жена. Од друга страна, во последно време, регионот го потресоа страшни приказни за силувања и физичко и психичко малтретирање млади и малолетни жени, кои долги години се плашеле да ја кажат вистината пред јавноста или, пак, пред институциите, кои се должни тоа да го спречат и да го казнат. Тоа покажува дека во ова општество е тешко да се живее нормално (без оглед дали сте маж или жена), зашто системот просто не функционира. Тоа што огромен број жени (и не само жени) морале да премолчат и да премолчуваат насилство е шлаканица за оние што ги обесхрабриле и што им ја срушиле вербата во тоа дека има правда. Затоа не смееме да дозволуваме на луѓето да се гледа како на мажи и на жени, туку да се доживуваме себеси, а и другите, пред сè, како луѓе.

Фотограф – Ирина Крстевска

Зошто луѓето одат во театар? Кој е твојот одговор на ова прашање?

Мислам дека луѓето одат во театар за да се видат себеси како во огледало, за да си докажат дека не се сами, за да се охрабрат гледајќи дека и на некој друг (па макар и лик од претставата) му се случува она што тие го преживуваат…

Дали театарот ја има моќта да го подобри светот на подобро?

Театарот нема моќ директно да го менува светот, но има моќ да го буди и да го негува најубавото во човекот, а со тоа да го прави поединецот подобар за себе и за околината. Ако земеме дека поединецот е клучен за градењето здраво општество, тогаш на долги стази театарот е моќно оружје со кое може да се прават големи, вистински и трајни промени.

Дали се врзуваш за одредени форми или сакаш да истражуваш, а со тоа и да создадеш нов театарски печат?

Моментално најмногу ме интересира работа со актер, тоа беше темата и на мојата докторска дисертација што неодамна ја одбранив на Факултетот за драмски уметности. Сметам дека актерот е клучна фигура во процесот на создавање претстави. Најмногу сум фокусирана на испитувањето на границите на природноста на сцена со цел постигнување живот, а не глума или каква и да било артифициелност на сцената. Цврсто стојам зад тоа дека актерската игра во театар според ништо не треба да се разликува од онаа пред камера. Мислам дека театарот треба да биде исечок од животот, а не негова имитација. Не сум приврзана на конкретни форми, сакам да истражувам, да споделувам и да го надградувам она што го имам како материјал.

Во подготовки си на реализација на еден голем европски проект со наслов „Патиштата на хероите“, во кој се вклучени и наши актери од Македонскиот народен театар. Со самото тоа, ќе ставиш нов режисерски печат на твојата нова претстава – драмата „Народен непријател“ на Ибзен. Раскажи ни малку за овој проект и кога ќе се случи неговата целосна реализација?

„Патиштата (или начините) на хероите“ е меѓународен проект на 7 партнерски организации обединети околу идејата за уметничко испитување на социјалната апатија и отсуството на дејствување кај заедницата. Лидер на проектот е Македонскиот народен театар, на чело со директорката Симона Угриновска, која во редовите на вработените успеа да создаде работна етика и позитивна енергија што среде пандемија ни донесе голем проект и огромна одговорност. Главен фокус на проектот е будење на свеста за еколошките проблеми кај нас и во регионот, за чие надминување е неопходно дејствување од страна на секој поединец. Преку воспоставувањето креативен екосистем во кој секоја активност влијае врз друга, а разликите меѓу уметничките дисциплини се тенки, проектот ќе вклучува разновидни изразни средства. Театар, видеа, перформанси на јавни простори, изложби, илустрирани книги за деца и онлајн кампањи се само дел од средствата преку кои ќе се обидеме да ја разбудиме публиката и преку уметнички дела да ја натераме да изгради свест за проблемите на околината.

Претставата „Народен непријател“ во продукција на МНТ е централната активност на проектот, а во неа учествуваат дел од актерите на МНТ и целокупниот технички и административен тим на театарот. Што се однесува до самата претстава, сè уште сме во фаза на поставување на темелите. Читаме, разговараме, се договараме… сите карти се отворени, комплексноста на драмата ни отвора безброј патишта/начини, а наше е да избереме по кој ќе тргнеме… Некаде следната година публиката ќе има можност да види до каде сме стасале.

Зошто треба да постојат алтернативните сцени?

Алтернативните сцени треба да постојат зашто тие се контратежа на она што се случува во институциите. Алтернативната сцена е, всушност, постојана инспирација, освежување и показател кон што ново треба да се стремиме.

Дали можеби се инспирираш од патиштата на твоите херои? 🙂

Интензивната работа на проектот исклучително ми ја зголеми сензитивноста кога станува збор за проблемите на околината, аерозагадувањето, уништувањето на реките во регионот итн. За разлика од претходно, многу повеќе внимавам со своите постапки да не ја загадувам животната средина и мислам дека за тоа треба да има свест секој поединец. Така што ДА – се инспирирам од Патиштата на хероите.

Како е Нина сега?

Со оглед на чудните околности во кои живееме повеќе од една година – одлично! Сепак, оваа пандемија ни покажа дека нешто многу не е во ред со нашето општество, што прилично ме загрижува.

Сме создале егоистични млади луѓе, кои под тезата „мене нема ништо да ми биде“ ги загрозуваат старите, зашто нели „стари се, и онака ќе умрат“. Истото важи и за хронично болните, кои „болни се, па и онака ќе умрат“… Како заедница, немаме никаква почит кон здравствените работници, кои работат под страшен физички и психолошки притисок повеќе од една година – не знам зошто мислиме дека е нормално некој секојдневно да се соочува и да гледа толку многу пациенти што се борат за здив и што континуирано ја губат битката со болеста. И згора на сè, го саботираме процесот на вакцинација, кој е патем единствениот излез од ова лудило, под изговор дека ќе ни стават чип во вакцината – нешто слично како дрога во пијачката!

Што би им кажала на актерите?

Во овој момент, на актерите би им кажала само едно: Доколку сакаат да си го вратат театарот себеси и на публиката, мора да се вакцинираат!!!