Данте Алигиери-брилијантен книжевен скулптор на задгробата

Иако живеел во време од кое на прсти се набројуваат зачуваните историски градби и артефакти, неговите книги се препечатуваат како 13/14 век да бил вчера.  Пишаните сведоштва на Алигиери се најблиското до колективната мисла на време кога со индулгенциите се тргувало како да се вредносни хартии. Народот ретко бил описменет, па затоа му преостанувало да верува во она што писмениот дел од таборот го прераскажувал. Ваквата заслепеност довела до една латентна моторика врз чии принципи се создава и модерната литературна демократија. Но колку и да изгледа неверојатно Алигиери станал познат дури во XIX век, односно шест векови по неговата смрт. Дотогаш за среќа на сиот човечки род, делото некако било запазено, преместувано од една крипта до друга ризница, поминало низ војни и пожари, поплави и земјотреси, природни катастрофи и катаклизми предизвикани од човечката простодушност.

Аспирации за политички живот

Верувале или не, Данте бил и фармацевт. Тогашната самоуправа на Фиренца налагала секој благородник и граѓанин кој имал желба да придонесе за јавниот живот или политичката сцена, претходно да стане дел од еснафскиот сегмент на градот.

Данте се нашол заплетен во центарот на фирентскиот конфликт од 13 век, војната помеѓу Гуелп и Гибелин. Токму разорните сцени на бојното поле , во кое и самиот учествувал како коњаник, имале најголем отпечаток врз креирањето на трилогијата за задгрбјето. Извесно време бил дел од Градскиот Совет, а на возраст од само 25 години станал еден од шесте намесници кои управувале со Колегиумот на Фиренца. Желбата за политичка моќ во кревката поетска душа, ќе го прекрши. Сплетките и интригите познати и неодвоиви од високиот сталеж во средниот век, ќе станат негова пропаст, која на крај ќе резултира и со прогонство од Фиренца.

Татко на италијанскиот јазик и креативниот егзил

Тосканскиот дијалект набрзо станува ковачница на современиот италијански јазик, влијанието е толку големо што го револуционизирало говорното подрачје на територијата на цела Италија. Данте им покажал на своите сонародници колку е убав и богат, отворајќи го како школка пред светот, тој набрзо се проширил низ речниците како див и нескротлив оган. Тосканскиот дијалект дури и станал официјален јазик кога Кралството станало реалност во 1861 година.

Откако бил прогонет од Фиренца во 1302, настан што ќе го измачува до самата смрт, Данте прошетал низ падините и котлините, лозовите расади и крајбрежја, интимно поврзувајќи се со родољубивиот нагон кон татковината. Имал средби со селани и феудалци, војводи и закрепостени граѓани, ги впивал убавините на родната земја во телото кое се исцедило како сунѓер од сите амбиции за власт кои му донеле само зло.

Да не беше прогонството, немаше да се случи ни „Боженствена комедија“, која стана едно од највлијателните 12 книжевни дела во светската историја на литературата, веднаш после еповите на Хомер , a пред Хамлет. Кога сме веќе кај Хомер, Алигиери слушнал за него, но бидејќи не знаел грчки никогаш не ги прочитал ни „Илијада“, ни „Одисеја“. За жал, во времето кога живеел и творел, делата на Хомер сѐ уште не биле преведени на италијански јазик.

Влијанието врз неговата лирика

                Данте, чии стихови се најпознати веднаш после библиските, својот стил и восхит кон поезијата и воопшто пишаниот збор , го препишува на поетот Guido Guinizelli. Кога неговите очи и мисли дошле во допир со љубовниот сонет на Гинзинели, Алигиери ги напуштил сите афинитети кон останатите уметнички гранки  и одговорил на судбоносниот повик кон поезијата. Во „Чистилиштето“ кон Гинзинели се обраќа со зборовите „татко“.

Данте Алигиери е првиот поет во светот кој ја користел „terza rima“, па низ книжевните записи се сретнува и како нејзин основоположник. Ја осмислил за да го збогати својот стих, да ја украси строфата, нешто што останало да се користи и понатаму во структурирањето на поезија.

Најопеаната платонска љубов

Во 1290 година ненадејно починала љубовта на неговиот живот- Беатриче. Тогаш го прави и првиот чекор кон поезијата, користејќи го механизмот на сублимација, ја пренасочува болката на полезност, која подоцна преминува во негова најголема доблест: пишувањето.

Се претпоставува дека првата средба со Беатриче ја имал на деветгодишна возраст. Дека станала негова детска и никогаш остварена љубов, на која се обидел да ѝ даде, да ја обликува според реални димензии, но и да ја оживе преку патот до небесните пространства и тамошната хиерархија. Опејувајќи ја тој ја вознесува до зона на бесмртност, со својства на божество. Иако за Беатриче напишал неверојатни  14 233 стихови, поделни во три тома, за својата сопруга Џема, со која создал потомство, не постојат записи дека напишал единствен стих.

Сѐ до ХIX век кога делото било ре-откриено од страна на романтичарите, „Боженствена комедија“ не уживала почести на безвременско творештво, напротив поради обемноста, често во изминатите векови била заобиколувана дури и од видните и истакнати академци.

Алигиери напишал и уште едно дело, кое застранувало од централната точка која му се давала на „Боженствена комедија“. „Новиот живот“ се состоел од канцони и сонети напишани непосредно пред смртта на Беатриче, реализирани со длабоки чувства и епитетска накитеност.

Интересно е да се спомене дека Бокачо ја напишал првата биографија за Данте. Животот на Данте и неговата опсесија кон една жена, која никогаш и не била негова жена, останал инспирација особено во последните два века. Ден Браун го создава можеби најпознатиот историски трилер со елементи на заговор „Инферно“.

Но дали љубовта кон Беатриче била единствената причина да потроши две децении на едно дело, кое го работел сѐ до својата смрт? Или имало некој скриен, мрачен мотив да се посвети на скицирање на свет во кој Црквата ги убедувала смртниците дека ќе ја добијат својата возвишеност, купувајќи си искупување и изговори за нејзината наметлива рака на Земјата?

Умира на 56 годишна возраст, после патување во Венеција, познатиот град на каналите, под претпоставка како последица на маларија, далеку од својата родна Фиренца. Закопан е во црквата „San Pier Maggiore“ во градот Равена.

автор: Јована Матевска Атанасова