Боб Дилан-бунтовниот поет кој стана нобеловец

 „Сѐ што можам да направам е да бидам јас, кој и да е тој човек.“

Слушателите го препознаваат како еден од најдобрите кантавтори на сите времиња. Роден на 24 мај 1941 година, бунтовниот поет се приближува до доба на самрак, кога идните генерации ја добиваат мудроста како вродена особина, без макотрпното заложување за културата и квалитетна препознатливост, без протестите и анархичните свирки.

„Дојдете мајки и татковци

низ земјата

И не критикувајте

што не можете да разберете.

Вашите ќерки и синови

се над вашата команда,

вашиот стар пат нагло старее.“

Неговата мисла кревко, но етапно се спојувала до темелен стих. Внесената емоција и срцебиења наместо интерпункција, што кај слушателот предизвикува Барнум ефект, па тој се поистоветува со текстот сметајќи го за кроен по негови лични потреби,се само фрагмент од психолошките димензии на обемното творештвото.

Боб Дилан шест децении комуницира со публиката, на често нејасен, но чисто асоцијативен јазик, со метафори и повеќеслојни стиховни пророштва кои се остваруваат преку субјективниот глас на неговите обожаватели. Експлицитен и бескрупулозен, барем кога станува збор за текст и компарација, создава хостилна атмосфера која колку парадоксално и да звучи е гостопримливо прифатена од публиката. Боб Дилан отклучува механизми кои ги рушат стереотипите на конвенцијалното и застареното.

Таков беше и случајот со најскандалозното доделување на Нобеловата награда во поново време. Кога Академијата се согласи да ги заобиколи браниците кои дотогаш се грижеа да остане во безбедниот колосек на новелизмот и нефикцијата, јавноста и критичарите се поделија на две струи по прашањето. Додека едни ја поздравуваа одлуката на жири комисијата за кршење на строгите норми, другите го осквернавија долгогодишното творештво на рокенрол душата која одбива да порасне.

Спорното доделување се продлабочи до степен на шпекулации дека Дилан нема да ја прими најпрестижната светска награда за еден уметник. Но не би се задржал толку долго на сцената и зад микрофонот, доколку го засегало сечие мислење, нели? Па Дилан го направи тоа што би го направил и наративниот глас во неговите песни, го прегрна успехот со шилците и го пренасочи ваквото сладострасно и горко искуство во албумот „Rough and Rowdy Ways“.

„Себеси се сметам прво за поет, а потоа за музичар. Живеам како поет и би сакал да умрам како поет.“

Критичарите го сметаат овој последен албум, кој излезе минатата година, за пресвртница, со понежно конотирање и рецитирање на она што би се нарекло елоквентен лирски перформанс. Го истражува дуализмот на изборите, музиката и граѓанското право, религијата и војната, љубовта. Суров и суетен? Неговите претходни албуми носеле нишка на бруталност, но овој албум се чини дека и покрај темите кои ги обработува, нималку не соодветствува со насловот. Се согледува интимната атмосфера на домашна изработка, на едно сетилно галење, на гниење на препознатливата палавост, кога се нижат mainstream струите, кои вообичаено ги избегнувал за да украси дело потпишано од негова рака. Но што се случи? Зошто одеднаш Дилан ја менува насоката? Дали е истоштеноста или сознанието дека станал дел од нобеловата верига го вакумира бунтовниот поет во зоната на истороден правец? Како Боб Дилан создал фармерски буги стил и кантри рок, со евтина прозна изведба за растргнатата Америка далеку од холивудската бајка?

„Јас сум како Ана Франк, или Индијана Џонс,

и британските лоши момчиња, Ролинг Стоунс.“

Боб Дилан не е лектира која се чита во еден здив. Потребна е објективност и непристрасност, да се проголта лиричната нота, која понекогаш е толку силно предадена да има функција на поговорка, што донекаде и целосно ја оправдува одлуката за Дилан да стане нобелов лауреат за 2016 година, под образложение дека „создал нов поетски израз во рамките на традиционалната американска песна“. По долгогодишно скитање, Дилан се заседлува на пиедесталот овој пат и овенчан со најголемиот епитет за еден поет, истиот оној поет кој провоцираше преку вулгарности и се обидуваше да вметне еротика во доза на умереност нежно одгледаните поеми.

Со помодарството кое го владее слободниот стих, Дилан и на осумдесетгодишна возраст, успева да ја докаже зачуваноста на уникатниот рокенрол ритам, кој е спој на историјата на златното време на жичената револуција и новата технолошка наобразба.

Но и покрај сите негови алузии за литературата, громовито го насочува пишувањето кон современ масонски наратив по рецептот на Буковски, простодушното и реалното, мекотелното и обичното, во допир со несигурноста ја гради поголемата слика за име и синоним. Ваквата егзистенцијалистичка трагикомедија е најдоброто што му го приуштува Дилан на демократијата, општествена шлаканица за политичките „полубожци“ и културните дејци кои всушност повикуваат на рустична аграрност, обработка на литературата преку призмата на властодржната пропаганда.

Или она што најдобро би го опишало Дилан и сеопштата хистерија:„Некои луѓе го чувствуваат дождот. Други само се наводенуваат.“

автор: Јована Матевска Атанасова