,,Енциклопедија на мртвите” револт кон реалноста револт кон злото , примитивизмот – Одблиску со Срѓан Јаниќевиќ

За почеток ќе направиме еден мал времеплов и ќе ве навратам на вашата прва претстава, која што е всушност претстава за деца -Зрното грашак и принцезата и со оваа претстава ја добивате и вашата прва театарска награда -Гран При на меѓународниот фестивал Бурборак во Бугарија , а веднаш потоа и следува и втората награда на фестивал во Италија. Од оваа голема временска дистанца како денес гледате на овој ваш проект и колкава е одговорноста кога креирате претстава за најискрената публика -децата ?

Реално има уште многу награди таа претстава, ама па кој да ги брои. А и јас не сум нешто многу по наградите. Нема поголема награда од тоа што е веќе две и пол децении на репертоар (сега нормално стагнира) но интересно е дека сум запознал гледачи на претставата кои сега се веќе успешни луѓе кои биле на прамиерата или во првите неколку години од играње на претставата. 

Искрено најлесно ми е кога работам детска претстава. Децата и младите воопшто се ослободени од целиот „товар“ на она што значи театар. Со нив некако секогаш се разбираме најдиректно. Во последните неколку детски претстави дури и намерно ја кревам летвичката на нивната возраст и говорам на театаски јазик кој е прилично метафизички и секогаш без исклучок далеку подобра е комуникацијата со помладите одколку со повозрасните. 

Интересно е тоа што покрај режисерските записи создадовте и драмски текстови кои живееа и живеат на сцената на Македонскиот  народен театар . Една од нив е Купидона , која што добива награда за најдобра претстава на фестивалот Војдан Чернодрински.

Купидона е мој прв драмски текст (или либрето за мјузикл) кој е прилично комплексен. Таа приказна ми стоеше со години и на крај решив да ја напишам иако пред тоа мислев дека никогаш тоа нема да ми се случи. Меѓутоа во еден момент бев охрабрен од еден мој пријател Игор Ќулавковски (кој реално беше и драматург) и многу ми помогна тој мој прв драмски обид да биде успешен. 

Колку е тешко да режирате свој драмски текст и дали можеби ќе читаме и гледаме нов текст од Срџан  ? 🙂

Не знам искрено. Секоја работа е различна барем за мене. И секогаш е процесот како ништо да не си направил пред тоа. Мислиш дека знаеш се за тоа што си го напишал и во еден момент се појавува актерот на проба и гледаш дека ликовите кој ти си ги напишал тој ги познава далеку подобро од тебе. И тоа е убавината на театарот, токму во таа синергија и надополнувања. Меѓутоа имав искуство да два мои текста бидат поставени од други режисери. Нела Витошевиќ ја постави Шехерезада во Франција и ме натера да го напишам она што не го напишав пред да ја поставам и објавам во книга. Направи целосно различна претстава од мојата која беше одлична и многу топло примена од публиката таму. Другата претстава ја работеше Мартин Кочовски на текст кој јас го немав поставено и сеуште не сум го поставил и бев одушевен, иако во ниедна варијанта јас така не го читав текстот. Тоа беа навистина возбудливи доживувања. Да одговорам на второто прашање – не знам дали ќе пишувам уште. Во овој момент не мислам дека тоа ќе се повтори. Ама пак не мислев ни дека некогаш ќе напишам текст, па ете имам седум драми и драматизации на дела.

Вашите театарски претстави се доста препознатливи бидејќи имате свој запис и свој драмски печат . И што е најважно во нив секогаш се слуша гласот на незадоволството во општеството . Обично креирате претстави со модерни текстови и своја екцентричност и автентичност.

Не верувам дека театарот треба да биде забава кога имаш PlayStation. Дури и најбедните холивудски продукции се на некој начин ангажирани. Од друга страна исто не верувам дека театарот треба да биде досаден. А во последно време се почесто гледам некој рециклирана стара естетика која сум ја гледал уште кога сум бил тинејџер. При тоа не мислам на театарот тука, туку глобално. Како три четири естетики и начини на израз да се вртат во круг и се пермутираат, меѓутоа јазикот е истиот. И она што посебно вознемирува е што дури и не се има желба да се прозбори на друг јазик. А јас театарот го сакам токму поради тоа што креира нови јазици, нови физички закони кои функционираат само во таа конкретна претстава. Хемија која вон таа сцена не постои. Чувства кои не си ги доживеал досега. Музиката и особено во последно време на пример телевизијата се далеку поотворени и похрабри кон нов израз, сензибилитет, естетика… Театарот мислам дека се затвори во некоја своја интелектуална чаура. Искрено за тоа многу често сакам да работам претстави за деца. Децата разбираат странски јазици. Брзо и емотивно го примаат јазикот кој им е непознат и симултано уживаат токму во тоа што возрасните не разбирајќи го игнорантски го одбиваат и се дистанцираат. Театар кој не го преиспитува општеството е лош театар. Не може да му поверуваш на тој театар. Па дури и кон „вечните теми“ мора да имаш  директен ангажиран современ однос бидејќи во спротивно се сведува на, јас го нарекувам тоа „сети се снао“ театар. Ја оставаш публиката во својата удобна воајерска позиција дека нешто се случува некаде таму и ја пасивизира нивната општествена одговорност. Снаата нема да се сети. Ќе си го лапне интелектуалното плацебо бомбонче и после: куќа-посо. Од друга страна гледаме исто театар кој се обраќа само на своите „фанови“. Па тие веќе го знаат тоа што си сакал да го кажеш. Како со алогоритмите на facebook и google. Добиваш feed само за тоа што сакаш да го видиш и чуеш. Што ќе ми е таков театар?! 

 Дали некогаш ви доаѓа желба и идеја да го промените правецот и да режирате некој класичен текст како Чехов или Шекспир на пример …со вашата препознатливост и театарски запис ?

Не зависи реално само од мене тоа. Сум го нудел Шекспир во разни театри, но не поминале тие проекти. Молиер исто. Чехов сеуште не. Таму има друг проблем ама за тоа друг пат.

Дали театарот ја има моќта да го подобри светот на подобро?

Не знам дали на светот воопшто му треба театар во моментов. Тоа е една од темите во мојата последна претстава. Кога ќе чујам „ми недостасува театарот“ како на некого да му фали да си ја прошета своја нова тоалета, а не театарот. За жал уметноста не ја антиципираше оваа криза ниту како тема претходно, а уште помалку од кога се случи. А мислам дека требаше барем да се обиде да го редизајнира „новото нормално“. Се сведе на „од што ќе живееме сега?“

Дали сме доволно гласни?

Не. Не знам ни дали треба да си гласен кога има толкава галама околу тебе. Треба да си јасен пред се. 

Зошто треба да постојат алтернативните сцени?

Алтернатива на што е прашањето? Имало неколку алтернативни сцени и згаснале веднаш, а тие што не згаснале веднаш, згаснале веднаш потоа. Комплексно е ова прашање немаме време за тоа сега.

За Силјан Штркот ? 🙂

Сакам да верувам дека на несеризоен начин сериозно ја воспитува младата публика. Дали е така не знам. Имам убаво искуство на истата тема со „Принцезата…“ се надевам дека и „Силјан“ ќе влијае исто така.

Го искреиравте, создадовте и оживеавте ремек делото на Данило Киш. Вечерва во 20 часот ќе се одржи премиерата на претставата “Енциклопедија на мртвите”. Раскажете ми нешто за овој Ваш нов проект

Претставата е посебна поради тоа што се случува во сајбер просторот. Се игра во живо од повеќе локации (дури и од различни градови) и публиката може да ја следи преку видео стрим. Може да коментира и да има интеракција. Бидејќи се игра во живо секоја изведба е посебна и различна како и во театар. Самата претстава „Енцикклопедија на мртвите“ е револтот кон системот, револт кон Бога, револт кон реалноста, револт кон злото, примитивизмот, медиокритетството и конечно – револт кон смртта. Претстава која ја фикционизира реалноста и документира фикцијата. Пред некој ден мојот професор Наум Пановски (кој од кога дозна дека ќе го работам Киш се заинтересира па несебично ми посвети многу време помагајќи ми да го освојам универзумот на Киш) гледаше една од пробите на Енциклопедија и ме праша што од ова е вистина а што фикција. Јас му одговорив веќе ни самиот не знам. Мора да кажам дека имав извонредно спремна и отворена експеримент екипа која го изнесе овој проект храбро со многу хумор и суптилна дрскост. Во претставата играат Ивица Димитријевиќ, Слаѓана Вујошевиќ, Владимир Петровиќ, Долорес Поповиќ и Жарко Јовановиќ. Како специјален гостин во претставата се појавува писателот Александар Прокопиев, со кој имав многу духовита и весела комуникација од која произлегоа многу битни елементи кои се дел од претставата. Драматург на претставата е Ивана Нелковска, кореограф е Александра Кочовска Начева. 

И за крај

Што би им рекле на актерите ?

Уживајте што ви е професија да бидете некој друг. Другиот играјте го секогаш другачие. Не како што еднаш ви успеало, па на ист начин да ги играте другите.

 Предлози :

  Три книги

Уелбек, Киш, Борхес, РР Мартин, Ден Симонс, Бегбеде Маркиз Де Сад итн…

      Еден албум

Pete Josef 

I Rise with the Birds