Величествената опера „АИДА“ Од Џузепе Верди на отворено под ѕвездите

На 31 мај 2021, понеделник со почеток во 20:30 ч. на плоштадот „Мајка Тереза“  на платото пред Националната опера и балет, ќе се изведе операта „АИДА“  од Џузепе Верди, на отворено под ѕвездите.

Ремек делото „Аида“ е една од највеличествените оперски творби во музичката литература. Во музичка смисла „Аида“, според музиколозите е музичко чудо составено од мелодиска убавина и имагинативна оркестрација, накратко триумф на творечката имагинација. Овој пат, заради состојбата со пандемијата и пропратните протоколи, грандиозната „Аида“ е конципирана во поинакво руво, во скратена концертна верзија, со мошне внимателен избор на оркестарски и солистички фрагменти, притоа не нарушувајќи ја главната нитка на содршжинскиот набој.

Диригент е Бисера Чадловска, режисер е Дејан Прошев.

Настапуваат солистите Благица Поп Томова, Зоран Сотиров, Даниела Дјакова од Бугарија, Игор Дурловски, Владимир Саздовски, Марјан Јованоски, Александра Лазаревска Василевски, хорот и оркестарот на Национална опера и балет.

Концерт-мајстор е Верица Ламбевска, одговорен за светло дизајнот e Милчо Александров. Хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска

Настанот ќе се одржи според протоколите предвидени со моменталната состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19 за одржување настани, одобрени од Комисијата за заразни болести. Задолжително е носење на заштитна маска. Во случај на лоши временски услови, можна е промена на датумот на одржување на претставата. Билетите се во строго ограничен број на билетарницата на Националната опера и балет и онлајн на operabalet.mk.