„Срца од цимет“ – повеќе од средношколска приказна

Ова е приказна за тројца најдобри пријатели: онаа што беше убиена, онаа што отиде во затвор и оној што ја бара вистината сите овие години…

Кога ќе слушнете дека станува збор за книга за сериски убиец под насловот „Срца од цимет“ и уште кога на задната корица ќе прочитате за романсата со овој сериски убиец, прво што ви паѓа на памет сигурно е некоја средношколска верзија на приказната за Тед Банди. И иако во „Срца од цимет“ се зборува за згодна средношколка што лудо се заљубува во сериски убиец и како тоа ѝ го уништува животот, во книгата не недостигаат описите на бруталните убиства и сцените на силување, што ја прави книгата многу повеќе од лесно трилерче.

Приказната оди вака: на шеснаесет години, Анџела Вонг – една од најпопуларните девојки во своето училиште – исчезнува без трага. Никогаш никој нема да се посомнева дека нејзината најдобра пријателка е вклучена на кој било начин во убиството. Но не и Кајзер Броди.

Четиринаесет години подоцна, посмртните останки на Анџела Вонг се откриени. Заклучокот е дека и таа е жртва на серискиот убиец што подоцна убил уште најмалку три жени. И кога сите помислуваат дека мистеријата конечно е разрешена, започнуваат да излегуваат на површина длабоко закопани мрачни тајни. Она што се случило таа судбинска ноќ е покомплексно и пострашно отколку што некој би можел да претпостави. Опсесивното минато се враќа во смртоносната сегашност.

Она што е особено интересно е испреплетувањето на различни периоди – средношколскиот период кога се случува убиството, деновите што најдобрата пријателката на жртвата, Џорџина Шо, ги поминува во затвор, како и настаните по нејзиното излегување од затвор, кога се појавуваат новите убиства. Овие различни секции, кои авторката многу вешто ги расплеткува, и сами по себе можат да претставуваат различен роман: првата приказна како љубовна романса од типот на „good girls gone bad“, втората приказна како затворска хроника, а третата како одлично портретиран психолошки трилер.

„Срца од цимет“ е роман што ќе ви остави грутка в грло. Совршена комбинација на загадочни ликови, пикантни детали и пресврти што одземаат здив и френетично ве држат во недоумица сè до експлозивниот крај.

извор: Антолог