Светлана Алексиевич- гласот на страдањата

„За најсилниот споменик на обесправените- зборот“

Светлана Алексиевич (31.05.1948) би претставувала една од мнозината талентирани писатели кои во поново време создаваат впечатлива литература: Водолазкин, Захарин, Солженицин, Јахина. Но нејзиниот богат и доминантен стил ја издвојува од стадото, таа зборува со гласот на изнемоштените и немоќните, своите гласни жици ги приспособува на одекот на колективот, толку нечуен и немоќен, онеспособен да ја повиши сопствената безгласност од стравот. Алексиевич е поборник за вистината, која во Советскиот Сојуз останала уште еден манир на времето кое и не дошло.

Веројатно и таа некаде на животниот пат се соочува и поистоветува со улогата на изгнаник и бегалец, откако нејзиното новинарско перо му боди очи на белорускиот тоталитарен намесник, претседателот Лукашенко. Протерана поради својата слобода на говор, волјата за неизреченото ја обликува во еден талисман кој штом се најде во печатена форма станува непобедлива стенографска биста, без пркосот на невремето и непријателските пропаганди.

Светлана Алексиевич е лауреат на Нобелова награда во 2015 година. Академијата го препознава нејзиниот нов правец, кој е мотивационен хибрид помеѓу новинарскиот рез и умесно подредените зборови низ интерпункцијата, но и храброста да зборува за строго забранети теми или такви на кои преживеаните не им чуваат место во сеќавањата. „За нејзините полифони романи, споменици на страдањето и смелоста во нашето време“, веше официјалната изјава на Академијата.

„Го гледав светот како гласови, како бои, каков што беше. Од книга во книга, се менувам, темите се менуваат, но наративната нишка останува иста. Тоа е наративната нишка на луѓето што ги запознав… Со илјадници гласови што можам да ги создадам – ​​тешко дека би можеле да ја наречете реалност, бидејќи реалноста останува непогодна – слика за моето време, за мојата земја … Сето тоа претставува некаков вид мала енциклопедија, енциклопедија на мојата генерација, на луѓето што дојдов да ги запознаам. Како живееле? Во што верувале? Како умреле и како убивале? И колку тешко ја следеле среќата и не успеале ли да ја фатат? “

Темите кои ги обработува во книгите се потресни сведоштва за најголемите злосторства кои се случиле на Земјата-светските војни, катастрофата на Чернобил, граѓанската безглава послушност. Низ годините собирајќи ги исказите и интервјуата со засегнатите, доаѓа до идеја да ги публикува помеѓу корици. Истражувачкото новинарство е како земена анамнеза за отворање на историја на болен. Ликовите, очевидците во нејзините книги боледуваат од намален нароен имунитет, од закоравен менталитет, прикажан низ „гласовите на утопија“.  Нејзината народна литература е спротивна на социјалистичките струи, впрочем опонентен гласноговорник против режимите , Алексиевич гордо сноси одговорност за изнесеното. Гласот  речиси низ шепот ѝ се слуша низ речениците и исповедите на сонародниците, формирајќи нова реакциона катастрофа. Обесправените, јунаците во нејзините книги едногласно се залагаат за „отворено око наместо око наполнето со солзи“, паралелно повлекувајќи го зборот поради вечната беда на Антите( северните словенски племиња од кои се верува дека настанале и руските народи).

„Кога би погледнале назад, кон историјата на нашата држава, и советскиот и пост-советскиот период, забележувате дека станува збор за гроб, oгромна крвна бања- вечен дијалог помеѓу егзекуторите и жртвите. Проколнатото руско прашање: што треба да се направи и кој е виновен.Револуцијата, гулазите, Втората светска војна, Советско-авганистанската војна скриена од народот, падот на големата империја, падот на џиновската социјалистичка земја, земјата утопија, а сега и предизвик од космичка димензија-Чернобил. Ова е предизвик на секое живо битие на Земјата. Како што е и нашата историја. А ова е и тема на моите книги, ова е мојот пат, моите кругови до Пеколот, од човек до човек. “

„Чернобилска молитва“

Расказ за народот поделен помеѓу ерата на атомот и ерата на лопатата. Ако очекувате експлицитни детали за тоа што се случило ноќта на 26 април 1986 и дали хаваријата била дело на непромисленост на Дјатлов или техничка неспремност, Алексиевич зборува додека другите молчат за дволичниот комунистички систем, кој ја ставал Партијата над човечкиот живот.

 Низ редовите на нејзината книга ќе посведочите на поголемо злосторство од екплозијата на реакторот-суетата на Советскиот Сојуз, жртвувањето на младината која истовремено ја залажуваат со бајкопоен хероизам, додека ја исползуваат како винт за затнување на пропуштените системски хемикалии. За откоренувањето на староседелците, за огромните девијации сторени врз светот на природата, сѐ се тоа потресни слики за првпат раскажани гласно, низ устите на чернобилците, кои подоцна се третирани со стигма, со страв, со отуѓување и гадење по сѐ што претргале за доброто на целата нација… Непосредно по несреќата било забрането да се зборува за последиците. Селаните, најблиското помеѓу човекот и природата, кои сиот живот ја уважувале со почит, се оставени во мракот на сопственото убедување дека невидливата војна е и непостоечка, но и молкот на надредените, ликвидаторите, меѓу кои академици и научници, кои поткаснуваат усни кога ќе ги заглода моралната сенка одвнатре. Татковината пред вистината.

 Во 1993 година во Белорусија биле извршени дури 200 000 абортуси што е статистичка бројка која правопропорционално го покажува стравот, но и подоцнежната увереност дека радијацијата е непријател, иако невидлив, силен и разорен.

Се верува дека Чернобил претставува последното обележје кое го урнало комунизмот. Капката која ја прелила чашата. Луѓето соочени со распадот на федеративниот систем, но и распадот на сопствениот интегритет, на телесната маса, започнале да се будат, настрана, подредувајќи ги нормите на закрепостеност и сетилна абулија.

        Чернобилецот зад себе ги оставил спомените, се одрекол од суштината, радијацијата не претставувала  физички пропуст и подвиг на природата против природата, таа го менувала човекот, генетски и ментално, луѓето биле принудени да се родат одново, да заборават на пустошот, да закрепнат за ново парче земја кое се надевале дека нема да ги изневери како дотогашното. А несвесно копнееле по широките ливади, по шумските ежиња и зеленчуковите расади, по бобинките црвени како крв, по завивањето на дивината и шумолењето на јасиките, на фонот оставен да ‘рѓосува и да се адаптира на новото нормално,средина во која радијацијата се покажала дека е помилосрдна од човечкиот ум. Барем за животинскиот свет.

„Војната нема женско лице“

 Во принцип, за жените во текот на војните малку се раскажува. Освен срцепарателните сцени кога го дочекуваат, или не, сопругот да се врати дома по завршувањето на огнените пресметки. Сместени вон жариштето на случувањата се изоставени од пофалбите и ордените, од поголемата слика за жртвите кои ги давале далеку од фронтот и очите на јавноста, фотографските леќи и објективи. Нивните имиња се ретко споменувани помеѓу листите на паднатите борци и признанијата на воени ветерани, затоа што стереотипите ги поместуваат границите на осознавањето: како може една жена да носи ген на бесмртност, додека тука е мажот?

Но од друга страна, жените се раѓаат со инстинкт повеќе во нивниот биолошки код, кој докажано ослободува натприродна енергија, забележителен и кај останатите животни примати: мајчинството, со тоа, заштитничката улога и непредвидливата одранбеност кога ќе се најдат во опасност. Жената може да ги предвиди и тектонските движења кога ќе се соочи со стравот да го загуби атомот на своето постоење, потребата да биде некому потребна. Алексиевич, и самата дел од повоените фракции за сѐнародно ослободување, ги воздигнува жените на пиедестал, хероините како Лудмила Павличенко, кои останале анонимни, да го чистат и светнуваат позлатениот прибор за јадење, наместо заслужениот медал.

Овие натчовечки подвизи на понежниот пол, кој претрпува поголема болка во животот и умира десетици пати во текот на еден животен век, се незабележани сентименти на дискриминирачката синусоида, иако повеќе од еден милион жени се бореле на страната на Црвената армија.

Сексуално вознемирување, мизогинија и шовинизам, потчинетост и чувство на неадекватност, неприпаѓање, се само дел од ситуациите кои ги затекнувале жените додека учеле да ракуваат со полуавтоматските пушки. Колку пати жената капитулирала пред моќта на мажот? Во војните кои завршиле, останува една што продолжува во романот на Алексиевич, дури и по точката… Нерамноправноста.

автор: Јована Матевска Атанасова