60 години “Мирно лето”

Кинотека јубилејно ќе го прикаже филмот на кој се смееја до солзи многу генерации. Проекцијата е закажана за 11 јуни во 20:00 часот. Влезот е бесплатен.

Што ја поврзува модерната кинематографија со раните обиди на нашите истакнати режисери? Ова прашање ќе го постави Кинотека преку проектори и големо платно, а ваша задача е да го одгатнете одговорот, кој веруваме ќе биде проследен со незауздана смеа и носталгија по времињата кога низ улиците крстосуваа старите Форд автомобили, кога се одгледуваа строгите манири на граѓанството и дамите се шетаа со раскошните тоалети прегрнати околу нивните витки, но женствени облини. Таму под жешкото охридско сонце, каде се заловуваше сочната пастрмка и се пееја најубавите староградски песни, во градот на просветителот Климент Охридски, Димитрие Османли решава да го смести режисерското столче и да создаде дело кое ќе им пркоси и на снимките во боја.

„Мирно лето“ останува споменик на југотопијата, со избрана актерска елита: Љупка Џундева, Мери Бошкова, Петре Прличко, Дарко Дамевски, Илија Милчин, Слободан Перовиќ, Илија Џуваленковски. Димитрие, кој инаку е и првиот македонски дипломиран режисер во државата, прецизно ги оркестрирал улогите на ликовите, создавајќи хаос на филмското платно кој предизвикува чувство на претопување со мирното лето кое брачниот пар Мисевски не може да го дочека.

Низ кадрите на искусниот режисер ќе ги доловите и црквата Канео, плажата Сараиште, изгледот на хотелот Палас пред повеќе од половина век … Филмот е неверојатно моќен калеидоскоп кон минатото и претставува голема штета да не се посвети целосно внимание гледајќи го барем еднаш. По кино-прикажувањето на првиот игран филм режиран од македонски режисер, за само четири дена, со него се поврзува бројка, која за тогашните услови била рекордна, околу 17 000 гледачи.

Филмот пулсира со обележјата на минатиот век и федеративната совест. Османли одлично ја доловил топлината и близината на луѓето, врските помеѓу општествените ентитети, но и потребата еден млад брачен пар да го добие своето време и мир, запознавајќи нè поблиску со ставовите на тогашната социјала, на бурниот живот на академик кој копнее по тишина за да ја допише докторската дисертација. Но тука е доволно да запреме со излагањето, со оглед на тоа дека го контактиравме г-н Томислав Османли, синот на покојниот режисер, таткото на „Мирно лето“. Томислав Османли ни даде опширен одговор, со експанзивна критичка вредност, продуктивен и исцрпен, па затоа го предаваме ова парче естетика доживеано од непосредност.

Елементал: Какви спомени ве поврзуваат со ремек-делото на вашиот татко, филмот „Мирно лето“? Кога би се свртиле критички кон истото, како би го доловиле овој феномен, кој претставува еден од првите обиди во македонската кинематографија за модерна комедија, подалеку од урнебесните народни приказни? Дали денес го перцепирате филмот низ поинакви филтри, емотивни бои, со поинакви очи?

Томислав Османли: „Мирно лето“ е веројатно нашиот најгледан филм на сите времиња, ако се има предвид колку пати во, текот на годините, филмот го вртат националните телевизии … Колку чествувања му направија пред сè македонската, но и југословенската Кинотека (2006) и Домот на културата „Вук Караџиќ“ (2009) во Белград на проекции со кои с ечествуваше делото на режисерто Димитрие Османли, колку пати свечено бил прикажуван по нашите филмски и други културни манифестации, од „Охридско лето“ (2011) и „Битолско лето“ (2012), преку „Астерфест“ во Струмица (2014) и 11. Филозофски филмски фестивал (2017) кој беше отворен токму со проекцијата на филмот „Мирно лето … Веќе е општо место дека „Мирно лето“ се доживува како дело со обновлива енергија и еден вид трајна младост зашто таа младост, ентузијазам, осончаност, таа радост на едно поинакво време ја фиксирал во топла, духовита, урбана и воедно многу наша комедија на карактери, на менталитет, на ситуации – и на сјајни актерски креации.

Тој е една жанровска и воопшто кинематографска парадигма по себе, како филмско дело, но и парадигма на многубројните инспирации и разнородни реферирања: со одломките инсертирани во бројни емисии, сцените-цитати кон филмот во претставата на Б. Брезовец на големата сцена на МНТ, на свој начин и на песната на В. Стефановски „Мирно лето охридско“, и во бројните објави што го реактуелизираат стилот на филмот, духот на времето, звуците на урбаната современост, актерските квалитети, режисерската постапка на „Мирно лето“ … Таа обновлива и реферирачка свежа енергија, мислам дека не потекнува само од жанрот на филмот кој е, нели, нашата прва филмска комедија, туку понапред од тоа што „Мирно лето“ беше пионерски филм на еден ослободен, фриволен однос кон филмскиот наратив, кој – под влијанието на советската филмска школа – до тогаш, а и потоа, го карактеризираа херојски теми и ликови импостации, тешки драмски ситуации, историски и идеолошки пораки. „Летото“ е нашата насмевната филмска слика во време на сериозните колективни слики кои доминираа во пролетта на југословенскиот филм. Веднаш да кажам, добар дел од тие филмови со историски теми се вистински ремек-дела на тематиката, на психологизмот и на кинестетиката и заслужуваат секаков респект.

Сепак, во однос на таа естетика „Мирно лето“ ја постави онаа својата: современа, лирична и – сосем урбана. Таа го изрази духот на новото време и на неоптеретениот филмски пристап. Во таа смисла „Мирно лето“ е еден вид „иконокластички“ филм зашто ги пренебрегна историските икони со сериозни пораки и се нурна во свежите води на современоста во чиј свет дејствува една обична младост, лирични љубови, снаоѓања, бонвиванство, ситни пороци, занеси од создавање културни проекти, традиционални вредности, создавање нови проекти … така лесно и пријатно изведени преку галеријата од интелектуалци, артисти, млади луѓе од новото, и луѓе од народот од некое претходно време кои ги оживуваат нашите наголеми актерски имиња: Илија Џувалековски, Љупка Џундева, Петре Прличко, Илија Милчин, Мери Бошкова, Ацо Јовановски, Стојка Цекова, Дарко Дамески, Димитар Ќостаров … сјајно доловени преку маестралната камера на Љубе Петковски … и на мајсторски обликуваните – карактерно разнородни, воедно колоритни – дијалози на нашиот истакнат драмски писател Коле Чашуле! Колку што знам, не било лесно да се издржат притисоците на кои таа иконокластика на фриволноста и на една нова тема, жанр и естетика, наишла кај некои моќници од времето во чии видокрузи биле сериозни теми и наративи … па филмот на почеток бил проследуван и со резерви од официјални места. Но не од сите: поддршка му дале личности како Лазар Колишевски и особено Мито Хаџивасилев Јасмин и самосвојни критичари како во рецензијата излезена од перото на бардот на македонското новинарство Бранко Заревски во „Нова Македонија“, потоа и на редица осврти анализи и критички согледувања во текот на годините. Но најзначајната, била поддршката од публиката; илјадите гледачи од македонските кина до пулската арена каде што бил прикажан со голем успех и со повремени аплаузи на масовното гледалиште, кое филмот го гледа со искрено задоволство, еве сè до денес …

Долготрајниот феномен на „Мирно лето“ кој годинава ја заокружува својата шеста деценија постоење, а не престанува да биде атрактивен и за новите генерации, е во тоа што постојано потсетува на едно време неоптоварено со меркантилност и еготизам, и што претставува урбана, лирска, заводлива кинестетична насмевка и осончана расположба; убава носталгија по вредности што се неизбришливо забележани на филмското платно.

„Мирно лето“ е трајна вредност зашто го претставува сето она што сè повеќе ни недостасува во новата реалност.