Најдобрите скандинавски трилери од Антолог (3)

Смеата на галебите –Кристина Марија Балдурсдотир

Goodreads: 3,78
Земја: Исланд

Дека на Исланѓаните им нема рамни во кроењето на збунувачки сценарија, доказ е и црната комедија, која колку ги интригираше читателите, толку имаше својство на ….

Во приказната сместена во 1950 година, во периферијата на Рејкјавик, некогашно Хафнафјодур(родното место на авторката) се зборува за една фатална жена која од живописниот Исланд се преселила во градот на високи облакодери и висока мода, Њујорк.  Кога таа се враќа во родното село без својот сопруг Американец, инаку армиски офицер, селаните започнуваат да се сомневаат  и да раскажуваат, да гледаат во неа со осуда. Но нивните проценки не се чисти стереотипи, туку се поттикнати од амбивалентните и контрадикторни верзиите кои ги раскажува. Се чини како некоја севишна сила да навлегува во нејзе, или можеби менталната навигација потфрлила . Жената блада и наскоро се создава круг околу нејзе проследен со црн хумор, ривалство и вечен женски натпревар.

Според книгата е работен и филм од 2001 година, во режија на Агуст Гудмундсон, со IMDb оцена од 6.8/10.

Хотел тишина- Ојдур Ава Олафсдотир

Goodreads: 3,82
Земја: Исланд

Книгата ја доби Исландската награда за литература во 2016, а подоцна беше изгласан и за најдобар исландски роман од страна на Исландската Асоцијација на издавачите.

Јонас чувствува дека неговиот живот е завршен. Бракот кој досега се држел на стаклени нозе конечно се скршил, мајка му навлегува сѐ подлабоко во темните ходници на деменцијата, а ќерка му се отуѓува од него како во нивните вени да тече различна крв. Решен да стави крај на измачувањето, не на кукавички начин, зашто никогаш себеси не се доживувал како подлец, купува карта во еден правец во некоја земја која е опустошена од човечката снага за докажување на машкоста, каде војната безмалку ќе посегне по животот негов, наместо тој самиот. Но стигнувајќи во „Хотел Тишина“ тој како да го наоѓа парчето душа кое се отцепило од него во текот на долгогодишното страдање. Како што поминуваат деновите, поминува и неговата егзистенцијална криза, и сѐ повеќе развластува идејата дека животот е создаден за втори шанси. Во хотелот, во геометријата која ја создаваат неговите распаднати ѕидови, дотраена дограма и мувла како тапесерија, се отвора неочекувана можност која нуди дихотомија: земи или остави.

Ловци на фазани-Јуси Адлер-Олсен

Goodreads: 3,89
Земја: Данска

Втората книга од серијалот за инспекторот Морк, познат и под „Секторот Q“, oтвора случај во кој се вклучени и децата на најбогатите семејства во Данска. Инспекторот Морк, и покрај лабилниот карактер, е брилијантен детектив, па затоа е назначен за поглавар на домот на најладните случаи во Копенхаген.

Иако новиот случај е стар околу дваесеттина година, тоа не претставува пречка за стабилната сетилност на Морк, кога станува збор за следење на остинати траги. Со училиштето на градската елита се поврзуваат перверзии на сексуалниот апетит, не е тајна дека учениците безглаво се вклучуваат во настрани и брутални оргии. Откако се случиле убиствата, понатамошната истрага била спречена од  повисоките внатрешни органи на системот на правдата. Но за Морк токму овој факт претставува афродизијак, и нурнува длабоко во минатото за да ја изведе правдата на виделина.

Според серијалот на Олсен, кој моментално претставува број еден скандинавски писател, е снимен и серијал за „Секторот Q“ работен според неговите дела. Конкретно книгата „Ловци на фазани“ ја добива својата екранизација под името „Тhe absent one“, со IMDb оцена од 7.1/10.

Ослободување-Ирса Сигурдардотир

Goodreads: 3,92
ЗЕмја: Исланд

Со блиска оценка на Goodreads се најдоа три дела на Ирса, рангирани од петто до трето место, информација која е доволна да ја потврди нејзината експанзивна писателска кариера. „Ослободување“ е последното преведено дело кај нас, а трето од трилогијата „Детската куќа“.

Во најновото остварување успешниот писател во Ирса успеел да предвиде уште поуспешен роман, така што е вметната една мошне актуелна тема кај младите особено, социјалните мрежи. На Snapchat се појавува видео на девојка која моли за помилување и прошка. Кога полицијата го наоѓа нејзиното тело, означено е со бројот два. Детективор Хулдар во хајка со детскиот психолог Фреја, започнуваат да го ловат серискиот убиец, кој како го зголемува бројот на жртвите, така го воздигнува поривот за смрт кој нему му дава една ослободителна сатисфакција, речиси како при животинско парење. Опсежната истрага покажува дека и жртвите не биле невини како што се претставувале пред јавноста, повторно преку социјалните мрежи и дека веројатно ловот е организиран од некаков настан со навредлива содржина кој убиецот не успеал да го надмине. Но дали некој е виновен до толкав степен да биде погубен за своите грешки, знаејќи дека секој човек, како што имплицирал познатиот психоаналитичар Карл Јунг, има своја мрачна страна, позната и како сенка?

автор: Јована Матевска Атанасова