„Вознемирени луѓе“ – книга што ќе ве расплаче и ќе ве насмее

Приказна со комични и трогателни настани, која сигурно ќе ги задоволи фановите на Бакман.

Осум луѓе неочекувано стануваат пријатели за време на грабеж креиран од неискусен ограбувач.

Во мало гратче во Шведска, очаен родител се решава да ограби банка за да може да си ја плати киријата. За жал, целта испаѓа дека е безготовинска банка, што значи дека воопшто не е локација за грабеж. Во обид да ѝ избега на полицијата, невообичаениот сторител влетува во блиската зграда и прекинува презентација на стан за продажба, држејќи ги како заложници сите потенцијални купувачи на станот. Откако целата оваа ситуација ќе заврши со исчезнување на ограбувачот и крв на килимот, полицискиот тандем од татко и син ќе се обиде да го реши случајот преку интервјуа со сведоците: откачената агентка за недвижности; постар брачен пар што реновира и препродава станови чисто за побрзо да минува времето; пар лезбијки што го очекуваат првото дете; добро ситуирана жена што ја интересира само глетката од балконот кон еден мост од непроценливо значење за нејзиниот живот; постара жена на која очајно ѝ недостига сопругот, особено за време на новогодишните празници; и, апсурдно, актер облечен како зајак ангажиран да ја наруши презентацијата и со тоа да ја спушти цената на станот.

Најновиот роман на Бакман се фокусира на тоа како еден заеднички споделен настан може да го смени курсот на животите на различни луѓе, дури и во периоди на длабока и долга вознемиреност.

Потресен и шармантен роман за злосторство што никогаш не се случило, потенцијален разбојник и осуммина крајно вознемирени странци, кои сметаат дека имаат повеќе заедничко отколку што замислувале.

Полна хумор и емпатија, „Вознемирени луѓе“ е генијално конструирана приказна за трајната моќ на пријателството, простувањето и надежта –  нештата што нè спасуваат дури и во немирни времиња.

Само шест гласови ја делеа најновата книга на омилениот Фредрик Бакман од победничкото место на „Goodreads choice awards“ во категоријата „Најдобра прозна книга за 2020 година“. Наскоро и – ТВ-серија на Netflix.

извор: Антолог