„Ноќта кога ја убив месечината“- За смртта и нејзините колокации

„…Колку длабоко долу е горе?“

Камерната претстава секогаш е поголемо и непредвидливо доживување, можеби затоа што публиката сраснува со сцената, чувствувајќи се себеси како уште еден сценографски орнамент, артефакт. Но „Ноќта кога ја убив месечината“ беше исклучок на секое досегашно правило, затоа што, таму, на штиците кои живот значат, публиката не важеше за ентериер на мртвата природа, туку пулсираше и дишеше, се смееше, во функција на клетки на една необична размена на материи:  успешна трансплантација на актерите во делото и целосното внимание на публиката .

Тензијата речиси се пресликуваше од гримасите на глумците во зениците на гледачите, извонредно оркестриран настап, истовремено и предвиден кога на програмата се појавија имињата на изведувачите, настап каков можат да предадат Ѓорѓиевски и Копања. Нивната квалитетна дијалошка изведба ги мелеше инстинктите во театрален аутпут со неочекувани размери.

Направена по книжевен нацрт на Лорен ван Велтер, архитектирана од Ѓорѓиевски, по упатства на Копања, со темелна поддршка на Светозарев, ова седмо театарско чудо заслужува да биде вброено во листата на задолжителна градска, културна обиколка за претстојната сезона.

Интензивно, динамично, феноменално, со тектонските движења кај ликовите се дрмаше и сцената, но и неизвесноста, собрана во шекспиров дериват: Ќе биде или не?

АЗ и БУ, различни како сонцето и месечината, се неуспешни самоубијци. Едниот со нешто поплодна кариера, другиот аматер, новајлија во смртоносната определба, случајно се состануваат на мостот. Наскоро, непријателската вибрација прераснува во психотерапевтски подиум. Како што се разденува така стануваат јасни и нивните мотиви.

Психолошки дисекцирано, со влог до последна сламка енергија, само така може да се опише бравурозниот настап на обете актерски аури, кои за нас присутните, создадоа осветлен ноќен свод како и оној што сведочеше на злосторот на нивните проекции.  Лудилото и коктелот емоции, контрастот на ноќта која ги отсликува сенковитите пориви на битието, се пенеа низ суптилно предадениот конец на сатирата. Сочувството кон судбината на несреќниот богат човек и очајно заљубениот синдикалец, и двајцата подложни на перверзната моќ на самоповредувањето, испаруваше од концизно скроените наметки под кои Ѓорѓиевски и Копања беа влегле.

Вибрацијата која ја дава живо отсвирениот акорд е експериментална варијабла која докажува дека симултано скроената музика ја редимензионира претставата до степен на сетилна гравитација. Како се подигаа штитовите и оградата, стана јасно дека публиката ќе си замине со факторот на изненадување, уште една егзистенцијална тема за контемплациона анализа.

Комплексно доловени емоции, автентичен жиг отпечатен од глумата на дуото, абуличен и антагоничен амбиент, претставени низ маската на танатичкиот поттик, латентниот нагон за смртта, наследствен дефект во генетскиот код. И за крај, дали она што денес те спасува утре ќе те убие? На колку повици, смртта е трпелива да не одговори? Колку длабоко долу е нечие горе? А можеби и обратно, во зависност од улогата на ангелот или ѓаволот кој танцува по земјата, сокриен во човечка телесност.

автор: Јована Матевска Атанасова